Комисијата за трговските ознаки меѓу Северна Македонија и Грција што треба да се формира во текот на оваа година, согласно Договорот од Преспа, предвидува дијалог меѓу бизнис заедниците, а не билатерален меѓудржавен дијалог.
Ова го потврди генералниот секретар за трговија и заштита на потрошувачи од Министерството за економија и развој на Грција, Димитрис Авлонитис на информативната средба со новинарите за трговските ознаки во рамките на Договорот од Преспа.
Тој објасни дека претставници на бизнис заедниците од двете земји, прво ќе се сретнат за да ја регистрираат актуелната ситуација, да видат дали постојат проблеми, а потоа да најдат заемно прифатливи решенија за употребата на географските термини во трговските ознаки.
Авлонитис истакна дека во Европската канцеларија за регистрација на трговски ознаки, регистрирани се вкупно 19 грчки трговски ознаки што го содржат терминот „Македонија“ или „македонско/а/и“, додека пак од нашата земја нема ниту едно барање за регистрација.
Одговарајќи на новинарски прашања, за два производи со исто име, на пример „македонска салца“ што се продава во супер-маркет во Германија, а на едниот пишува произведено во Грција, на другиот, произведено во Северна Македонија, Авлонитис рече дека не постои никаков проблем во конкретниот случај.
На прашањето доколку двајца различни производители од двете земји имаат иста трговска ознака на нивниот производ што сакаат да го извезат во странство, како на пример „македонско вино“, Авлонитис објасни дека во тој случај, извоз може да има, но компанијата од Северна Македонија, нема да може да го регистрира на европско ниво производот под таа трговска ознака, бидејќи станува збор за грчки производ со заштитено име на потекло.
Може да извезувате, но нема да можете да го регистрирате, рече тој, додавајќи дека за конкретниот пример за „македонското вино“, не може да се регистрира трговска ознака под ова име.
Авлонитис ги отфрли шпекулациите и информациите дека договорот дава можност за тужби за трговските ознаки.
Комисијата за трговските ознаки, согласно Договорот од Преспа, треба да се формира во текот на 2019 и ќе ја заврши нејзината работа во рок од три години.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.