Актуелно

Сергеј Зафироски: Тековната ситуација на бугарскиот е идната состојба на македонскиот пазар

15 мар 2023

Годинава за првпат од агенцијата „Инсајдер ИД“ спроведоа истражување на преферирани синџири маркети во Бугарија. За таа цел, во интервјуто Сергеј Зафироски ни откри повеќе за новото истражување и кои заклучоци може да се извлечат од добиените податоци.

Вашата агенција, покрај истражувањето „Преферирани синџири маркети во Македонија“ реши да го спроведе истото истражување  и во Бугарија. Зошто се одлучивте на овој чекор?

Бидејќи веќе неколку години работиме со компании од Бугарија и имаме активни истражувања и клиенти на тој пазар, сметавме дека најсоодветно би било да ги реализираме нашите препознатливи активности и на други пазари. За некои клиенти на домашниот пазар имавме и истражувања за проширување во Бугарија. Дополнително дефиниравме и дека имаме предност што нема ваков тип на истражување, барем не генерално и јавно по методологија што ние ја поседуваме. Сепак, како најважно е тоа што сметаме дека компаниите би имале особена корист од профилирање на потрошувачите и нивните навики за купување на прехранбени производи. Работиме на тоа да споиме неколку пазари со идентично истражување, што ќе овозможи споредба и креирање на регионална стратегија за интернационализација за компаниите кои работат во регионот. На пример ако сте компанија од Македонија која сака да настапи на бугарскиот пазар ќе има генерални информации за потрошувачите, нивните приоритети, потреби и однесување.

Кои теми се обработуваат во истражувањето за Бугарија?

Направивме комбинација од прашалниците кои ги спроведуваме во претходните седум години на македонскиот пазар. Тоа ни овозможува да извадиме што повеќе информации за потрошувачи во Бугарија. Нормално, првиот дел ги покрива преферираните синџири на маркети, локални и национални. Вториот дел е насочен кон дефинирање на генералното однесување, како на пример, како купуваат производи, зашто избираат конкретен маркет, како го рангираат преферираниот маркет според цена, квалитет, асортиман и слично. Третиот дел е наменет за дефинирање на влијанието на цената како и нејзината варијација, се проценува размислувањето за инфлацијата, зголемувањето на цените и буџетот што го користат за прехранбени производи на месечно ниво. Последниот дел е за електронската трговија, каде се собрани генерални инфорации во однос на е-продавниците. Бугарскиот пазар има значително поразвиена е-трговија. Методологијата на работа е идентична со таа во Македонија, бидејќи така се овозможува споредба. Истото го планираме и во други држави па во следниот период сакаме да издадеме регионален извештај.

Според првичните добиени податоци, како го гледате бугарскиот пазар?

Пазарот во Бугарија, е еден од најзначајните, кој нуди голем потенцијал во иднина за македонските компании за развој, без разлика на моменталната ситуација меѓу Македонија и Бугарија. Реалноста дека македонската економија е мала од секој аспект, единствен начин на проширување на домашните компании е интернационализација која што најчесто почнува во соседните држави. Ако ги анализираме основните макро економски параметри објавени од Светска Банка, БДП-то на Бугарија има пораст од 50 милијарди долари во 2010-та година на 84 милијарди во 2021-ва. За индикатор и период по глава на жител има пораст од 6.850 на 12.200 долари. Националниот дохот по глава жител има пораст, цените се генерално стабилни, работат активно домашни и странски големи производствени капацитети, имаат директен пристап до европскиот пазар и голем број на компании се дел од светските синџири на снабдување. Сето тоа укажува дека овој пазар ќе биде сè повеќе атрактивен за настап на македонски компании. Тоа што е позитивно е дека трговската размена се очекува да расте во иднина, патната инфраструктура треба да биде подобрена, постојат иницијативи за поголема соработка меѓу компаниите во двете држави. Во крајна линија сето тоа може да се реализира само доколку постои интерес кај компаните, а што е позитивно и покрај сè, тој интерес постои. Бугарија е дел од европскиот пазар, што за македонските компании може да значи „учење“ на европските „правила на игра“ односно, водење бизнис.

Дали постојат сличности меѓу македонскиот и бугарскиот пазар и потрошувач?

