Анализи

ИГД: Глобални трендови во малопродажбата во 2021 година

07 апр 2021

Ковид-19 значително промени дел од основите на модерната трговија на мало и ја забрза дигиталната трансформација...

Автор: Тоби Пикард, раководител за иновации и за трендови, ИГД

Индустријата за прехранбени производи и малопродажната трговија брзо се приспособија на големите предизвици во текот на изминатата година. Ковид-19 значително промени дел од основите на модерната трговија на мало и ја забрза дигиталната трансформација. Имајќи го предвид тоа, во продолжение се анализирани пет тренда за кои очекуваме дека ќе го променат и обликуваат глобалниот малопродажен пејзаж во 2021 година и понатаму.

1. Надградба на системот: дигитално подобрени операции

Пандемијата ја забрза дигиталната свест и ги зголеми можностите за трговците и за купувачите. Голем број компании учат и тестираат нови дигитални иницијативи, но годинава тие ќе треба да отидат подалеку од тоа во насока на подобрување и спроведување во поголем размер. Дигиталната трансформација ќе бара ново лидерство и свеж начин на размислување во компаниите што создаваат флексибилни и агилни начини на работа.

Успешните трговци ќе воведат дигитални технологии што лесно се ажурираат со мали инвестиции. Очекуваме трговците сѐ повеќе да соработуваат со трети страни, односно со надворешни соработници што ги нудат тие услуги, за да се осигурат дека брзо ќе ги имплементираат новите технологии. Исто така, очекуваме да видиме повеќе трговци што користат вештачка интелигенција и машинско учење во продавницата, што би значело поголеми приходи и зголемено задоволство на купувачот.

Повеќе од три четвртини од големите трговци низ целиот свет веќе користат системи со вештачка интелигенција или планираат да ги инсталираат до крајот на годината. За вистински да се искористат предностите на таа технологија, трговците и производителите ќе имаат поголема потреба од кога и да е да споделуваат податоци и да работат заедно на иницијативи насочени кон купувачите.

Очекувања за 2021 година:

  • Воведување дигитални технологии што лесно се ажурираат со мали инвестиции;
  • Партнерства со трети страни, провајдери на технолошки услуги, за да се забрза воведувањето и усвојувањето на новите технологии;
  • Зголемена употреба на вештачка интелигенција и машинско учење во продавницата за да се зголемат приходите и задоволството на купувачот.

2. Подем на е-трговија: интернет-сообраќај и профитабилност

Е-трговијата беше победничкиот продажен канал во раниот период од пандемијата. Иако овој пораст се намалува, пенетрацијата преку интернет се очекува да остане на повисоко ниво отколку пред кризата. Трговците го зголемуваат капацитетот и искуството за купувачите.

Малопродажните трговци ќе сакаат да ги задржат новостекнатите онлајн-купувачи, но сепак ќе треба да ги намалат вкупните оперативни трошоци за да го избегнат непрофитабилното работење.

Очекуваме трговците што оперираат преку повеќе канали за продажба да ги охрабруваат купувачите да ја користат услугата „клик & колект“, со која би ја подобриле профитабилноста. Веројатно трговците сепак ќе треба да понудат брза испорака (истиот ден или за неколку часа). Постојат три можности за да го постигнат тоа – ќе им дозволат на агрегаторите да ги испорачуваат нарачките, ќе ангажираат трети страни за испорака до последната милја или ќе ги  прифатат трошоците за брза испорака и ќе го прават тоа самите.

За да ги намалат трошоците, трговците на мало ќе инвестираат во процеси и автоматизација. Исто така, очекувањата се дека бизнисите ќе го приоретизираат порастот на онлајн-продажбата преку рекламирање на интернет и/или зголемување на приходите од испорака преку претплатнички шеми и динамични цени.

Очекувања за 2021 година:

  • Амбиција за намалување на вкупните оперативни трошоци во онлајн-каналот и развој на процесите и автоматизацијата;
  • Поттикнување на купувачите да ја користат услугата „клик & колект“;
  • Процена на опциите за брза испорака – истиот ден или за неколку часа.

3. Оброци во домот: инспирација и возбуда

Голем број од купувачите годинава ќе се потрудат „ресторанското“ искуство да го пренесат дома. Оттука се појавува можноста за доставувачите да соработуваат со трговците и заедно да развиваат решенија, вклучително и дигитални платформи што можат да го поддржат тоа. Вечерниот оброк во домот е со голем потенцијал.

Со оглед на тоа што пандемијата продолжува да биде голем предизвик за социјална интеракција и луѓето продолжуваат да работат од дома, очекуваме трговците да се фокусираат на инспиративни решенија за оброци за сите пригоди во текот на денот и на неделата. Истакнувајќи ги и вредноста, едноставноста на подготовка и инспиративното готвење, трговците имаат вистинска можност да ги „зграпчат“ трошоците на купувачите што претходно ги правеа надвор од домот.

Очекувања за 2021 година:

  • Креација на инспиративни решенија за оброци за сите пригоди во домот;
  • Обиди за пренасочување на трошоците на купувачите што претходно ги правеа надвор од домот.

4. Холистички пристап: здравје и благосостојба

Развивајќи се понатаму, малопродажните трговци ќе имаат цел да го поддржат и физичкото и менталното здравје на потрошувачите. Очекуваме трговците да ги насочат и да одговорат на индивидуалните здравствени приоритети на купувачите, за кои очекуваме да се развијат и да станат пошироки. Тие ќе опфаќаат исхрана, имунитет, вежбање, рамнотежа меѓу работата и животот и здрав сон.

Очекуваме дека сѐ повеќе трговци ќе ги едуцираат, информираат и наградуваат купувачите за поздрав живот. Компаниите ќе се обидат да ги задржат и развиваат квалификациите за здравје и одржливост, спојувајќи ги двата клучни тренда во новите и во постојните производи. Личното здравје ќе добива сѐ поголема важност, но, сепак, на крајот на краиштата, ценовната достапност понекогаш може да биде предност како резултат на економскиот пад.

Очекувања за 2021 година:

  • Поголем фокус на хигиенски и санитарни производи за потрошувачите и за домот;
  • Поддршката на потрошувачите да живеат поздрав живот како точка на диференцијација од конкуренцијата;
  • Повеќе персонализирани решенија во продавницата со помош на асистенти, со употреба на дигитални алатки и апликации.

5. Закрепнување на малопродажба: фокус на одржливоста

Климатските промени ќе останат врвен приоритет во 2021 година бидејќи се препознаваат како можен извор на поголеми нарушувања во иднина.

Очекуваме дека трговците ќе напредуваат со иницијативи за одржливост, бидејќи многумина се обврзаа да ги поддржуваат целите на Обединетите нации за одржлив развој. Иако фокусот ќе биде насочен кон одржливоста и на тоа како таа ги поддржува агендите за климатски промени и отпорност, очекуваме да се појават и иницијативи за изградба на доверба и лојалност од купувачите.

Трговците се една од ретките точки за контакт надвор од домот за време на Ковид-19, а вработените во малопродажбата се витален дел од заедницата. Голем број бизниси, исто така, одиграа голема улога преку донации и поддршка на ранливите групи граѓани.

Очекувања за 2021 година:

  • Климатските промени остануваат главен приоритет – очекуваме трговците на глобално ниво да продолжат со иницијативи за поддршка на целите на оваа област;
  • Континуирана имплементација на глобално ниво на иницијативите за намалување на отпадот од пластика и од храна;
  • Иницијативи за изградба на доверба, лојалност и подобри односи со купувачите, вработените и заедницата.
 


@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Вчитува уште новости...