Анализи

ИГД: Решенија за испорака до последната милја

03 Apr 2019

Испораката до последната милја (достава до крајната дестинација, испорака до домот) станува сè поконкурентно поле за трговците.

Автор: Тоби Пикард, раководител за иновации и за трендови, ИГД

Прехранбената индустрија продолжува да создава решенија што го прават интернет-купувањето уште попогодно и попривлечно за купувачите. Трговците на глобално ниво прават значајни инвестиции во сегментот испорака до последната милја, со кои им помагаат на интернет-купувачите да ја прифатат оваа погодност.

Испорака во дом без надзор

Во текот на 2018 година голем дел од водечките светски трговци за малопродажба тестираа испорака до домот на потрошувачот кога тој не е присутен.

Со помош на технологијата на паметни брави, купувачот му овозможува пристап на доставувачот на храната преку поставување привремен код за заклучување. Доставувачот го добива кодот преку безбедна апликација, влегува во домот на потрошувачот и ги распоредува лесно расипливите и смрзнатите производи како што е наложено од страна на купувачот. „Едека“, „Вејтроус“ и „Алберт Хеин“ им се придружија на „Волмарт“, „Амазон“, Jet.com и ИЦА во експериментирањето со испорака во домот без надзор.

Купувачот треба да има високо ниво на доверба во трговецот за да одлучи да се пријави на овие експерименти и да ја користи услугата. Меѓутоа, ако услугата ги испорача и ги исполни очекувањата на купувачите, тешко дека би постоел попогоден и полесен начин за купување преку интернет.

Купувачот треба да има високо ниво на доверба во трговецот за да одлучи да ја користи услугата испорака до домот без надзор.

Освен на потрошувачите, испораката до домот без надзор им овозможува бенефиции и на малопродажните трговци. На пример, со оглед на тоа што нема да има потреба да испорачуваат на одредени места во точно определен час, трговците можат да ги оптимизираат маршрутите и да заштедат време и трошоци за гориво. Оваа услуга им овозможува и подобра искористеност на капацитетот на возилото за испорака.

Роботи

Роботите се уште едно решение за испорака до последната милја, кое го тестираат малопродажните трговци.

Низ улиците на градовите во Чангша и Хохот во Кина веќе се движат автономните возила за испорака на JD.com, кои можат да носат до 30 предмети и да ги испорачаат во радиус од 5 километри. Возилата можат да ги планираат патиштата, да ги избегнуваат пречките и да препознаваат семафори. Вградената технологија за препознавање лица на купувачите им овозможува лесно и безбедно да ги земат своите пакети. Работејќи со полн капацитет на доставувачките станици, автономните возила можат да испорачаат до 2.000 пакети дневно.

Возилото Lotte е робот-курир кој самостојно ја пренесува стоката на претходно одредена локација, а со помош на роботската рака може да ги сместува нарачките во шкафчињата, од каде што потрошувачите може да ги преземат.

Во британскиот град Милтон Кејнс купувачите на „Теско“ имаат можност да ги добијат своите нарачки на домашна адреса, доставени од робот. Услугата, развиена од компанијата за роботика „Старшип технолоџис“, е достапна во „Теско екстра“ во трговскиот центар „Кингстон“. Оваа услуга следува по експериментите на трговецот и „Старшип“ во Лондон во текот на 2017 година, кога се тестираше испораката со помош на роботи како дел од пошироката услуга – „Tesco Now“, т.е. испорака во рок од еден час.

„Старшип технолоџис“ испорачува стотици нарачки неделно и за филијалата на „Кооп“ во Милтон Кејнс, и досега, како што соопштуваат компаниите, реакциите на купувачите се позитивни.

Автономни комбиња

Американскиот трговец „Волмарт“ соработува со „Уделв“ при тестирањето на автономни комбиња за испорака во Аризона, откако претходно за операцијата биле приспособени товарни возила. Во тестирањето што почна во февруари годинава се вклучени и луѓето како резервни возачи и тие ќе останат зад воланот сè додека двете компании и регулаторите не се осигурат дека автономните комбиња се безбедни.

„Клеверон“, компанијата што стои зад т.н. „pickup towers“ (кули за подигнување на нарачките, односно големи вендинг-машини од каде што потрошувачите ги земаат онлајн-нарачките) на „Волмарт“ разви автономно возило кое може да ја револуционизира испораката од последната милја. Возилото наречено Lotte е робот-курир кој самостојно ја пренесува стоката на претходно одредена локација, а со помош на роботската рака може да ги сместува нарачките во шкафчињата, од каде што потрошувачите може да ги преземат. „Клеверон“ тврди дека Lotte е единственото автономно возило што може докрај да ги испорача пратките без никаква човечка интервенција.

Беспилотни летала (дронови)

Кинескиот е-трговец JD.com успешно го заврши првиот лет на дрон одобрен од индонезиската влада, што претставува пробив на испораката со беспилотни летала во Југоисточна Азија. Успешниот пилот-проект ја отвора вратата за комерцијална употреба на дронови во Индонезија и регионот на Југоисточна Азија, предмет што ќе подлежи на понатамошни регулаторни одобренија.

Индонезија е многу предизвикувачка земја за електронската трговија, со оглед на тоа што се протега на повеќе острови. Со користењето беспилотни летала, JD.com ќе обезбеди поефикасни услуги и ќе ѝ помогне на малопродажбата да ја реализира целта, односно да испорача 85% од нарачките во текот на истиот или следниот ден.

JD.com планира да изгради 150 места за лансирање беспилотни летала во југозападната кинеска провинција Сечуан, кои ќе пренесуваат пратки. Е-трговецот ги развива можностите на беспилотните летала од октомври 2015 година и тврди дека испораките со нив ќе ги намалат трошоците за превоз до 70%, споредено со конвенционалната дистрибуција со камиони.

„Винг“, компанија за испорака со дронови, дел од „Алфабет“ (Гугл), оваа пролет ќе почне пилот-иницијатива околу Хелсинки, Финска. Во септември 2016 година „Винг“ им доставуваше сендвичи на студентите на „Вирџинија тех“, тест кој во тоа време во САД беше најголемиот и најдолгиот за испорака со помош на беспилотни летала.

Храната е голем тест за технологијата на испорака со беспилотни летала затоа што може да биде лесно расиплива и чувствителна на температура, односно треба брзо и внимателно да се достави.

Храната е голем тест за технологијата на испорака со беспилотни летала затоа што може да биде лесно расиплива и чувствителна на температура, односно треба брзо и внимателно да се достави.

Што е следно?

Очекувањата на купувачите постојано се зголемуваат – тие сакаат да ги добијат нарачаните производите на што побрз и полесен начин.

Досега трговците на мало успеваа да ги задоволат тие очекувања и да понудат иновативни решенија за испорака. За понатаму, очекуваме да се засили натпреварот меѓу трговците за поиновативни и покреативни начини на испорака.

Интернет-каналот и технолошкиот напредок создадоа голем број решенија за задоволување на желбата на купувачите за поголема удобност. Сепак, голем дел од трговците сè уште не можат да го надминат предизвикот да им испорачаат свежи производи на потрошувачите, по разумна цена. Експериментите и пилот-проектите ќе им помогнат подобро да ја разберат иднината на испораката и улогата што таа ќе ја одигра во поширокиот контекст.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...