Македонија

Народната банка отсега овозможува споредба на надоместоците помеѓу банките

03 Oct 2023

За да овозможи поголема споредливост на надоместоците што ги наплаќаат одделните даватели на платежните услуги, во согласност со Законот за платежни услуги и платни системи, Народната банка објавува споредбени податоци на надоместоците поврзани со платежната сметка наведени во посебна листа на најрепрезентативни услуги.

„Споредба на надоместоците помеѓу давателите на платежните услуги“ претставува алатка која им овозможува на потрошувачите едноставно и брзо да ги споредат надоместоците за најчесто користените услуги поврзани со платежната сметка, односно најрепрезентативните услуги, кои ги изложуваат на најголем вкупен или поединечен надоместок.

„Најрепрезентативни услуги“ се најчесто користените услуги поврзани со платежната сметка за кои корисниците на платежните услуги плаќаат надоместоци. Согледувајќи ги навиките и потребите на корисниците, Народната банка на Република Северна Македонија пропиша стандардизирани термини и дефиниции за најрепрезентативните услуги дефинирани во листата. На овој начин се обезбедуваат воедначени информации за висината на надоместоците што давателите на платежните услуги ги наплаќаат за стандардизиран сет на најчесто користени услуги.

„Надоместоците ги утврдуваат давателите на платежните услуги, при што се должни да ги почитуваат ограничувањата и обврските коишто произлегуваат од Законот за платежни услуги и платни системи.

Давателот на платежните услуги е должен на потрошувачот да му даде информација за надоместоците за најчесто користените услуги во форма на Информативен документ за надоместоците, пред потрошувачот да се обврзе да ги користи неговите платежни услуги со склучување на рамковниот договор“, се наведува во соопштението од Народна банка.

Оваа алатка нуди податоци за Капитал банка, Комерцијална банка, НЛБ банка, ПроКредит банка, Силк роуд банка, Стопанска банка АД Битола, Стопанска банка АД Скопје, ТТК банка, Универзална инвестициона банка, Халк банка, Централна кооперативна банка и Шпаркасе банка.

tags:
#НБРМ  


@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...