Засега целосно се снабдени маркетите „Рептил“ и во нив ги има сите производи, информираат од трговскиот синџир.
Во моментов проблем е само свежиот квасец, кој поради големите залихи што ги прават купувачите, производителот не е во состојба да го произведе. Но, затоа, обезбеден е сув квасец и од утре би требало да го има по маркетите, изјави за InStore Јованка Трајкова, комерцијален директор на „Рептил“.
Таа додава дека има резерви по маркетите, но за нормална продажба, а за продажба во вакви услови никој не може да претпостави за колкав период би биле доволни тие резерви. Доставувачите со кои постојано сме во контакт имаат стоки и доставуваат. Но, прашањето е колкави се нивните резерви? Мое мислење е дека за сè што е од увоз, немаат залихи за повеќе од 1 месец. И нашите прозиводители имаат проблем со суровините што се увезуваат, иако засега увозот е дозволен за сè, истакнува таа.
Трајкова вели дека досега нема поголемо покачување на цените на производите, иако има најава за покачување на цените на маслото за јадење, брашното и на геловите за дезинфекција.
Маркетите „Рептил“ сè уште работат со полно работно време. Маркетите се снабдени, вработените обезбедени и мислам оти до крај ќе останеме доследни и за нашите купувачи. Посакувам добро здравје на сите и позитивна мисла за брзо справување со настанатата ситуација, заклучува Трајкова.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.