За создавање услови за безбеден и непречен проток на стоки и животни, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) донесе сет на безбедносни мерки. На целата територија на земјава, забранета е работата на добиточните пазари и на собирните центри.
Движењето на пратки со животни може да се врши само доколку животните се правилно идентификувани и придружени со валиден сертификат за здравствената состојба и со документ со кој се потврдува безбедноста на храната со која се хранети.
Дозволено е да се превезуваат животните директно во кланица или на одгледувалишта што ги исполнуваат биосигурносните услови, но, пред товарањето и по растоварот, превозното средство треба да е соодветно исчистено и дезинфицирано, за што се издава потврда од овластено ветеринарно друштво. Пред и за време на превозот, животните не треба да доаѓаат во контакт со приемчиви животни со непознат здравствен статус, се наведува во соопштението на АХВ.
Сите животни што ќе се затекнат во промет без сертификат за нивната здравствена состојба или кои не се идентификувани, ќе бидат одземени, убиени и нештетно отстранети, без надомест за настанатата штета, на трошок на одгледувачот.
Ветеринарните друштва не треба да вршат активности во одгледувалиштата каде што има луѓе во самоизолација, а активностите од областа на здравствената заштита и благосостојба кои во вакви услови се редуцирани, во населените места каде што има луѓе заболени од вирусот Ковид-19 да се остават последни. Во овие области, ветеринарните активности од овој тип ќе се спроведат кога ризикот од вирусот нема да постои.
Врз основа на донесената одлука на Владата за замрзнување на цените на основните прехранбени производи (леб, сол, зејтин, млеко и млечни производи, јајца, брашно, месо, тестенини, лекови и дезинфекциони средства), АХВ во наредниот период нема да издава сертификати за безбедност за извоз на брашно.
АХВ апелира да се почитуваат процедурите за постапување во синџирот на утовар/растовар и превоз на стока во меѓународниот и внатрешниот превоз. Инспекциските служби на Агенцијата ги засилија контролите кај операторите со храна што вршат онлајн-трговија и достава врз основа на телефонските нарачки на граѓаните. Се вршат проверки дали се почитуваат основните и посебните услови за дистрибуција на храна, правилата на „Добра производствена и хигиенска практика“, како и дали се почитуваат препораките за спроведување на засилената дезинфекција на опремата и транспортните средства.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.