Автор: Тоби Пикард, сениор аналитичар за иновации и трендови, ИГД
Кога пред околу половина век беа претставени кредитните картички, начинот на кој ги користевме парите и плаќавме, фундаментално беше променет. Оттогаш, технологијата брзо напредуваше, овозможувајќи да се замисли свет во којшто плаќањата ќе бидат уште подигитални, мобилни, без граници и без кеш. За трговците ќе биде клучно да го реобмислат функционирањето на нивниот бизнис со цел да им излезат во пресрет на променетите желби на потрошувачите кога станува збор за плаќањето.
Подемот и еволуцијата на картичките
Купувачите во Велика Британија навистина навлегоа во плаќањата со картичка, па учеството на плаќањето со картичка во целокупните плаќања во трговијата во 2016 година изнесува 78%. Ова е особено практика во FMCG-секторот, каде што гледаме дека бројот на трансакции и целосната вредност на потрошувачката континуирано растат.
Во 2012 годинабевме сведоци на бесконтактните картички во Велика Британија, кои станаа вистинска алтернатива за плаќањето со кеш. Купувачите уживаат во практичноста при користењето на бесконтактните картички за помалите плаќања и бидејќи оваа технологија го намалува просечното време на трансакцијата за 55%, трговците што ќе ја имплементираат во нивните продавници ќе имаат предност.
Алтернативи за наплата на каса
Во изминативе неколку години, имаше значително поместување кон самонаплаќање во трговијата, особено во супермаркетите. Не само што самонаплаќањето е поефикасно од оперативна гледна точка на трговците, туку ги задоволува и потребите на купувачите кои бараат практичност и сакаат да влезат и да излезат набрзина од продавниците.
На пример, продавницата „Теско Квинсвеј" во Лондон, отворена во ноември 2015 година, има повеќе од 10 каси за самонаплата, од кои пет се само со терминали за картички, што е пример за иновативен пристап во поглед на практичноста на малопродажбата.
Некои трговци во Велика Британија отидоа чекор понапред, отворајќи продавници кои целосно функционираат без кеш. Со оглед на тоа што ова може да функционира само на одредени локации, во одредени концепти на продавници и кај одредена демографија, сè уште треба да помине време додека станат стандардни места за пазарење, иако тие претставуваат јасна можност за трговците. Не само што продавниците без кеш ја подобруваат ефикасноста за купувачите и за персоналот, туку и трансакциите ќе бидат поточни и побезбедни.
„Веитрос" стана првиот голем супермаркет во Велика Британија што отвори продавница што функционираше целосно без кеш. Беше отворена во август 2016 година во управната зграда на телекомуникациската компанија „Скај" во Хаунслоу и има пет самонаплатни каси каде што купувачите можат да платат само со картичка или со мобилен уред.
Најнова технологија
Трговците користат нова технологија за да го поттикнат пазарувањето без кеш на повеќе начини. Мобилните паричници се компатибилни со картичките издадени од поголемите банки и му овозможуваат на купувачот да го користи својот паметен телефон за да плаќа во продавниците, што го забрзува процесот на купување.
5% од купувачите велат дека имаат искуство
со користење на мобилните телефони за скенирање кодови
и како можност за плаќање без да чекаат на каса.
43% велат дека се заинтересирани да го направат тоа.
(„Шопер виста"; База: 2.051 британски купувачи; февруари 2017 г.)
Во Шведска, на почетокот од 2016 година, беше отворена маалска продавница наречена „Нарафар". Тоа е продавница без персонал која никогаш не е затворена, а во која се влегува со идентификациска апликација за паметен телефон, која му ја отвора вратата на регистрираниот потрошувач. Апликацијата функционира и како скенер што ја бележи секоја набавка, а купувачот потоа добива фактура.
При крајот на минатата година, „Амазон" го најави лансирањето на новиот концепт на продавници без каса, кој ја користи технологијата наречена „Само излези" (Just walk out) во нивните продавници „Амазон гоу". Исто така, гледаме полуавтоматизирани продавници што се отвораат во Јапонија од страна на неколкуте водечки трговци таму.
Навистина ми се допаѓа концептот на „Амазон Гоу"...
Ќе го направи животот многу полесен со тоа што штеди многу време!
(„Шопер виста"; База: 500 купувачи на возраст од 18-25 години; март 2017 г.)
„7 Елевен" отиде чекор понапред испробувајќи го системот за плаќање со рака „HandPay", при што нема потреба ни од кеш, картичка или паметен телефон за да се направи плаќањето во продавницата. Станува збор за метод за биометриска идентификација кој ги идентификува потрошувачите преку скенирање на дланката. Системот ќе ги идентификува производите што биле купени со 360-степенска техника за скенирање.
Имајќи го ова предвид, ние очекуваме трговците да станат уште поиновативни, смислувајќи свои сопствени паметни продавници на иднината.
Иднината на трговијата без кеш
Овие неодамнешни технологии што ги разгледавме упатуваат на тоа дека се движиме кон општество со помалку монети и банкноти, а повеќе можности за виртуелно плаќање. Овој начин на пазарување значи дека потрошувачите ќе поминуваат помалку време во продавниците, така што за трговците и за производителите и важно да бидат сигурни дека работат на развој на нови начини за интеракција со нив.
Трговците испробуваат многу алтернативи на традиционалните методи на плаќање. Некои категории и брендови можат да профитираат од ова, затоа што ги зајакнува податоците што ги имаат за однесувањето на купувачите во продавниците. Меѓутоа, за импулсните категории кои обично се лоцирани до касите, ова може да креира вистински предизвици.
Можеби ќе биде потребно време овие нови методи да станат секојдневен начин на плаќање, но јасно е дека бесконтактното и плаќањето со мобилни уреди забележува многу брз пораст на популарноста. Трговците треба да почнат да размислуваат за тоа како можат да ги адаптираат местата кај касите и да инвестираат во нови алатки и уреди за да бидат сигурни дека се опремени со најнова технологија.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.