Македонија

Зошто падна трговската размена со Бугарија?

06 Jun 2019

Трговската размена со Бугарија, по минатогодишниот раст, во првиот квартал од годинава бележи пад.

На редовното годишно Собрание на македонско-бугарската стопанска комора, бизнисмените и претставниците на Владата најавија дека ќе ги анализираат причините за да се види дали треба да се интервенира кај регулативата или во други области.

Бизнисмените бараат забрзување на граничното, патното и гасоводното поврзување на Коридорот 8 и истакнаа дека само со заеднички производи и регионална соработка ќе можат да го издржат силниот притисок од конкуренцијата на европскиот пазар.

Бугарскиот амбасадор во земјава Ангел Ангелов рече дека има оптимизам по Договорот за добрососедски односи.

По минатогодишниот раст на размената, за жал, во првите три месеци  се покажаа одредени проблеми. Во првиот квартал извозот  на Северна Македонија кон Бугарија се  намалил за 29,7 проценти, а увозот на Бугарија кон Северна Македонија  за  6,9 проценти. Кај туристите има пад од-5,4 проценти. Треба силна динамика на активности за да се запре таквата тенденција и многу бргу да се најде решение, рече Ангелов,  порачувајќи им на бизнисмените секогаш кога ќе лоцираат одреден проблем да алармираат веднаш затоа што владите имаат обврска веднаш да најдат решение за сите проблеми, рече Димитров. 

Министерот без ресор задолжен за подобрување на бизнис регулативата, Зоран Шапуриќ, наведе дека по потпишувањето на Договорот со Бугарија трговската размена во последните две години бележи голем раст, лани се зголемила за 13 проценти во однос на 2017 и достигнала 750 милиони долари. Исто така, посочи Шапуриќ, воочено е дека во првиот квартал има извесен пад, поради што двете влади,  бизнис секторот и коморите заедно со надлежните институции ќе прават анализа какви се тие трендови, кои се причините и дали се моментални. 

Ова е сосема нов статистички податок, делумно изненадува, но  мора да се направи длабинска анализа. Улогата на владите е да создадат  политичка клима, регулатива и да видат дали има некои  други бариери, а бизнис секторот сам си го наоѓа своето место. Затоа ќе чекаме сугестии и анализа од бизнис секторот, можеби се работи само за моментален тренд бидејќи размената расте две години, изјави Шапуриќ. 

Од задачите што пред една година до владите во двете држави ги испорачаа бизнисмените, се работи на изградба на инфраструктурата и се дополниле мерките за финансиска поддршка на инвестиците со Планот за економски раст. 

На годишното Собрание беше потпишан меморандум за соработка помеѓу претседателот на Бугарско – македонската трговско-индустриска комора од Софија и Македонско-бугарската стопанска комора во Скопје. Во фокусот, според Пламен Павлов од бугарската асоцијација, ќе биде регионалната соработка и енергетското и патното поврзување како единствен начин за успешна интеграција во Европската унија.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...