Македонија

За три месеци: Извозот на „Алкалоид“ порасна за 28 отсто, а инвестициите се 5,6 милиони евра

28 Apr 2023

„Алкалоид“ оствари консолидирани продажби од 70,5 милиони евра, раст на консолидираниот извоз од над 28% и 47 нови вработувања во земјава во периодот јануари - март 2023. 

Според соопштението од компанијата, во наведениот период продажбите достигнуваат 3.104.714.658 денари, што е за 15% повеќе во споредба со истиот период лани. Вкупните консолидирани продажби достигнуваат 4.346.596.075 денари, што е раст од 2%. При тоа, консолидираните продажби на домашниот пазар се зголемени за 3%, а вкупниот консолидиран извоз е зголемен за 28%. Од вкупните консолидирани продажби, 72% се остварени на странските пазари, најмногу во земјите од југоисточна Европа – 29. Продажбите во Ерменија се зголемени за трипати, а во Романија за 51%.

Во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, 90%.

Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари-март 2023 изнесуваат 346.520.151 денари.

Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 598.921.588 денари, бележи зголемување од околу 12%, додека, пак, единечната нето-добивка изнесува 355.523.149 денари и е зголемена за 19%. Консолидираната добивка пред ЕБИТДА достигна 758.445.142 денари и бележи раст од 19%, додека консолидираната нето-добивка во износ од 441.583.321 денари е зголемена за 22%.

Во периодот јануари - март 2023 во „Алкалоид“ се реализирани 47 нови вработувања во Македонија.

Групацијата брои 2.678 вработени, од кои 2.039 во земјата и 639 во подружниците во странство.
Акциите на „Алкалоид“ АД Скопје котираат на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидни акции. Цената на една акција во периодот јануари-март 2023 се движеше од 17.200 до 18.100 денари или просечно 17.787,37 денари.

Во согласност со очекувањата, она што доминираше во 2022 година, а продолжува и во првиот квартал од 2023 година е забележителниот раст на цените на голем дел од влезните суровини и материјали, енергенсите, како и порастот на цените на транспортот на глобално ниво, а особено и значителните пролонгирања на роковите за испорака. Сето ова влијае и на стапката на инфлацијата што веројатно како тренд ќе биде уште понагласен во периодот што следи. Како најголем предизвик и прв приоритет за периодот што доаѓа и понатаму останува грижата за здравјето на вработените, како и одржувањето на тековната ликвидност, на финансиската стабилност и остварување на планските цели, соопштија од „Алкалоид“.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...