Македонија

Владата утврди мерки за помош на лозарите и на винариите

23 Sep 2020

Владата на вчерашната седница ја усвои „Информација за состојба на откупот на грозје од реколта 2020 година со предлог мерки“, со која го задолжи Кабинетот на заменикот на претседателот на Владата  задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции да подготви мерка од Програмата за поддршка од Ковид-19 во висина од 4 денари по килограм за откупено и предадено винско грозје во винарски визби кои се запишани во регистарот на производители на вино што го води Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Поддршката ќе биде наменета за откупено винско грозје до 18 шеќерни единици со минимална цена од 7 денари по килограм.

Намената на оваа мерка е за интервентен откуп на грозје кое ќе биде преработено во производи од винско грозје, а корисници на оваа мерка се винарските визби кои се регистрирани во регистарот на производители на вино што го води Министерството за земјоделство. 

Кабинетот на заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции да е задолжен да подготви дополнителна мерка од Програмата за поддршка од Ковид-19 во висина од 2 денари по килограм за произведено и предадено винско грозје, а корисници на оваа мерка се регистрирани земјоделци во Единствениот регистар на земјоделски стопанства. Предвидениот рок за исплата е до крајот на 2020 година.

Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство доби задолжение да подготви мерка во висина од 2 денари по килограм за произведено и предадено винско грозје и се корисници на подмерката 1.10, како директни плаќања по обработлива земјоделска површина за одржување на постоечки лозови насади од Уредбата за поблиските критериуми за директни плаќања. Предвиден рок за аплицирање за мерката е да биде до крајот на 2020 година, а исплатата на оваа мерка ќе биде во 2021 година според рокот за исплати во Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2020 година. Мерката е наменета за сортите на винско грозје и тоа: „смедеревка“, „вранец“, „бургундец црн“, „станушина“, „кратошија“, „жилавка“, „кавадарка“.

Со заклучок од оваа точка се задолжува Кабинетот на заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, да подготви мерка од Програмата за поддршка од Ковид–19 во висина од 30% за транспортни трошоци за извезено вино во шишиња која ќе ја користат винарски визби кои се запишани во регистарот на производители на вино и други правни субјекти кои вршат извоз на вино за кои е наменета и мерката за надомест во висина од 20% за транспортни трошоци за извезено наливно вино.

Мерката за извезено винско грозје е следнава:

– за количини до 12 милиони килограми поддршката ќе изнесува 2 денари по килограм
– за количини од 12 до 25 милиони килограми поддршката ќе изнесува 3 денари по килограм
– за количини над 25 милиони килограми поддршката ќе изнесува 4 денари по килограм.

Корисници на оваа мерка се откупувачи запишани во регистарот на откупувачи на земјоделски производи (винско грозје) што го води Министерството за земјоделство, кои ги исполнуваат условите за извоз на земјоделски производи.

Со какви проблеми се соочуваат лозарите и винарниците, прочитајте во текстот на InStore .тука 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...