Анализи

Инсајдер ИД: Ковид-19 – можност или бариера за економиите во развој, четврти дел

28 апр 2020

Истражувачката агенција „Инсајдер ИД“ направи анализа на последиците и предизиците што ги носи кризата предизвикана од пандемијата со Ковид-19. InStore во пет продолженија ја објавува целата анализа, која се осврнува на појаснување на кризата, дефинирање на трендовите од кризата, ефектот врз бизнисот и проактивното поставување, професионални менаџерски тимови за управување од повеќе компании и кластери и конзорциуми како начин на подобрување на работењето.

ПОЈАСНУВАЊЕ НА КРИЗАТА

ДЕФИНИРАЊЕ НА ТРЕНДОВИТЕ ОД КРИЗАТА

ЕФЕКТ ВРЗ БИЗНИСОТ И ПРОАКТИВНО ПОСТАВУВАЊЕ

ПРОФЕСИОНАЛНИ МЕНАЏЕРСКИ ТИМОВИ ЗА УПРАВУВАЊЕ СОСТАВЕНИ ОД ПОВЕЌЕ КОМПАНИИ

Активност, која е возможна за реализација и на краток рок, е креирањето на интра-менаџерски тимови за управување од повеќе компании, односно креирање на неформални управни одбори, кои наместо со една би управувале со повеќе компании од повеќе различни сегменти. Иницијално идејата за креирање на управувачки тим, кој ќе работи надвор од рамките на малата/средната компанија во култури како балканските, е многу напредна, но кризата директно го потенцира недостигот од соодветно професионално управување во компаниите. Бидејќи малите и средните компании најчесто немаат финансиски средства да платат голем број консултанти или борд на директори, наједноставно решение (кое може да биде и поефективно од интерен борд на директори доколку е соодветно организиран) е да се креира неформален менаџерски тим, кој би имал двострана придобивка (секој член со неговата компанија) во професионалното управување на бизнисот.

Всушност, менаџерскиот тим треба да биде составен од компании (претставници) што ќе имаат двостран интерес. Секој бизнис што е дел од тој тим, освен што ќе помогне во водењето на другите бизниси, треба да го презентира и својот и да има придобивка и за сопствената компанија од аспект на подобрување и професионализација на сопственото управување.

Компаниите што не ја прифаќаат алтернативата да креираат менаџерски тимови со други компании, можат интерно да креираат тим од надворешни експерти во различни области, кои повторно би ги користеле како менаџерски тим за подигнување на професионалноста и начинот на работење.

Друга алтернатива е трета компанија да го состави менаџерскиот тим и да ги координира сите други, со изработка на генерални годишни планови и средби за другите компании, како и да ги следи перформансите на секоја компанија поединечно, со задавање краткорочни и среднорочни цели за унапредување на работењето.

Без разлика дали компанијата ќе одлучи да креира менаџерски тим со други компании, да се развива интерно или ќе ангажира трета компанија да го организира целиот процес, во продолжение се зададени чекорите за успешно развивање и имплементација на даденото решение:

Дефинирање на делокруг од активности и цели на тимот. Од голема важност е за која цел ќе биде претставен тимот во компанијата и во кој опсег ќе работи. Најсоодветно е  тимот да биде вклучен во стратегиското планирање на компанијата, односно за воспоставување на долгорочните и на краткорочните планови, за да може да ја следи нивната имплементација, реализација и корективни мерки.

Дефинирање на профилот на соработници што би членувале. Вториот чекор е дефинирање на профилот што би го имале членовите на менаџерскиот тим, кои соодветно ќе одговорат на исполнувањето на основниот делокруг на активностите и целите. Потребно е да се изберат професионалци во областите што пред сè, управуваат формално и професионално со бизнисот, за да се овозможи преземање и имплементација на нивното знаење во сите компании.

Дефинирање на обврски и правила за работа на тимот. Трета активност е утврдување на обврските што ќе ги има секој член од тимот и правилата на работа. Всушност, во овој чекор треба да се определи до кој степен е дозволено инволвирање на менаџерскиот тим во секојдневното работење на компаниите и кои ќе бидат неговите надлежности. Исто така, потребно е да се дефинираат и правилата што ќе важат за менаџерските тимови и што доколку некој од членовите не ги почитува.

Дефинирање на план на работење. Ќе ги опфаќа конкретните активности, со временски рокови за исполнување и резултати што се очекуваат од секоја поединечна активност. Исто така, ќе опфаќа и број на средби што би се организирале, теми на состаноци, акциски планови и слично.

Контролни механизми. Како и во секој систем, потребно е дефинирање на контролните механизми за потврда дека менаџерскиот тим ги исполнува очекувањата за тоа за што е создаден.

Сето наведено, дополнето со неформални средби, на кои би се презентирале идните бизнис-активности, стратегиите, плановите и организацијата на заеднички обуки меѓу компаниите од надворешни и внатрешни професионалци, може да ја унапреди соработката и да резултира со формално здружување на компаниите, што е следната обработена можност како начин на здружување.

(продолжува...)

Инсајдер ИД“ е специјализирана агенција за истражување и стратегиски консалтинг. Е-пошта: info@insider.mk, тел.: +389 71 210 471



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 


Слична содржина



Тони Дурам: 5 чекори што треба да ги преземете сега

29 апр 2020

Керни: Подем на FMCG-компаниите на следната генерација

29 апр 2020

Еуромонитор: Tипови потрошувачи и како да ги придобиете

29 апр 2020

Еуромонитор: Што, кога и како се купува?

29 апр 2020

Керни: Како генерацијата Z влијае врз малопродажбата?

29 апр 2020

Делоит: Во ек на двојната криза

29 апр 2020
Вчитува уште новости...