Повеќето од раните сорти овошје и зеленчук не можат долго да се чуваат, а нивните плодови порано дехидрираат. Поради тоа е неопходно дополнително да се посвети внимание при набавката и ракувањето со нив.
Автор: Александар Антиќ, anticaca@gmail.com
Иако одредени растителни видови можат и порано да се најдат на пазарот, мај е време кога се појавува првата понуда на поголемо количество домашно овошје и зеленчук. Тоа што е заедничко за целото рано овошје и зеленчук се високите и нестабилни цени, пократок живот на полицата и поинакви параметри за квалитет во споредба со оние што се вообичаени во текот на сезоната. Повеќето од раните сорти овошје и зеленчук не можат долго да се чуваат, а нивните плодови порано дехидрираат поради слабо развиената кора и поголемата содржина на вода. Таквите плодови се подложни на механички оштетувања, но и на други неповолни промени. Поради тоа е неопходно дополнително да се посвети внимание при набавката и ракувањето со нив. Особено е важно стоката да ја држите под сенка, по можност на место кое овозможува постојано струење на воздухот. Директното изложување на сонце драстично ги забрзува дехидрацијата и расипувањето.
На почетокот се толерираат одредени отстапувања во поглед на големината, така на пример, кај компирот, младиот лук, црешите и јагодите на почетокот можат да се прифатат и плодови со помала калибража од вообичаената за тие плодови и класи. Поради големата чувствителност, потребно е редовно прегледување на целото количество.
Цените на раното овошје и зеленчук по правило се високи, но исто така се и исклучително нестабилни, па треба да очекувате чести, а неретко и големи промени поради колебањето на количеството во понудата. Општо гледано, на подолг период, очекуван е опаѓачки тренд кога се во прашање цените, но во одредени ситуации можете да очекувате и нивно брзо зголемување. Така, по заладувањето, треба да очекувате пораст на цените бидејќи поголемиот број рано овошје и зеленчук бараат топло време за својот развој, па со тоа и бербите ќе бидат намалени доколку температурите паднат под оптималните.
Најдобро е во овој период да се избегнува создавање на големи резерви стока, а кај чувствителните видови, најдобро е секојдневно да се оди во набавка, а количеството да се приспособува на дневниот промет. На овој начин, се намалуваат загубите поради расипување на плодовите, но се намалува и опасноста, поради падот на цените на пазарот, да бидете принудени стоката да ја продавате по набавни цени.
Младиот лук најчесто се продава заврзан во 4 до 5 главици. На пазарите најчесто се продаваат по 4 главици, иако во почетокот, кога лукот е ситен, може да се продава и по 5. Младиот лук мора да биде со неразвиена главица, со потсечени жили и со перја во зелена боја, без земја и не смее да биде оштетен со растителни болести и со штетници. Пречникот на луковицата, т.е. на белиот дел треба да биде најмалку 1 см, освен на почетокот од сезоната кога се толерира и пречник од најмалку 8 мм. При набавка, внимавајте главиците поврзани со врвка да бидат со еднаква големина. Младиот лук е чувствителен на дехидрирање, што прво се забележува на листовите, па затоа треба да се избегнува лук со листови кои ја изгубиле цврстината или чии врвови почнале да жолтеат. При набавката,контролирајте ја и внатрешноста на листовите за да нема присуство на црви, иако појавата на овие штетници не треба да се очекува на почетокот од сезоната.
‘Рдоквите најчесто се продаваат врзани во 10, 15, а поретко и во 20 корени, во зависност од големината. Коренот мора да биде свеж, сочен, со карактеристична црвена боја и пречник од 1,5 до 3 см, а листовите мора да бидат свежи. На пресек коренот не смее да има шуплина, ниту израснати и стврднати делови. ‘Рдоквите се чувствителни на дехидрирање, а доколку предолго стојат, црвената боја потемнува, а коренот омекнува. ‘Рдоквите може да се продаваат и без листови кога тие се отстрануваат до основата, а корењата се пакуваат во ќесички. На овој начин можете да ги продавате ‘рдоквите на кои листовите почнале да венеат или да жолтеат, а корењата го имаат соодветниот квалитет.
