Малопродажба

Владимир Милетиќ: Совршено оправдување

14 Nov 2014

Многумина нема да имаат среќа да најдат оправдувања. За жал, ќе мора и понатаму да го применуваат стариот и напорен систем на преиспитување на себеси и  небарањето вина во другите. Мачениците ќе мора да ги признаат сопствените грешки и да учат од нив. Несреќниците ќе мора да бидат одговорни кон себе и кон другите.

Автор: Владимир Милетиќ

Понекогаш ми се чини дека судбината на продавницата може да се процени по воздухот. Во оваа продавница за бои не го чувствувам мирисот на бои и разредувачи. Овде сè мириса на неуспех. Штом влегов, забележав неуредни полици со канти и конзерви. Вреќите се расфрлени низ просторијата. На нив дебел слој прашина. Подобро ќе беше наместо деловен костум да облеков ХТЗ-работна облека. Зад пултот седи момче. Изгледа чека самиот да се услужам. Мрзливо се поткрена дури откако се приближив до касата. Проценувам дека работата во овој објект се одржува на апарати.

Му се претставив и му објаснив дека забележав дека во продавницата има производи од нашата фирма и дека би сакал да размениме впечатоци. Дури тогаш се насмевна, со воздишка на олеснување.

Мислев дека е инспекција, баш ме исплашивте... Јас сум Микан. Ми ја подаде раката, додека во другата му остана мобилниот телефон со вклучената игра.

Како оди работата?, го прашав колку да почнам разговор...

Онака... прави гадлива гримаса, како кога моите деца ќе дознаат дека за ручек ќе имаме карфиол. Но, наскоро ќе биде многу подобро, одеднаш му се разведри лицето. Подолу, под Автокоманда наскоро се гради голем трговски центар, го прави оној, знаете кој, тогаш ќе имаме работа. Вчера читав весници, велат дека ги добиле сите дозволи и дека наскоро ќе почнат со подготовка на теренот.

Аха, вие ќе го снабдувате тоа огромно градилиште?, се вртам гледајќи ја продавницата и забележувам полупразни полици. Не сфаќам во каква врска можат да бидат тоа огромно градилиште и малата продавница за бои.

Ма, не, не сум таков играч, но сметам дека кога ќе почнат да градат, ќе им требаат секакви ситници, знаете какви се мајсторите, никогаш не го подготвуваат сето она што им е потребно... Ленти, шмиргли, валјак... сето тоа ќе можат да го докупат кај мене, ја разбираш поентата?

Ахаааа... се укорувам себеси што веднаш не го сфатив очигледното.Ти ќе чекаш нешто да им затреба, а потоа тие ќе дојдат во твојата продавница. А како тие ќе знаат дека треба да дојдат, воопшто не е блиску?

Па, ќе знаат некако, ќе се прочуе. Ма, ќе има работа, само да почне градењето, ќе видиш... ме уверува соговорникот. Ова „ќе видиш" на крајот на реченицата го прифаќам како молба да не поставувам нови прашања и да не му го расипувам планот за кој се фатил како пијан за бандера. Којзнае, можеби ќе се оствари, ќе научам нешто ново.

Дојдов по три месеци. Застојаниот воздух е уште позастојан. Кантите и конзервите на полиците имаат поголемо растојание. Прашината ја има во уште подебел слој. Зад пултот и понатаму Микан. Го прашувам како му оди, иако по изгледот на продавницата веќе знам каков ќе биде одговорот. Меѓутоа, сликата и тонот не се согласуваат.

Ќе биде добро, ќе биде добро, плеснува Микан и ги трие дланките. Еве вчера видов како го оградуваат градилиштето и наскоро ќе почнат да го израмнуваат теренот. Нема, брате, фирмиште е тоа... Од тоа тие ќе направат сешто, ќе градат и зграда, деловен објект. Целиот крај ќе живне и ќе почувствува. Гледаш дека во Нов Белград сешто имаат изградено. За викенд половина Србија доаѓа таму. И мене некој одозгора да ме погледне, што да ти кажам. Мојот другар работи кај нив како возач. Слушнал дека на тој проект ќе бидат ангажирани 15000 работници. Еј,брате, 15000! Секој ден да купат по една четка и лента кај мене, тоа ти се 20.000 евра дневно... Види ме мене, се замуабетив и не те прашав со што можам да те послужам. Кафе не можам да ти сварам, поради долговите ми ја исклучија струјата. Имам сок, но не е ладен, и фрижидерот е на струја... се смее Микан.

