Аугментираната реалност, која може да се манифестира на различни начини – од екрани и монитори до рачни уреди и очила, ќе биде еден од клучните двигатели за партнерства меѓу трговците и брендовите.
Автор: Тоби Пикард, раководител за иновации и за трендови, ИГД
Индустријата за храна и стоки за широка потрошувачка отсекогаш била со брз чекор и бргу прифаќала нови и возбудливи технологии што имаат потенцијал да им го направат поедноставен животот на купувачите.
Една од најновите технологии што го „погодува“ секторот е аугментираната или проширена реалност (АР, AR – Augmented Reality), чија популарност значително се зголемува во последниве години. Таа се опишува како подобрена верзија на реалноста, комбинација на виртуелната и реалната околина. Притоа, директната или индиректната перцепција на физичкото опкружување е засилена со компјутерски генерирани слики за реалниот свет, што доведува до зголемена перцепција на реалноста.
Популарна кај потрошувачите
Според агенцијата „Гартнер“, се прогнозира дека 100 милиони потрошувачи ќе купуваат со помош на АР преку интернет или во физичките продавници до 2020 година. Имајќи го предвид фактот што глобалната потрошувачка на мобилни телефони во 2018 година изнесуваше 101 милијарда долари (според глобалниот дигитален извештај на медиумска компанија „We Are Social“), АР претставува значителна можност за секторот за храна и за широка потрошувачка.
Со оглед на зголемениот број корисници и користењето на паметните телефони, технологијата 5Г претставува можност за забрзување на усвојувањето на АР за потрошувачите и за купувачите. АР, која може да се манифестира на различни начини – од екрани и монитори до рачни уреди и очила, ќе биде еден од клучните двигатели за партнерства меѓу трговците и брендовите во настојувањата да го направат купувањето поедноставно и поперсонализирано.
Како изгледа АР?
Постојат неколку различни видови АР, од кои секој има цел да реши делумно различни прашања со делумно различни апликации. Сите нема да бидат применливи во малопродажбата или во производството, но нивните можности се зголемуваат.
АР базирана на маркери
АР што се заснова на препознавање маркери (marker-based) или трагачи се нарекува и препознавање на слика или АР базирана на препознавање. Камерите вградени во АР-уредот читаат QR или дводимензионални кодови (2D) и му даваат повратни резултати на корисникот. Ова е веќе прилично честа употреба, но не е многу флексибилна поради неопходноста од маркер.
Трговците на мало и доставувачите веќе експериментираат со аугментираната реалност, истражувајќи како можат да придонесат за подобрување на купувачкото искуство и квалитетот на животот на потрошувачот.
АР што не користи маркери
Аугментираната реалност што не користи маркери (markerless) е позната и како АР базирана на локација. Овој вид користи комбинација од системи со камери и сензори за прецизно откривање и мапирање на животната средина во реалниот свет. Корисниците можат да пристапат до информации за нивната околина користејќи ги само скенерите на нивните паметни телефони. Засега овој вид АР е еден од најшироко користените и е имплементиран во различни технологии. Се користи за насоки и наоѓање блиски места што се од интерес, како и за пристап до малопродажните понуди.
АР базирана на проекции
АР што се заснова на проекции (projection-based AR) функционира преку проектирање вештачка светлина на реалните физички површини. Апликациите на овој вид АР овозможуваат интеракција на корисникот преку допир на површините што се под влијание на проектираната светлина. Една од попознатите АР што се засноваат на проекции користи ласерска плазма-технологија за проекција на 3Д-интерактивни холограми во воздухот. Овој вид АР не вклучува екрани или монитори бидејќи директно проектира и слики.
АР базирана на прикази
Овој вид АР (outlining AR) ги препознава предметите и е сличен со претходниот вид, базиран на проекции. На пример, ако корисникот паркира автомобил во мрак, АР ги препознава границите на патот и ги прикажува. Овој метод може да се користи во архитектурата и во инженерството за оцртување на градбите и на нивните потпорни столбови.
АР базирана на суперпозиција
АР што се заснова на суперпозиција (superimposition AR), односно преклопување, ги препознава предметите и може да замени еден цел предмет или дел од него со зголемен приказ. Овој вид е една од најпознатите форми на АР која се користи во мобилните апликации, платформите за социјалните медиуми и во физичките продавници.
