„Амазон“ се откажа од планот за изградба на ново седиште во Њујорк, по судирот со членовите на локалната заедница.
По долго размислување, одлучивме да не ги продолжиме плановите за изградба на ново седиште во Лонг Ајланд, изјави Џоди Сет, претставник на „Амазон“, пренесува „Бизнис инфо“.
„Амазон“ соопшти дека голем број државни и локални политичари се спротивставиле на присуството на компанијата во овој град и дека немале намера да работат на изградба на односите што се потребни за да се продолжи проектот.
Претходно, „Амазон“ ги избра Њујорк и Северна Вирџинија за места на кои планира да ги изгради нови седишта. Една година се одлучувало каде ќе бидат изградени седиштата, а според планот, требало да бидат отворени по околу 25.000 нови работни места.
На почетокот, новото седиште во Њујорк ја доби поддршката од политичарите, вклучувајќи го и гувернерот Ендру Куомо, како голема можност за отворање на нови работни места, од кои ќе профитира и поширокиот регион.
Критичарите подоцна го нападнаа фактот што градот понудил поддршка од високи 1,5 милијарди долари од даночните обврзници за да го привлече технолошкиот гигант. Освен тоа, се стравувало и дека изградбата на овој центар ќе ги подигне цените на недвижнините, со што некои од локалните жители практично би биле избркани од своите домови. Жителите на Лонг Ајланд излегоа на улични протести и го критикуваа договорот како штетен за даночните обврзници и за локалната заедница. На критиките им се приклучија и многу официјални лица.
Досега не е официјално потврдено дали новото седиште наместо во Њујорк ќе се гради во некој друг американски град.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.