Европската комисија во летната економска прогноза предвиде пораст на економијата на Европската Унија од 2,7 отсто во 2022 година, додека за 2023 се предвидува пад на 1,5 проценти, односно 2,6 и 1,4 отсто во еврозоната.
Истовремено, се прогнозира дека просечната годишна инфлација ќе достигне „историски максимум“ во 2022 година од 7,6 отсто во еврозоната и 8,3 проценти во ЕУ, пред да се намали во 2023 година на 4 и 4,6 отсто.
Претставувајќи ја најновата економска прогноза за ЕУ и еврозоната, комесарот за економија, Паоло Џентилони нагласи дека војната на Русија против Украина и понатаму негативно влијае врз економијата на ЕУ, поставувајќи ја на пат од низок пораст и зголемена инфлација во однос на претходната пролетна прогноза.
Акциите на Москва го нарушуваат снабдувањето со енергенти и со жито, ги зголемуваат цените и ја намалуваат довербата. Во Европа, замавот на повторното отворање на економиите ќе го поддржи годишниот пораст за 2022 година, но за 2023 значајно ја ревидиравме прогнозата. Се очекува рекордно високата инфлација да достигне врв подоцна годинава и постепено да опаѓа во 2023 година, појасни Џентилони.
Тој предупреди дека развојот на војната во Украина, особено на испораките на гас за Европа, како и можноста од повторно засилување на пандемијата, претставуваат ризик за развојот на европските економии и за понатамошната инфлација.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.