Индексот на индустриското производство во септември 2020 година, во споредба со истиот месец минатата година, изнесува 95,9, односно е понизок за 4,1%, објави Државниот завод за статистика (ДЗС).
Според статистичките податоци, производството во секторот рударство и вадење камен бележи пад од 9,7% во споредба со септември 2019 година; преработувачката индустрија бележи опаѓање за 1,9%, а во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација намалувањето е за 13,2%.
Намалувањето на производството во преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на намаленото производство на прехранбени производи, пијалаци, текстил, облека, фабрикувани метални производи, освен машини и опрема, и на електрична опрема, се наведува во соопштението на ДЗС.
Кај главните индустриски групи, производството во септември годинава, во споредба со истиот месец лани, бележи опаѓање кај енергијата за 12%, трајните производи за широка потрошувачка за 26,2% и нетрајните производи за широка потрошувачка за 11,1%. Зголемување има кај интермедијарни производи, освен енергија, за 5% и кај капиталните производи за 2,4%.
Од јануари до септември годинава, во споредба со истиот период лани, индексот на индустриското производство изнесува 87,9, односно во деветте месеци е намален за 12,1%.
Падот на индустриското производство во септември е најмалиот во периодот на сите изминатите месеци од почетокот на корона-кризата. Поточно, падот во април изнесуваше 33,5% во споредба со истиот месец 2019 година, во мај беше 27%, во јуни 15,1%, во јули 9,5% и во август 9,1% во споредба со август 2019 година.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.