Македонија

Стопанската комора очекува Законот за солидарен данок да биде повлечен

26 Sep 2023

Според правните тимови на Стопанската комора, Законот за солидарен данок „лебди во воздух“ по неколку основи, пред сè, зашто е ретроактивен, непринципиелен и не ја исполнува целта за која е наменет. Од тие причини, Стопанската комора очекува законот да биде повлечен.

Би било несоодветно министерот да каже дека немаме право да го оспориме Законот на Уставен суд. Нашите правни тимови велат дека по неколку основи тој закон „лебди во воздух“ и има основа да биде оспорен. Очекуваме да биде повлечен, пред сè, затоа што е ретроактивен, не е принципиелен, се однесува само на одредена група компании и не ја исполнува целта за која е наменет. Засегнати ќе бидат фирми што немаат никаква врска со бенефитот од енергетската и ковид-кризата, изјави извршниот директор на Комората, Антони Пешев пред конференцијата „Водење бизнис со ЕУ – како да се постигне поинтензивна трговска соработка меѓу Македонија и Полска“.

Како што истакна тој, иако во текот на договарањето со компаниите околу поевтинувањето на производите владата ветила дека ќе им каже кој датум ќе биде земен како репер, тоа не го сторила. Го повтори ставот на бизнисот, дека секој закон треба да се носи во согласност со т.н. даночен календар.

Компаниите треба да знаат три до шест месеци порано за да го приспособат своето работење, а не како сега, да донесете закон шест месеци откога е истечен и откако се распределени добивките на компаниите. Како ќе им ги земете кога повеќето се со странски инвеститори и тие ги имаат повлечено парите. Цениме дека овој закон можеби можел да биде донесен, но порано од што истекол рокот, нагласи Пешев.

По донесувањето на Законот за солидарен данок минатата недела, реагираа сите стопански комори, а Стопанската комора најави, како што и претходно предупредуваше, дека ќе го оспори пред Уставен суд.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...