Свет

Италија против намерата на ЕУ да се разредува виното со вода

10 May 2021

Италијанската винска индустрија силно се спротивставува на плановите на Европската Унија за разредување на виното со вода за да се намали содржината на алкохол.

Според италијанските медиуми, Европа размислува за производство на вино без алкохол или вино со помал процент на алкохол, а крајната цел на ваквиот предлог е да се промовира здравјето.

Министерот за земјоделство Стефано Патуанели најави дека Рим ќе се спротивстави на тоа, а здружението на земјоделци „Колдирети“ предупреди на „измама на потрошувачите“, пренесува италијанската новинска агенција Анса.

Воведувањето на делумно и/ или целосно намалување на процентот на алкохол во виното, како нова винска практика, претставува голем ризик и прилично опасен преседан што сериозно би го загрозил идентитетот на италијанските и европските вина, рече претседателот на „Колдирети“, Еторе Прандини.

Продажбата на разредено вино како квалитетен производ досега беше забранета во Европа, потсетуваат другите претставници на оваа индустрија.

На полиците на продавниците, потрошувачите можат да најдат и вина кои се декларираат како безалкохолни.

Италија е прва во светот според количината на произведено вино, а годишниот приход, според последните податоци, изнесува околу 11 милијарди евра.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...