Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ги ажурира економските прогнози за регионите што ги покрива и проценките за РС Македонија се дека порастот на БДП во 2022 година бил 2,5%, оваа година ќе биде 2%, а во наредната 3%.
Како што соопшти ЕБОР, проценката за макадонскиот БДП за 2022 е намалена за 0,2%, а за оваа година за 0,3% во однос на последниот извештај од септември минатата година.
За регионот на Западен Балкан се проценува дека порастот на БДП лани бил 3%, годинава ќе биде 2,2%, а во 2024 година ќе достигне 3,4%.
Споредено со последниот извештај и оценка на ЕБОР од септември, проценетиот пораст на БДП за Западен Балкан за годинава е намален за 0,8%, како резултат на слабата надворешна побарувачка, високата инфлација и построгите услови за финансирање.
Високите цени на енергенсите и инфлацијата продолжуваат да влијаат врз економските изгледи на сите региони што ги покрива банката, кои опфаќаат три континенти. Прогнозите за пораст се со надолни проекции во повеќе од половината од 36-те економии во кои работи ЕБОР, со многу малку нагорни проекции. Просечната инфлација во регионите на ЕБОР во декември падна на 16,5%, откако го достигна врвот од 17,5% во октомври.
ЕБОР проценува дека просечниот пораст на БДП во регионите што ги покрива лани бил 2,4%, годинава ќе изнесува 2,1%, а во 2024 ќе достигне 3,3%.
Банката најавува дека посеопфатен извештај за економските перспективи ќе објави во мај.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.