Анализи

ИГД: Технологијата во функција на безбедноста

01 Nov 2020

Најновиот глобален преглед на ИГД ги разгледува иницијативите водени од современата технологија и нивното влијание врз искуството на купувачите во продавницата

Автор: Стјуарт Самјуел, програмски раководител, ИГД – Канада

Од почетокот на пандемијата на Ковид-19 забележуваме зголемени напори кај трговците за безбедност на купувачите и на вработените, вклучително и поголема употреба на автоматизацијата и бесконтактните решенија во продавниците. Во продолжение се прикажани пет начини со примери како технологијата го обликува искуството во продавницата.

 

1. Вендинг-машини за оброци

„Карфур“ во Полска тестира иновативна вендинг-машина која нуди топли готови јадења што можат да се консумираат веднаш или „во движење“. Вендинг-машините Food point се инсталирани во осум к-продавници (C-store, convenience stores) „Карфур експрес“ во Варшава.

Оброците се чуваат на контролирана температура во автоматот и се загреваат за 60 секунди по уплатата. Состојките во оброците се природни и не содржат конзерванси или вештачки адитиви. Понудата вклучува традиционални готвени полски јадења, како што се бигос, гулаш и печен грав. „Карфур“ планира да додаде и сезонски јадења, но и повеќе оброци од различни региони во светот.

Во посткорона-периодот овој иновативен уред може да им помогне на купувачите да се уверат дека нивните оброци се безбедни. Вендинг-машината овозможува да се елиминира директниот контакт на луѓето со прехранбените производи, почнувајќи од полнење на садот со храна, загревање на пареа и издавање на потрошувачот.

 

  1. Деконтаминирачко миење колички

„Асда“ е првиот британски синџир маркети кој експериментира со систем за миење колички, како дел од напорите на трговецот да открие иновативни начини за да им помогне на купувачите и на вработените да останат безбедни. Системот за миење е сместен пред продавницата и функционира на тој начин што ги премачкува количките со ситни честички од антимикробен раствор, оставајќи ги чисти и суви на допир за неколку секунди.

Процесот е без вода, а системот работи на електрична енергија и користи електростатика за да осигури дека сите допирни точки, како што се рачките, шините и детските седишта, се темелно стерилизирани. Оваа форма на деконтаминација елиминира 99,99% од сите познати бактерии, вируси и загадувачи, така што количките се чисти и вработените и купувачите можат безбедно да ги допираат.

Технологијата ќе биде клучен фактор, кој ќе им овозможи на трговците да создадат безбедно купувачко искуство за купувачите, но истовремено да создадат и безбедна средина за персоналот во продавниците.

  1. Роботи што надополнуваат полици

Јапонскиот синџир к-продавници „Фемили март“ соработува со „Телекзистанс“, компанија за развој на роботи со седиште во Токио, за изработка на физибилити-тест за роботи што ќе ги надополнуваат полиците во продавниците.

Роботите се далечински управувани од оператор, преку терминал за виртуелна реалност. Тие можат да прават речиси слични движења како и луѓето и можат да ракуваат со околу 30 предмети, вклучувајќи пластични шишиња и тестенини. За да стави еден производ на полица, на роботот му се потребни осум секунди, додека на луѓето им требаат приближно пет секунди за да ја извршат истата задача. Планот е роботите да бидат во сите продавници на синџирот низ Јапонија до 2022 година или подоцна.

Иако е потребно да се работи на зголемување на бројот на производи со кои роботите можат да ракуваат и на брзината со која ги надополнуваат полиците, тие сепак можат да бидат многу корисни за компаниите што работат на пазари со возрасна популација и кои се борат да регрутираат персонал.

„Фемили март“ и другите трговски синџири во Јапонија страдаат од хроничен недостиг на работна сила. За продавниците е тешко да вработат и да задржат персонал кој ќе работи ноќе и рано наутро. Голем број трговци мора да им исплаќаат дополнителни плати на тие работници.

Технологијата ќе биде клучен фактор кој ќе им овозможи на трговците да создадат безбедно купувачко искуство за купувачите, но истовремено да создадат и безбедна средина за персоналот во продавниците.

  1. Брзи пикап-локации

Дивизијата на „Албертсонс“ – „Јунајтед супермаркетс“ ја подобрува услугата за земање на нарачките со употреба на технологија за геолокација. Трговецот им овозможува на купувачите да ја споделат локацијата преку паметниот телефон додека возат до продавница за да го сигнализираат времето кога ќе пристигнат на пикап-локацијата.

Синџирот соработува со „Радиус нетворкс“, водечка технолошка компанија за лоцирање на малопродажните објекти и рестораните. FlyBuy Pickup ја користи технологијата на машинско учење за прецизно да го пресмета времето кога купувачот ќе пристигне.

Целиот процес почнува откако купувачот ќе нарача преку интернет и добива известување кога ќе биде подготвена нарачката за наплата. Кога купувачот ќе тргне кон пикап-локацијата за да ги земе нарачаните производи, вработените во продавницата добиваат процена колку време му е потребно за да пристигне во продавницата. Тоа помага да се зголеми ефикасноста на тимовите во продавниците и да се зголеми задоволството на купувачите преку брза и удобна пикап-операција.

  1. Бесконтактно ракување со пакети

„Жабка“, водечки синџир за к-продавници во Полска, тестира иновативен метод за ракување со пакетите кој не бара вклучување на вработените во продавниците. Апаратот за пакети PickupHero е развиен од „Ритеил роботикс“ и е вграден во внатрешноста на продавниците.

Кога ќе дојде до машината, купувачот избира опција дали ќе испрати или ќе земе пакет, го внесува кодот и го става или зема пакетот од уредот. Тогаш роботот во машината го презема или го подготвува пакетот. Уредот ќе им помогне на купувачите удобно и безбедно да ги остават и/или земаат пакетите без никаков контакт со персоналот во продавниците.

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...