Тековна употреба на АР во FMCG-секторот
Трговците на мало и доставувачите веќе експериментираат со аугментираната реалност, истражувајќи како можат да придонесат за подобрување на купувачкото искуство и квалитетот на животот на потрошувачот.
Со оглед на тоа што технологиите на „реалноста“ продолжуваат да напредуваат, АР-уредите постепено ќе бараат сè помалку хардвер и ќе почнат да се применуваат на нешта, како на пример, контактните леќи.
Во Далас, „Семс клаб нау“ воведе уникатен концепт за тестирање на најновите тех-лед достигнувања и за приспособување на распоредот во продавницата. Лојалните членови на клубот може да ја користат апликацијата „Scan & Go“ за да влезат во продавницата и да платат за купените производи. Откако ќе влезат во продавницата, тие се соочуваат со низа нови технологии во „живиот“ ентериер. Со помош на гласовно пребарување во комбинација со навигациски функции, на паметниот телефон на купувачот се појавува мапа која ќе го одведе до производот што му е потребен. Трговецот има можност да ги анализира и да учи од реакциите на лојалните членови, знаења што потоа може да ги примени за подобрување на пошироката мрежа продавници и да изгради искуство што е порелевантно за потребите на современите потрошувачи.
Италијанскиот трговец „Еселунга“ користи АР за да ги претстави хранливите информации на производите, со намера да предложи производи врз основа на преференциите на купувачите. За да успее во тоа, трговецот разви апликација за паметни телефони со висококвалитетна графика. Дополнителните информации им овозможуваат на потрошувачите да бидат поинформирани, што непосредно ќе им го подобри и нивното купувачко искуство. Решението беше лансирано на настанот „Vodafone 5G Experience Day“ во Милано.
Трговскиот синџир дрогерии „Сефора“ со помош на АР создаде 3Д-огледало кое на купувачите им овозможува да видат како ќе изгледаат различните козметички производи без да ги ставаат на своето лице. Со помош на видеозапис од камерата, технологијата прецизно ги следи цртите на лицето на купувачите и ги аплицира боите на вистинското место. Достапен е огромен избор од козметички производи и бои, што овозможува едноставно и брзо експериментирање со различен изглед.
„А.С. Вотсон“ и „Лореал“ отидоа чекор понатаму во виртуелната услуга со декоративна козметика со апликацијата #ColourMe. Купувачите виртуелно можат да користат 300 шминки преку мобилната апликација на „Вотсон“, да експериментираат со различни изгледи, а притоа и да се фотографираат и да се снимаат. Потоа можат да ги нарачаат производите, кои ќе им бидат испорачани до домот или до локалните продавници на трговецот.
За време на божиќните празници во 2018 година купувачите на „Волмарт“ можеа преку апликацијата Walmart да ги скенираат кодовите и да ги откријат ексклузивните АР-искуства на некои познати брендови. Во оваа акција партнерски се вклучија „Пепсико“, „Велшис“, „Келогс“, „Клорокс“, „Николодион“, „М & М“, „Блу бани ајс крим“ и 3M. Иницијативата беше достапна во 1.000 објекти на „Волмарт“.
Што е следно за АР?
Со оглед на тоа што технологиите на „реалноста“ продолжуваат да напредуваат, АР-уредите постепено ќе бараат сè помалку хардвер и ќе почнат да се применуваат на нешта, како на пример, контактните леќи.
Во меѓувреме, постои огромен потенцијал за трговците да ја искористат оваа технологија и да им овозможат подобро купувачко искуство на поранливите групи. АР може да се искористи за да се направи купувањето попристапно и полесно за навигација. АР-апликациите, едноставни или сложени, имаат потенцијал да го револуционизираат секторот за стоки со широка потрошувачка.
За авторот:
Тоби Пикард е раководител за иновации и за трендови, а дополнително го анализира и влијанието што тие може да го имаат врз индустријата. Редовно соработува со водечките трговци и производители, а фокусот на неговите содржини и анализи е на иднината на малопродажбата.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.