Американскиот гигант за онлајн продажба, „Амазон“, третиот квартал од оваа година го заврши со трикратно повисока добивка. Како причина за добрите резултати на „Амазон“ се наведува зголемената онлајн продажба во услови на пандемија.
Нето добивката на компанијата, чие седиште е во Сиетл, е трикратно зголемена на 6,33 милијарди долари, а оперативната добивка достигна 6,19 милијарди долари.
Пораст има и кај приходите, коишто во третиот квартал достигнаа 96,15 милијарди долари. На пазарот во Северна Америка приходите пораснаа за 39% на 59,37 милијарди долари, а во меѓународни рамки, приходите достигнаа 25,17 милијарди долари.
Во последното тримесечје од оваа година, се очекува приходите на Amazon да се движат меѓу 112 и 121 милијарда долари, што е раст од над 35%, во споредба со истиот период лани.
Оваа недела, „Амазон“ објави дека вработуваат 100.000 сезонски работници за да може да се покрие очекуваната зголемена побарувачка за време на празниците.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.