Како се снаоѓаат дистрибутивните компании во ек на ограничувањата за компаниите наметнати поради коронавирусот? Дали можат редовно да ги снабдуваат маркетите? За InStore зборува Хамим Даути, комерцијален директор во „Даути комерц“.
Дистрибуцијата оди многу забавено и тешко, затоа што има ограничување на движењето на возилата, посебно во регионот на Дебар. Освен тоа, зголемена е побарувачката од купувачите, поради што станува невозможно да се достават производите навреме.
Во Дебар доставата е поспецифична, поради што максиманлно се мобилизиравме да им излеземе во пресрет на потрошувачите.
Во поглед на преземените мерки за заштита на вработените, направена е дезинфекција на магацините и на канцелариите, обезбедени се средства за дезинфекција, маски и ракавици за вработените. Речиси за 50% е намален бројот на вработените што работат во канцеларии и кои можат работните обврски да ги вршат од дома.
Имаме залихи за уште две недели, но ако вака продолжи многу тешко ќе може да ја одржиме кондицијата. И доставата на нарачките од странство се одвива многу забавено, поради граничните бариери поставени речиси секаде во регионот, доцнење при товарење на стоката, особено во региони во Италија.
Посебен проблем е ситуацијата со тестенините за кои во периодов има зголемена побарувачка, но и за производите со пократок рок, како што се млекото и млечните производи.
Прво, треба да смогнеме сили самите да го издржиме и пребродиме периодов, оти од државата сè се сведува на устна поддршка. Барем така досега ни покажале поранешните искуства. Иако треба да воведе одредени мерки, не се надеваме многу.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.