Свет

„Амазон“ руши рекорди, Безос се збогати во кризата

03 Jul 2020

Нето-вредноста на имотот на основачот на „Амазон“, Џеф Безос, достигна нова рекордна вредност од 171,6 милијарди долари, по порастот на цената на акциите на „Амазон“ поради преминувањето на милиони потрошувачи на е-трговијата за време на пандемијата. 

Акциите на „Амазон“ пораснаа за 4,4 проценти на рекордни 2.878,70 долари, зголемувајќи го богатството на нејзиниот основач на 171,6 милијарди долари. Ова е повеќе од рекордните 167,7 милијарди долари од септември 2018 година, според индексот за милијардери на „Блумберг“.

Повеќето милијардери со најголем профит неодамна се исто така дел од технолошкото милје. Меѓу нив е извршниот директор на „Тесла“, Илон Маск, кој додаде на своето богатство 25,8 милијарди долари од 1 јануари годинава, како и основачот на „Зум видеокомуникации“, Ерик Јуан, чиешто богатство речиси се удвои и изнесува 13,1 милијарда долари.

Сите милијардери не профитираа од кризата предизвикана од коронавирусот, забележува „Блумберг“. Амансио Ортега, сопственик на модниот бренд „Зара“, изгуби 19,2 милијарди долари, претседателот на „Беркшир Хатавеј“, Ворен Бафет, остана без 19 милијарди долари, а францускиот тајкун на луксузна стока, Бернард Арно, изгуби 17,6 милијарди долари.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...