Во американскиот ланец супермаркети „Волмарт“ се повеќе активности ќе извршуваат роботи. Тие треба да придонесат кон намалување на трошоците на компанијата, но ќе резултираат и со отпуштања на работници.
Овој ланец е една од првите компании кои офанзивно воведуваат автоматизирани услуги во малопродажбата. Веќе неколку недели „Волмарт“ тестира различни видови роботи дизајнирани да им помогнат на вработените. Во текот на работното време тивките асистенти се движат низ коридорите, ги скенираат рафтовите, го чистат подот и јавуваат ако некој продукт е ставен на погрешна полица.
Автоматизираните помагачи, всушност, се најновиот адут на „Волмарт“ за да преживее во борбата против онлајн гигантите како што се „Амазон“ и „Алибаба“. Синџирот маркети има 11.000 продавници низ светот од кои половина се во САД. Високи 90 отсто од Американците живеат на најмногу 10 километри оддалеченост од најблискиот „Волмарт“ и токму тоа долго време беше клучната предност пред интернет конкуренцијата. Но, во последно време се повеќе луѓе купуваат онлајн, а оперативните трошоци за супермаркетите кои се во просек распослани на 17.000 метри квадратни тешко може да се рефинансираат поради што „Волмарт“ е принуден на автоматизирана револуција.
Од компанијата велат дека околу 4.000 роботи кои во моментов се распределени во американските филијали, работат двојно побрзо отколку нивните човечки колеги. Во некои случаи се и побрзи: на пример роботите прават попис за два и пол часа, за што на вработените во просек им требаат две недели. Чистачи сега се потребни само за тешко достапни места. Тие помагаат и при истовар на стоката од камион.
Од синдикатот велат дека до 5.000 работни места може да се укинат со процесот на автоматизација во „Волмарт“. Според синдикалната организација, роботите се вистински „убијци на работни места" и не се гаранција за квалитет.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.