Имајќи предвид дека пазарите се веќе глобални и особено на европскиот пазар се продаваат слични или идентични брендови, и однесувањето на потрошувачите има сличности, со самото тоа и моменталните проблеми со кои се соочуваат потрошувачите се слични - честа промена на цените, висока инфлација, намалување на семејните буџети и пронаоѓање на начини за оптимизација на домашните средства. Дополнително, двата пазари (македонскиот и бугарскиот) се соседни така да делат дополнителни сличности. Тоа што веднаш може да се забележи е дека и двата пазари се доминирани од дисконтите, во Македонија се КАМ и „Стокомак“, додека во Бугарија се „Лидл“ и „Кауфланд“. Конкуренцијата е многу интензивна, бидејќи покрај доминацијата на двата синџири и други компании успешно го следат пазарот. Со тоа директно се потврдува дека постојат сличности и можност да се повлечат паралели.

Од друга страна, забележливи се разлики кај однесувањето на потрошувачите. Ако тргнеме од статистичките податоци и тие укажуваат дека значително се зголемил приходот по возрасна индивидуа во Бугарија од 2010-та до 2021 или од 14,109 на 18,135 евра или кумулативен раст од 30%. Спротивно за истиот период во Македонија има раст од 11,202 на 12,206 евра или приближно 9%. Растот на приходот кај најбогатите 10% во Бугарија е уште поекстремен, што укажува дека бугарскиот потрошувач има повеќе пари на располагање, што следствено е поголема економска сигурност, можност за купување на повеќе производи/услуги а со тоа и повеќе пари потрошени во економијата. Бизнис околина во Бугарија, пристапот до европскиот пазар и поголемиот број на интернационални компании придонесуваат исто така и за промена на однесувањето на индивидуите. Во крајна линија тоа влијае на ценовната сензитивност и колкаво е значењето кое што потрошувачите го даваат на цената кај различни категории на производи вклучувајќи ги и прехранбените.

На бугарскиот пазар со години работи „Лидл“, кој се најавува дека во следниот период ќе почне со работа и во Македонија. Што ни покажуваат податоците, што може да очекуваме на нашиот пазар?

Не толку одамна, „Лидл“ и „Кауфланд“ не биле присутни во Бугарија и со тоа домашни синџири маркети доминирале на пазарот, како што е и моментално во Македонија. Во 2023 година ситуацијата е сосема поинаква. Двата синџири кои се големи конкуренти но дел од истата групација „Шварц груп“ уживаат убедливо водечка позиција, додека само мал број на локални синџири сè уште успешно се конкурираат со нив. Една од алтернативите со голема веројатност е дека тековната ситуација на бугарскиот е идната состојба на македонскиот пазар. Спроведовме независно истражување и на тема „Лидл“ од каде е јасно дека домашниот потрошувач има многу високи очекувања од влезот на пазарот. Следствено, се очекува дека ќе има значителни поместувања на краток рок на целиот пазар, дел од маркетите ќе имаат значително намалување на промените, додека на среден рок се очекува да има стабилизација на позициите. Извештајот ќе овозможи да направат стратегија и промени во бизнис моделот кога е во прашање однесувањето на потрошувачите за соодветно приспособување и намалување на иницијалниот ефект.

Како гледате на развојот во иднина?

Следната година ќе биде со сигурност интересна и со многу предизвици. Тоа што моментално се случува на Западот особено САД е потребно некое време да се „прелее“ во Европа и во нашиот регион. Сепак, ние сме и како регион мал пазар споредбено со било која западна економија така што и покрај кризата што доаѓа, сметам дека има потенцијал за пораст и развој на бизнисот. Во Македонија гледам потенцијал за иден пораст и покрај ограниченоста на пазарот. Компаниите сè повеќе се ослонуваат на податоци кога треба да носат некоја поважна деловна одлука. Тоа што сметам е многу поважно гледам многу поголем потенцијал во регионот. Тука не говорам само за Бугарија, туку и Романија, Грција, Албанија, Косово, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Комбинираниот пазар во овие држави е толку голем што колкава и да биде понудата на македонска компанија, истиот може да ја апсорбира во целост.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...