Мојот совет за компаниите е да се стремат кон тоа соработката да се заснова на долгорочно партнерство, не само кон краткорочни зделки, а капацитетите на компанијата врз лидерство, знаење и иновации
Пишува: Дејан Ваневски, менаџер на дистрибуција на кондиторски производи „Марс“, за Македонија, Албанија и Косово
Кога ќе ги земете предвид сите екстерни фактори, индивидуалните компании можат многу малку да влијаат врз нив или да ги променат. Како што нè учи историјата, најуспешни се способните за преживување, оние што ќе бидат способни да ја препознаат потребата да го приспособат начинот на работа според новонастаната ситуација. Клучно е играчите во FMCG-секторот да ги прифатат фактите дека има промени во опкружувањето и ќе мора да ги приспособат своите стратегии за да останат профитабилни. Најважните полиња за битка ќе бидат: порастот на конкуренцијата, способноста на компаниите да изградат адекватна стратегија и квалификуваната работна сила.
Јас работам во компанијата „Марс“, која има силни брендови и чии основи се поставени на „Петте принципи“. Нашата мисија е: Светот кој сакаме да биде утре, почнува со начините на кои го водиме бизнисот денес. Нашиот прв принцип, квалитетот, нè учи дека купувачот е нашиот шеф, квалитетот е нашата работа, а вредност за пари е нашата цел. Принципот на квалитет ги води соработниците во „Марс“ да го даваат најдоброто од себе на сите нивоа. За мене лично, ефикасноста како принцип е најважна во турбулентно опкружување. „Марс“ ги организира сите средства, физички, финансиски и човечки, со цел максимирање на продуктивноста. На тој начин, нашите производи и услуги се прават и се испорачуваат со највисок квалитет, по најниски можни трошоци, со најниска потрошувачка на ресурси.
Клучен бизнис-предизвик е намалувањето на базата на консументи. За жал, миграциските процеси од регионов кон земјите на ЕУ покажуваат присуство на сериозен проблем. Моите очекувања се дека економијата во регионот ќе почне да заздравува, ќе дојде до пораст на животниот стандард и тоа ќе биде поттик за пораст на бизнисот.
FMCG-секторот не е „детска градинка“, тоа е реален свет на бизнис, каде што трката за профит го диктира темпото. Очигледно е дека некои играчи во тој свет земаат поголем дел од колачот од другите. Мојот совет за компаниите е да се стремат кон тоа соработката да се заснова на долгорочно партнерство, не само кон краткорочни зделки, а капацитетите на компанијата врз лидерство, знаење и иновации. Во поглед на грижата за вработените, ќе го цитирам Ричард Брансон: Клиентите не се на прво место, вработените се. Доколку се грижите за вашите вработени, тие ќе се грижат за вашите клиенти.
Мое лично убедување е дека пресудни во бизнисот се луѓето. Тие ја претставуваат компанијата пред бизнис-партнерите и купувачите. Развивајте го капацитетот на компанијата за регрутирање, развој и задржување на најдобрите таленти од пазарот на труд, така ќе обезбедите конкурентска предност во турбулентното бизнис-опкружување.
Клучно е играчите во FMCG-секторот да ги прифатат фактите дека има промени во опкружувањето, а најважните полиња за битка ќе бидат: порастот на конкуренцијата, способноста на компаниите да изградат адекватна стратегија и квалификуваната работна сила.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.