Градот Скопје ги прогласи најдобрите трговски објекти за 2021 година, како дел од традиционалната манифестација „Месец на трговијата" на која градските власти во соработка со агенцијата „СВОТ Рисерч“ ги избираат најдобрите трговски објекти во осум категории.
Во категоријата супермаркети, наградите го добија:
1.„Веро“
2.„Рамстор“
3. „Жито маркет“
Оваа награда се доделува според оценките на независни и објективни тајни купувачи, кои во текот на ноември ги посетуваа трговските објекти и го оценуваа квалитетот на услугата што тие ја нудат според однапред утврдени критериуми. Различни тајни купувачи имаа три посети на супермаркетите, при што го оценуваа изгледот на продажното место, првиот контакт со вработените, спроведување на ковид-19 заштитните мерки, услугата кон купувачите, продажните вештини на вработените, завршниот контакт со купувачите и генералното задоволство од купувачкото искуство.
Плакетата за најдобар супермаркет ја прими генералниот директор на „Веро“, Петар Денковски, од претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески. Денковски им се заблагодари на потрошувачите за нивната доверба во Веро и за долгогодишната лојалност кон овој бренд.
Кога „Веро“ како бренд првпат се појави на македонскиот пазар, си поставивме цел дека секогаш на потрошувачите ќе им овозможуваме врвна услуга во секој сегмент. Ова признание за нас е најдобар показател дека сме ги оствариле зацртаните цели и сме успешни во нашата мисија која трае веќе 25 години. Дури и во време на пандемија успеавме да го одржиме највисокото ниво на услуга и безбедност, за што е заслужен целиот тим на „Веро“. Продолжуваме да ја градиме нашата успешна приказна заедно со нашите ценети потрошувачи, изјави Денковски.
Од „Жито маркет“ соопштија дека се горди што можеат да се пофалат дека од скопјани и од Град Скопје се вброени меѓу најдобрите објекти во категоријата супермаркети за оваа година.
Во традиционалниот избор на најдобрите трговски објекти во Скопје за 2021 година, го имаме задоволството да сме избрани во водечката тројка на ланци на супермеркети и продажба на стоки за широка потрошувачка. Ова за нас е големо признание, но, воедно и голема обврска да им се оддолжиме на скопјани за нивната доверба и напорно да работиме и во иднина, соопштија од „Жито маркет“.
Проектот „Месец на трговијата" традиционално се спроведува петнаесетта година по ред.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.