Од Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ) апелираат Владата да го донесе петтиот пакет на економски мерки во јануари, со цел да се обезбеди предвидливост и сигурност што е важно за планирање на активностите на економските субјекти во претстојниот период.
Според ССКМ, неопходно е и да се подобри динамиката на имплементација на мерките од четвртиот пакет, бидејќи некои од нив, како таа за државната кредитна гаранција, сѐ уште не се реализирани. Тоа е важно, за да нема прекин кај економските оператори кои немаат воопшто никакви или имаат значително намалени приходи поради рестриктивните мерки и на кои овие средства им се неопходни за да се зачуваат работните места.
Директна, таргетирана финансиска помош во следните месеци е неопходна за опстојување и покривање на основните месечни трошоци. Потребно е и да се овозможи на оние на кои им е тоа неопходно, одложување или репрограмирање на кредитите, аконтациите за даноци и другите оптоварувања, минимум до крајот на годината, соопштија од ССКМ.
Од таму велат дека економските мерки за поддршка на стопанството и намалување на штетните последици од кризата треба да имаат континуитет, бидејќи само така може да се одржи економската активност на што поголем број правни субјекти и да се избегне загубата на работни места.
Продолжување на финансиската помош за исплата на плата, неповратната финансиска помош како и бескаматните кредити се приоритетните мерки кои реалниот сектор очекува да продолжат и да траат најмалку до април. Во анкетата на ССКМ, деловните субјекти бараат петтиот пакет на економски мерки да содржи мерки за одржување на ликвидноста, за даночно олеснување и одложување на даночните обврски, како и субвенции за задржување на вработените, соопштија од ССКМ и најавија дека до Владата ќе ги достават предлозите од претпријатијата за петтиот пакет на економски мерки.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.