Локално

Александар Чатлески: Не ни помислуваме да го намалиме бројот на вработени

17 апр 2020

Уште од средината на март, кога беше јасно дека вирусот ќе заземе широки размери и ќе го наруши нормалното живеење и работење, „Прилепска пиварница“ презеде сериозни мерки за реорганизација на целокупното работење, истакнува Александар Чатлески, бренд-менаџер и претседател на Надзорниот одбор на пиварницата, во мини-интервјуто за InStore.

Разговараше: Данче Драгиноваdanche@instore.mk

Наврши еден месец од кога се затворени рестораните, кафе-баровите и другите угостителски објекти на територијата низ цела Македонија. Како тоа се одрази врз вашата работа, што значи тоа за вас како компанија и за вработените?

Никој не очекуваше дека ситуацијата со вирусот Ковид-19, која нè зафати не само нас, туку и целиот свет, ќе биде од толкави размери што ќе ни го промени начинот на живеење и функционирање. Откако се увиде дека станува збор за сериозна ситуација поради која беше прогласена и пандемија на светско ниво, секоја држава почна да презема соодветни мерки. Една од првите мерки што беше донесена кај нас, беше затворање на хорека-каналот како место каде што овој вирус има голем потенцијал на брзо ширење и пренесување.

Хорека-каналот, како што обично скратено го нарекуваме, претставува сериозен канал на продажба кој има значително влијание во нашето работење и функционирање. Нефункционирањето на хорека како канал на продажба, очекувано се одрази негативно во работењето, односно предизвикан е пад на продажбата на пиво, безалкохолни пијалаци и вода, кои како производи ги нудиме во нашето портфолио. Тимовите што беа одговорни во хорека-каналот веднаш беа повлечени од терен и им беа дадени други работни задачи во рамките на нашата компанија.

Сите наши вработени се наша грижа и без разлика на ситуацијата која во моментов не е ни малку сјајна, ние како компанија воопшто не помислуваме на намалување на бројот на вработените. Сигурно дека и другите компании што нудеа и продаваа жестоки пијалаци или различни видови кафиња, сега имаат негативни резултати од неработењето на овој канал на продажба. Сепак, најтешките последици ги трпат сопствениците на објектите и нивните вработени.

За разлика од хорека-секторот, продажбата на пива во маркетите се зголемува. Колку, според вашите пресметки, се зголеми консумацијата во домашни, вонредни услови во текот на изминатиот месец?

Продажбата на пива во маркетите продолжи и не дојде до никаков прекин како во секторот хорека. Продажбата во маркетите се одвива со скратено работно време, соодветно на полицискиот час предвиден од државата. Впечатокот е дека маркетите добро ја организираат продажбата во своите објекти, приспособувајќи се на целата ситуација, додека за резултатите ќе се стрпиме да поминат празниците и потоа ќе може да направиме анализа дали продажбата на пива е зголемена или не. Во услови кога немаме социјален момент, односно можностите за дружење меѓу луѓето се  временски ограничени, нормално не може да се очекува дека продажбата на пива во маркетите ќе биде зголемена. Сепак, најважно е целата ситуација да се нормализира и да се создадат услови за нормално функционирање во сите сфери.

Како ја организиравте работата и како го поминавте првиот викенд во целосен полициски час во земјава и што очекувате од овој, велигденскиот, кој ќе трае 85 часа?

Уште од средината на март, кога веќе беше јасно дека вирусот ќе заземе широки размери и ќе го наруши нормалното живеење и работење, ние како компанија, презедовме сериозни мерки за реорганизација на целокупното работење. Мерките предвидени од Владата за безбедност на вработените се применуваат уште веднаш откако беа донесени, а секој сектор на свој начин се реорганизира во своето работење. Главната цел при оваа реорганизација е со минимален број на вработени да не се наруши тековното работење.

Годинава е јасно дека Велигден сите ќе го слават во рамките на семејството и во своите домови, што не беше случај во изминативе години.

Што сакате да истакнете или апелирате?

Би истакнал дека сега е најважно да ги почитуваме мерките што се на сила, бидејќи се за доброто на сите нас, да си посакаме здравје, трпение и верба дека сите заедно ќе ја надминеме оваа ситуација и многу скоро ќе разговараме за повесели теми во животот.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...