Украинските земјоделци посеале околу 400.000 хектари различни пролетни посеви, што е за 10 отсто повеќе отколку на истиот датум минатата година, и покрај руската инвазија, изјави украинскиот заменик министер за земјоделство Тарас Висоцки.
Недостигот на гориво не влијаеше на сеидбата. Преговараме со добавувачите за сеидбата да не престане, рече Висоцки.
Поранешниот украински министер за земјоделство Роман Лешченко, кој поднесе оставка минатата недела поради здравствени причини, изјави за Ројтерс дека пролетните посеви оваа година може да се посеат на само околу седум милиони хектари, дупло помала површина отколку во 2021 година.
Според него, министерството ги повикало земјоделците да сеат повеќе пролетна пченица, хељда, овес, просо и пролетен јачмен. Површината под сончоглед и пченка би можела да биде намалена, процени тој. Тој одби да ја предвиди жетвата на житото во 2022 година бидејќи „ситуацијата не е целосно стабилизирана“.
Областа погодена со непријателствата постојано се поместува, а ние се надеваме дека ситуацијата сепак ќе се промени, дека ќе се постигне мир и дека ќе можеме да засееме барем доцни посеви во областите кои сега се во воена зона, рече украинскиот министер.
Во меѓувреме, Висоцки бил заменет со Микола Солски, авторот на реформата на украинското земјоделство, која вклучува и продажба на земјоделска површина на странци. Украина е главен светски производител и извозник на земјоделски производи, анализира Ројтерс, а непријателствата би можеле остро да ја намалат жетвата во 2022 година и извозот во сезоната 2022/2023.
Од почетокот на војната Украина го прекина извозот на 'рж, овес, просо, хељда, сол, шеќер, месо и добиток, а воведе и дозволи за извоз на пченица. Сепак, владата нема да го ограничи извозот на пченка и сончогледово масло. Залихите на пченка во Украина на крајот на март изнесувале 13 милиони тони, а залихите на пченица 3,8 милиони тони.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.