Анализи

ИГД: Четири лекции од четири формати продавници

11 Feb 2021

Политиката на постојано ниски цени, фузијата со технологијата, реосмислувањето на концептот хипермаркет и премиум свежото искуство се четирите лекции од годината на Ковид-19.

Автор: Стјуарт Семјуел, аналитичар на меѓународна малопродажба, ИГД

Додека поголемиот дел од трговците со прехранбени производи на глобално ниво во 2020 година се фокусираа на флексибилноста на нивните постојни операции, неколкумина продолжија да ги издигнуваат границите на иновативноста и да го реосмислуваат дизајнот на продавниците. Во продолжение се анализираат некои од минатогодишните нови продавници и трендовите што се појавуваат при развојот на форматите.

  1. Вредноста во преден план: „Супеко“ во Мадрид, Шпанија

Оваа продавница е најновиот концепт од дисконтниот формат на „Карфур“ – „Супеко“, која претставува хибриден модел на големопродажба и дисконтен супермаркет. Со понудата од широк асортиман по дисконтни цени, „Супеко“ овозможува да се задоволат потребите и на купувачите и на деловните субјекти. Асортиманот ги исполнува потребите на тие што бараат брендови и свежи прехранбени производи, со ветување за ниска цена. Целта на концептот е да понуди најниски цени на пазарот за брендираните производи. Едноставната и јасна ценовна стратегија, без какви било промоции, се зајакнува со постојано ниските цени и вредносниот имиџ.

Објектот во стил на складиште нуди два различни оддела – првиот е одделот за свежа и амбиентална храна (храна што се чува на амбиентална температура), а вториот е наменет за непрехранбените категории. Тоа му овозможува на „Супеко“ директно да се натпреварува со дисконтерите, но истовремено да понуди и асортиман на премиум свежа храна, вклучително и голем избор на месо.

  1. Фузија со технологија: „Амазон фреш“ во Лос Анџелес, САД

На средината од септември минатата година „Амазон“ ја отвори првата продавница за прехранбени производи „Амазон фреш“ во Лос Анџелес, чиј концепт е поблизок до конвенционалните супермаркети што ги отвора трговецот. Наместо да ја примени технологијата Just Walk Out, која беше развиена во „Амазон гоу“, оваа продавница се карактеризира со Amazon Dash Cart.

Паметните колички им овозможуваат на купувачите да го прескокнат редот за наплаќање, односно купувачкото искуство го прават побрзо и поудобно. Т.н. Dash Carts ги следат производите додека купувачите ги ставаат во нив, а потоа, откако артиклите ќе бидат спакувани во кеса, количките автоматски ја пресметуваат цената и ја повлекуваат сумата од картичката. Сите колички се опремени со камери, сензори и ваги, а додека купувачите додаваат и отстрануваат предмети, дисплејот на предната страна ја покажува вкупната цена. Купувачите, исто така, можат да побараат помош од Alexa преку уредите Amazon Echo Show.

  1. Реосмислување на концептот хипермаркет: „Алкампо сити“ во Мадрид, Шпанија

„Алкампо сити“ во Мадрид е вториот и најнов компактен хипермаркет, отворен од „Ошан“ во Шпанија. Тој е одраз на последните анализи за тоа како „Алкампо“ да го приспособи концептот хипермаркет на урбана средина, во која конкуренцијата е интензивна. „Алкампо сити“ се простира на 4.027 квадратни метри и нуди асортиман на повеќе од 29.000 производи, што е околу половина од асортиманот на стандардниот хипермаркет „Алкампо“. Понудата со храна е на централното место – околу 90 отсто од продажниот простор се наменети за прехранбените производи.

Дополнителна точка на диференцијација се и различните пултови со персонал што услужува, кои се наоѓаат во близина на влезот на продавницата. Покрај стандардните, во „Алкампо сити“ има различни специфични пултови за готова храна, кисели краставички, свежи зачини и суво овошје. Премиум-асортиманот е во централното место на хипермаркетот, со уникатни дисплеи за премиум вина, зреено месо, автентична ибериска шунка, јастози и ракови.

  1. Премиум свежо искуство: „Карула фреш маркет“ во Богота, Колумбија

Продавниците „Карула фреш маркет“ на „Групо ексито“ се високо ценети поради исклучителниот квалитет на свежите производи и уникатните пултови. Буквално сè – од дизајнот на продавницата до прецизното претставување на производот – го истакнува премиум квалитетот. Уникатните карактеристики, како што се наменските пултови за свежо направена моцарела или за занаетчиско чоколадо, создаваат незаборавно искуство во купувањето. Пазарот за храна на горното ниво на продавницата обезбедува разновидна гастрономска понуда, со околу 10 опции.

Ова е првата продавница во Јужна Америка со систем за воздушен транспорт, кој се користи за да се поедностави логистиката при достава на нарачките преку интернет. Низ продавницата минува транспортер од 127 метри, два метра над главите на купувачите. Нарачките се прикачуваат на една од двете станици на транспортерот и потоа се транспортираат до точката за испраќање во магацинот, подготвени за собирање. Иновативното логистичко решение успешно го намалува времето на испраќање и испорака за речиси 30 отсто.

Што може да научиме од овие формати?

  • Пристапот на постојано ниски цени е поткрепен со едноставноста на дисконтниот модел, истовремено овозможувајќи им на операторите да ги истакнат заложбите за ниски цени, без големата врева што ја предизвикуваат промоциите.
  • Трговците на мало инвестираат во технологии што поддржуваат брзо, лесно и бесконтактно искуство при купувањето, тренд што особено се забрза со пандемијата на Ковид-19.
  • Понудата на свеж асортиман ќе продолжи да биде важен извор за диференцијација и покрај привремените ветрови што ги предизвикува Ковид-19.
  • Подобрувањето на профитабилноста на операциите за е-трговија е приоритет за поголемиот дел од трговците со прехранбени производи. Во таа насока, очекуваме да видиме уште многу експерименти и иновации.


@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...