Единствено би сакал, како паметен и искусен деловен човек, да те замолам за една услуга. Испрати ми го, жити сè, контактот од агенцијата што го води тој твој маркетинг. Си велам себеси: Па, ако таа агенција успеала да ги увери возрасните во една земја дека постои Дедо Мраз, веројатно може да ги увери и дека моите котли за греење се добри...
Автор: Владимир Милетиќ
Е мој пријателе...
Срам ми е и носам голем грев на душа што долго време не ти пишував. Последен пат ти пишав во далечната 1964 година, кога имав девет години. Ти барав кожена фудбалска топка, а добив кадифен зајак. На мангупите од моето одделение им донесе сè што побараа. А само за мене, Стеван Јованов, најдобриот ученик во цела Кикинда – грешка. Веднаш се налутив и се заколнав дека никогаш повеќе нема ништо да ти побарам. Дека со својата работа ќе го стекнам и кожениот фудбал и уште многу повеќе. Така и се случи.
Го завршив училиштето, машинскиот факултет, па уште и во странство – во Виена. Се вработив таму, заработив малку пари, па отворив своја фирма овде, во Србија. Произведувам котли за греење. Како и кај тебе – најмногу работа во зима. Голема, добра фирма, да чукнам во дрво. Вработени – 38. И нека се знае дека сите се пријавени. Даноците ги плаќаме како што е редот и никому не сме му останале должни. Ниту динар кредит.
Си го признавам гревот на душата – долго време мислев дека не постоиш. Дека си само една од детските бајки, како оние за змејовите, за Заспаната убавица или за акциите на Динкиќ... Но, ти не си како нив. Ти успеа да станеш јунак и за возрасните луѓе. Особено овде, во Србија. Те има на шишињата сокови, на пакувања бисквити, на банкарски кредити, на честитки, во реклами за кафе... Твојот рејтинг никогаш не бил подобар.
И мене ми оди добро. Имам вредни и добри вработени. Начитани и образовани луѓе. Како знаат да осмислат и да направат котли, памет да ти застане! И со Германците минатата година завршивме работа од милион евра. Ги наградив за тоа, како што и заслужија. Се знаат правилата на Стеван Јованов. Им давам и бонуси кога има резултати. Цело време се трудев да ги научам дека не постоиш. Но, во последно време почнав да се преиспитувам себеси. Бог нека му прости на грешникот каков што сум јас!
Пред неколку недели, на вработените во општината им исплатија тринаесетта плата. Дури и на Гоце од катастарот, кој цела година беше на боледување. Почна да ме нагризува црвот на сомнежот дека можеби не сум во право... Можеби, сепак постоиш! Среќа што сите општински даноци си ги плативме навреме, па имаа пари во буџетот. Во спротивно, каков резил ќе беше за нашата општина ако единствено таа не го исплатеше вишокот!
Го признавам гревот што го носам на душа – и кумот Ѓорѓе го уверував дека не постоиш. За среќа, тој не ме послуша. Отиде во оној Фонд за развој и убаво се договори со луѓето да му доделат средства за фарма за коњи. И доби добри пари за да ја почне работата. Кумот вложи во коњите – купи еден Mercedes од двесте и уште еден од двесте и педесет коњи. За нив направи и „штала". Од Фондот никогаш не му побараа да ги врати парите назад... поминаа неколку години, веројатно заборавија поради „гужвите". Среќа што ние навреме ги уплаќавме придонесите за фондовите, во спротивно парите ќе му беа кусо на кумот.
Не верував (грешна нека ми е душата!) дека постоиш, дури ни кога мојата конкуренција отвори фабрика во соседната општина. И министерот присуствуваше на отворањето. Рака на срце, не дојде со ирваси, но самиот видов како го донесуваат со кочија. На тие Италијанци им подарија околу 345 ари бесплатна земја и по пет илјади евра за секој работник што ќе го вработат. Не стигнаа ништо да почнат, а камоли да вработат луѓе – дојде кризата. Но, парите си ги добија. За среќа, таквите како мене редовно плаќаат даноци, па имаа со што да ги исплатат. Во спротивно, ќе се засрамевме пред странците.
Но, ти не грижи се... Мене подароци не ми се потребни. Само сакав да ти посакам добредојде во Србија. И онака гледам дека моето време поминува. Со години не можам да вработам нов млад работник. Ќе поработат неколку месеци и ќе ми кажат: Не можеме чичко Стево, многу е тешко! Но, затоа гледам дека ти одлично си го сработил својот дел. Ги научи на новиот систем. Обложувалниците се полни, редовно се уплаќаат лото-ливчиња, во банките се продава лесен кеш како што се продава млеко по продавниците...
Единствено би сакал, како паметен и искусен деловен човек, да те замолам за една услуга. Испрати ми го, жити сè, контактот од агенцијата што го води тој твој маркетинг. Си велам себеси: Па, ако таа агенција успеала да ги увери возрасните во една земја дека постои Дедо Мраз, веројатно може да ги увери и дека моите котли за греење се добри...
А ние, се разбира, ќе се договориме колку чини таа услуга... Знае Стеван дека ништо не е бадијала.
Се вчитува следна вест...