„Атлантик група“ вчера го отвори новиот, современо опремен дистрибутивен центар во Скопје, кој обезбедува соодветна логистичка поддршка за долгорочен развој на дистрибутивната дејност. Инвестицијата во изградба и опремување вредна околу 12 милиони евра е реализирана во соработка со партнерската компанија „Вичишки“.
Она што го прави проектот особено интересен се неговите амбиции на полето на дигитализацијата на магацинското работење, така што новиот логистичко дистрибутивен центар е вистински полигон за тестирање на новите технологии кои се веќе инсталирани или се во процес на имплементација, соопштија од компанијата.
Новоизградениот објект ги обединува вкупните складишни капацитети на „Атлантик група“ на подрачјето на Скопје и е логистички центар за македонскиот пазар. Оптималната географска локација, земајќи ги предвид сите значајни елементи за обезбедување на деловната исплатливост на проектот (транспортни растојанија, трошоци и сл.), беше пронајдена во многу пропулзивната индустриска зона на населбата Илинден во околината на Скопје.
Во првата фаза е обезбеден капацитет за складирање од 10.000 палетни места, а објектот има можност за дополнително модуларно проширување во согласност со деловните потреби, што обезбедува долгорочна одржливост и поддршка за понатамошен развој на дистрибутивниот бизнис. Така на пример, на новата локација, современи софтверски решенија ќе управуваат со влезот на производи и возила, оптимално организирајќи ги производите во магацинот преку „виртуелизација“, која создава логично одвоени простори за складирање во еден физички простор и испорака на производите до клиентите, преку целосно дигитализиран канал за дистрибуција без употреба на хартија.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.