Актуелно

ЕУ предложи трговски олеснувања за Македонија и за уште 19 земји

26 Aug 2020

Европската комисија(ЕК) усвои пакет предлози за поголема трговска размена на ЕУ со 20 земји, меѓу кои се Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово. 

Предложените мерки треба да придонесат за надминување на економските последици од пандемијата. Со мерките, релевантните „правила за потекло“ треба да станат пофлексибилни и попогодни за работење. „Правилата за потекло“ се неопходни во секој трговски договор, бидејќи тие одредуваат кои стоки ги исполнуваат условите за повластен третман.  

Мораме да направиме се што можеме за да ја олесниме трговската и економската активност меѓу ЕУ и нашите соседи на евро-медитеранското подрачје и да ја промовираме регионалната интеграција, изјави Паоло Џентолини, еврокомесар за економија. 

Тој нагласи дека измените во договорот ќе им помогнат на државите, како што е Либан, да се опорават и да се обноват, а во исто време „ќе ги поддржат европските компании во пристапите кон нови пазари“. 

Потеклото на стоките е економска националност на производите со кои се тргува, рече Џентолини. 

Постапките за потекло им овозможуваат на царинските власти да го проверат потеклото на стоките и притоа им овозможуваат на компаниите да го покажат потеклото на своите производи. Стоките со преференцијално потекло ги исполнуваат условите за увоз со пониски царински стапки, зависно од повластениот тарифен третман, соопштија од ЕК. 

Покрај со балканските земји, предлозите се дополнуваат и со билатерални договори на ЕУ со Исланд, Лихтенштајн, Норвешка, Швајцарија, Турција, Египет, Изреал, Јордан, Либан, Грузија, Молдавија, Украина и посебно со Палестина. 

  

 

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...