Свет

Германските газди бараат работници од Западен Балкан

04 Aug 2020

Германските работодавци ја предупредија нивната влада дека без поголема миграција на работници од Западен Балкан, компаниите во Германија нема да можат да најдат соодветна работна сила.

Според германски медиуми, Херман Шулте Хилтроп, претседател на огранокот за градежништво на Германското здружение на работодавци, предупредил дека во следните неколку години 150.000 градежни работници ќе заминат во пензија, и дека е се потешко да се најде соодветно образована и обучена замена.

Тој вели дека работодавците го поздравуваат продолжувањето на правилата за Западен Балкан, што ќе овозможи продолжување на валидноста за издавање работни визи за неквалификувана работна сила, но тој го критикува фактот дека е одредена квота од 25.000 работници годишно.

Ако изгубиме 50.000 работници годишно, колку што досега се стекнавме благодарение на ова правило, ситуацијата сериозно ќе се влоши. Од 2021 година можеме да сметаме на целосна суспензија во одредени индустрии, изјави Хилтроп. 

Тој посочи дека стравувањата дека работниците од Западен Балкан ќе го оптоварат германскиот социјален систем или ќе одземаат работни места од германските работници не биле оправдани, посочувајќи на студија на германското Министерство за труд која покажа дека нема негативни последици туку сосема спротивно.

Во провинцијата Северна Рајна-Вестфалија некои работодавци веќе се жалат дека одредени проекти мора да бидат запрени целосно, бидејќи не се сигурни дека ќе можат да најдат работници.

Наспроти популарното верување дека кризата со корона ќе ја намали потребата на работниците од странство, угледниот германски деловен весник „Ханделсблат“ пишува дека работодавците се жалат дека им се потребни работници од Балканот, но дека не можат да ги добијат поради ограничувања во врска со короната. Од 2009 година до денес, дури една третина од германскиот бруто-домашен производ се реализира благодарение на увезената работна сила.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...