Се смеам и јас. Ако му е убаво на него, и мене ми е.

Зошто мене не ми објаснија дека економијата е вака едноставна?, ги укорувам поранешните професори. Нѐ учеа да ја проценуваме побарувачката со некои сложени формули и модели, веќе и не се сеќавам на ниту една формула, ниту еден модел. А Микан тоа толку убаво го објасни. Ако сите купат по едно парче... Наголемо веќе размислувам планот за продажба за следната година да го почнам со моделот на Микан! Брзајќи ја напуштам продавницата, со желба да ја запишам оваа теорија и да ја применам во работата. Имав среќа што Микан можеше да ми посвети време за објаснување, бидејќи за еден час, колку што бев присутен, никој не влезе во објектот.

Повторно дојдов по два месеца. Овој пат бев многу поподготвен за учење. Со себе понесов и тетратка за да запишувам. Микан седи на скалите пред објектот и пуши. Продавницата заклучена. Не чека да му поставам прашање.

Е, мој соседу, сирота држава сме. Слушна ли што се случило? Го уапсиле. Ништо нема од градилиштето. Барем некое време. И што да правам сега? Па ништо. Само да затворам, ете што да правам. Сега најдоа да го уапсат кога ми тргна работата. Ма не вреди, знаев јас. Така ти е тоа кај нас. Човек со визија овде не може да успее, не ти дозволуваат и точка. Потоа кажуваат дека приватниците се мотор за развој. Како да не. Зашто малку не го подмачкуваат тој мотор? И потоа прашуваат, зошто ние, вредните, паметните, заминуваме во странство. Да знаев дека ќе биде вака, и порано ќе ја затворев продавницата. Ќе отворев дисконт за пијалаци, тоа секогаш треба... Еве, гледај, ако сите во овој крај, а ги има триесет илјади, секој ден купат по еден литар пијалак, тоа, брате, годишно ти е десет милиони евра. Ајде кај мене нека дојде секој десетти, годишно ми остануваат милион евра... Па така ќе направам, каква продавница за бои...

Се поздравивме, со негова желба наскоро повторно да го посетам. Цврсто е уверен дека следниот деловен чекор ќе биде успешен за разлика од минатите. Поуспешен човек од него немам сретнато. Воодушевен сум од неговата дарба да најде совршено оправдување за неуспехот. Веќе стана здодевно што дежурен виновник за сè стана светската криза. Би кажал дека дојде до криза поради наоѓањето изговори. А тоа фантазирање Микан може добро да го наплати. Го охрабрив да направи пари од тој свој талент.

Еве, гледај Микане, на половина од граѓаните во Србија можеш да сметаш дека ќе ти бидат муштерии, сметав според моделот на кој ме научи. Ако на сите им наплатиш по десет евра, тоа ќе бидат четириесет милиони евра. Оправдувањата за неуспех можат да биде добар бизнис. Подобар дури и од дисконтот со пијалаци.

Единствен проблем е што Микан не може да им помогне на сите. Многумина нема да имаат среќа да најдат оправдувања. За жал, ќе мора и понатаму да ги применуваат старите и напорни системи на преиспитување и небарањето вина во другите. Мачениците ќе мора да ги признаат сопствените грешки и да учат од нив. Несреќниците ќе можат да бидат одговорни кон себеси и другите.

Ако посакам помалку да се мачам, сега знам во која продавница да одам. Сигурен сум дека Микан ќе ми понуди поедноставно решение. А доколку и тоа го нема во понудата, ќе го купи она што секогаш ќе го има.

Совршено оправдување.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...