Стопанската комора на Македонија бара да се избришат одредени делови од Законот за нефер трговски практики со кој се очекува да се стави крај на проблемите со цените што постојано растат во маркетите, пренесува ТВ Телма.
Во писмото стои дека во ЕУ субјектите на пазарот имаат повеќе простор да се адаптираат на новините. Како проблем што го потенцира комората во писмото е периодот на приспособување на новото законско решение, односно тоа што некои измени треба да се случат во период кога не е завршена календарската година.
Праксата на другите пазари во Европската Унија укажува на многу подолг период за усогласување со законите со кои се забрануваат одредени трговски практики. Во Република Северна Македонија преоден период не е оставен, освен за добавувачите и за купувачите кои склучувале договори за снабдување, за кои имаат обврска да ги усогласат со овој закон во рок од шест месеци од денот на неговото влегување во сила, а тоа е пред истекот на септември 2024 година, се вели во писмото.
Од Комората бараат да се избрише делот од законот со кој се ограничува рабатот што добавувачот му го одобрува на купувачот, како и да се прецизираат условите под кои купувачот може да ги врати кај добавувачот непродадените производи. Треба да се зголеми, како што велат оттаму, рокот во кој купувачот го известува добавувачот дека ја намалува нарачката на одреден производ.
Претставниците на добавувачите и на купувачите изразија потреба од дополнително прецизирање и појаснување на одредени одредби од Законот. Предлагаме да ја разгледате можноста за дополнително продолжување на рокот на усогласување на работењето со Законот, со цел разјаснување на сите дилеми и поголема правна сигурност за субјектите кои се засегнати од него, се вели во писмото.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.