Нацрт - верзијата на новиот Закон за работни односи предвидува да се ограничи времето во кое работникот може да биде вработен на определено време. Со договор на определено, еден работодавец ќе може да држи работник најмногу две години, наместо сегашните пет, а потоа ќе мора да му го трансформира работниот однос на неопределено.
Ова е една од клучните придобивки што министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, ги истакна во гостување во емисијата „Топ тема“ на Телма ТВ.
Во тој период од две години, предност, според неа, е и тоа што работодавецот нема да може да му дава на работникот да потпишува анекс на договорот секој месец, туку тоа ќе биде дозволено најмногу три пати.
Ставаме клаузула да не може еден работник секој месец да потпишува анекс. Туку велиме најмногу до три пат во периодот од две години. Нема да може секој месец. Ќе има три пати и работодавецот ќе мора да ги распредели, рече Тренчевска.Таа нагласи дека синдикатите барале максималното време за работа на определено да биде една година, а работодавците предлагале да остане иста – пет години или да се намали на најмалку три. Затоа периодот од две години е избран како компромис.
Меѓу другите придобивки за работнциите, таа нагласи и дека се воведуваат нови форми на работа, како што се „работа од дома“ и „работа од далечина“ што смета дека е особена придобивка за младите работници да бираат како ќе работат. Нема да има и горна граница колку ќе изнесува годишниот одмор.
Oва се предлози од нацрт-верзијата, а по собирањето на предлозите и јавните дебати очекува во текот на февруари да бидат сумирани сите забелешки, да се пушти предлог-законот во владина процедура, а потоа и во собраниска процедура.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.