Младите компирчиња и младиот компир се карактеристични по тоа што многу бргу се распаѓаат, што е особено изразено кај малите компирчиња кои се вадат кога епидермисот не е формиран, а потоа се мијат. Компирчињата најчесто се пакуваат во ќесиња од 1 или 1,5 килограм. Вака спакувани, многу се чувствителни на развојот на процесот на гниење и распаѓање, поради што количествата треба да се приспособат на дневните потреби на продавницата. По компирчињата, сезоната продолжува со младите компири, кои се вадат кога епидермисот им е формиран, но кој сè уште е тенок и чувствителен. Пречникот на младиот компир треба да биде околу 300 мм за долгнавестата и полудолгнавестата сорта, а околу 35 мм за тркалезната сорта. Младиот компир се мие и се пакува во гајби. Иако е помала неговата чувствителност во споредба со онаа на младите компирчиња, сепак треба да се внимава да не се прават големи резерви за да се избегнат загубите поради распаѓање.
Црешата, покрај јагодата, е првото домашно овошје на пазарот кое се појавува во мај. Пречникот на плодот на црешата, во зависност од сортата, се движи од 15 мм за раната сорта до најмалку 17 до 20 мм за подоцнежните сорти. Првите сорти се карактеризираат со ситни плодови кои се со посветла боја и кај кои семката има поголемо учество во масата на плодот во однос на подоцнежните сорти. Црешите можат да се пакуваат во плитки гајби или во пластични чинии, најчесто од 500 г. Иако цената на црешите пакувани во пластични чинии е повисока, кога и да можете бирајте го овој вид пакување. На овој начин ќе спречите загуба поради неправилно ракување, гмечење и претурање. Исто така, внимавајте плодовите да имаат дршка бидејќи таа спречува сокот да се излее од плодот и со тоа ваквите плодови имаат подолг живот на полица. По обилните врнежи може да се очекува појава на пукнатини на плодовите кои потоа брзо се распаѓаат, понекогаш и по еден ден. Ваквите плодови не можат да бидат сместени во првата класа и тие мора да бидат отстранети при пакувањето. Сите сорти цреши се чувствителни на пукање на епидермисот, единствено се разликува степенот на нивната чувствителност. Со тоа, по дождливиот период треба особено да се внимава при набавка на ова овошје.
Јагодата е најпопуларното сезонско овошје кај нас. Како и црешите, и јагодите се пакуваат во плитки гајби или во пластична амбалажа со или без капак, при што секогаш предност му се дава на пласитичното пакување. Пречникот на плодовите, во зависност од сортата, се движи од 115 до 25 мм, а покрај тоа, плодовите треба да бидат добро развиени и обоени во согласност со карактеристиките на сортата. Треба да се има предвид дека доколку јагодите дозрeвале во постуден и дождлив период без доволно сончеви денови, плодовите нема да бидат толку слатки и ќе содржат повеќе вода. Овие плодови се поподложни на распаѓање, а во некои екстремни случаи, распаѓањето може да се случи и само по неколку часа од бербата, особено кога не е можно нивното чување на оптимална температура. Ова е особено изразено кога одминува сезоната и кога јагодите се одгледуваат на отворено поле, а нивните плодови се чувствителни на негативното влијание на дождот. При купувањето треба да се внимава плодовите да ги имаат горните зелени ливчиња, а освен тоа плодовите треба да бидат неоштетени, без неприродна влажност. Доколку ви се случи плодовите да почнат да гнијат пред да ги продадете, внимателно прегледајте ги и отстранете ги оштетените. Избегнувајте какво било навлажнување на плодовите или чести промени на температурниот режим.
Се вчитува следна вест...