Работење

„PwC Croatia“: Имплементација на стратегија ЕСГ

27 Dec 2023

Засегнатите страни во синџирот на снабдување и општеството во целина сè повеќе бараат ЕСГ да биде еден од најважните приоритети за компаниите од FMCG-секторот. Потрошувачите се подготвени да потрошат повеќе на локални и одржливи производи

Автори:

Звонимир Тадиќ, менаџер, PwC консалтин SEE

Александар Стевановиќ, директор за консултантски услуги за секторот на малопродажба за Југоисточна Европа „PwC Croatia“

 

 

Во последната деценија одговорното работење и одржливоста станаа клучни елементи на стратегиите и операциите на компаниите од FMCG-секторот. Сеопфатниот пристап кон одржливоста повеќе не е само тренд; стана неопходно за опстанок и успех на компаниите во денешното глобално опкружување.

Во последните неколку години компаниите што работат на пазарот на стоки за широка потрошувачка почнаа активно да ги имплементираат аспектите на ЕСГ (Environmental, social, and corporate governance) во своето работење. Сепак, нивниот пристап често беше фрагментиран и фокусиран на решавање конкретни проблеми. Во современиот контекст, засегнатите страни во синџирот на снабдување и општеството во целина сè повеќе бараат ЕСГ да биде еден од најважните приоритети за компаниите од FMCG-секторот. Потрошувачите се подготвени да потрошат повеќе на локални и одржливи производи (графикон 1).

Графикон 1: Колку се подготвени потрошувачите да одвојат за еколошки производи

Креирање на ЕСГ-стратегија

Креирањето стратегија за ЕСГ не е само формалност, туку сложен процес кој бара прецизност, посветеност и транспарентност. PwC нуди пет клучни чекори што треба да ги преземат компаниите од FMCG-секторот на пазарот за да создадат ефективна ЕСГ-стратегија:

1. Стратегија која е специфична за потребите на компанијата

Опис: Првиот чекор кон обликување на стратегијата за ЕСГ вклучува прецизно дефинирање на целта и вредностите на организацијата. Неопходно е овие вредности да се насочат кон прашања за одржливост на животната средина, општествена одговорност и транспарентност. Секоја компанија мора да ја приспособи својата стратегија за ЕСГ на нејзината цел, вредности и поставени цели.

Главни карактеристики: Целта и вредностите на организацијата ги претставуваат основните насоки на стратегијата за ЕСГ, кои треба јасно да им се соопштат на сите релевантни чинители. За да се постигне успех на стратегијата ЕСГ, не е потребна само прецизна и постојана комуникација со потрошувачите и другите засегнати страни, туку и силна поддршка од менаџментот. Нивната улога е да го водат и координираат развојот и ефективното спроведување на стратегијата за ЕСГ.

2. Транспарентна комуникација на целите на ЕСГ со засегнатите страни

Опис: Фокусот на транспарентноста на целите на ЕСГ за засегнатите страни е клучен елемент на ефективна стратегија за ЕСГ. Ваквиот ангажман произведува веродостојни податоци и му помага на раководството да донесува информирани одлуки при изборот на нови доставувачи.

Клучни карактеристики: Засегнатите страни внимателно ги слушаат пораките што ги испраќаат брендовите. Клучно е организацијата транспарентно да ги комуницира своите цели и целта на стратегијата со сите засегнати страни, за да се влијае на зголемување на нивната доверба и поддршка. Компаниите што не ги следат платформите за социјален напредок, како што се намалувањето на влијанието врз животната средина и различноста, правичноста и вклучувањето (DEI), може да се соочат со негативни реакции од засегнатите страни.

Со оглед на новите потреби и желби на потрошувачите, компаниите од секторот FMCG на пазарот мора да го насочат своето работење кон одржлив развој на идниот бизнис. Неизбежен дел од тој процес е креирањето стратегија за ЕСГ.

3. Поддршка од управата:

Опис: Раководството и поддршката се незаменлив елемент за имплементација на успешна ЕСГ-стратегија бидејќи тие се главните двигатели на промените во организацијата, кои директно ќе влијаат врз засегнатите страни и деловните резултати.

Главни карактеристики: Неопходно е да се развие стратешка рамка која вклучува цели, систем на клучни индикатори за успешност (KPI) кој ќе му овозможи на менаџментот да ги следи перформансите и влијанието на стратегијата, алатките и плановите за постојано подобрување на ЕСГ. Мерењето на перформансите на ангажманот за ЕСГ и како тоа влијае врз бизнис-моделот е од клучно значење во планирањето на понатамошната стратегија за ЕСГ.

4. Мерење на влијанието и планирање на дините приспособувања

Опис: од клучно значење е да се даде приоритет на висококвалитетни ЕСГ-податоци кои се детални, сигурни и обезбедуваат сеопфатен приказ на синџирот на снабдување. Компанијата може многу лесно да ги собира и организира сопствените податоци, но исто така мора да бара и да ги мотивира своите доставувачи да обезбедат веродостојни и точни информации кои се потврдени од трети страни, а тоа не е лесна задача.

Главни карактеристики: При собирањето податоци, компанијата прво треба да контактира со најважните доставувачи, да ги добие нивните повратни информации и да ги анализира релевантните податоци. За да се осигурат дека стратегијата за ЕСГ прави вистинска разлика, компаниите треба систематски да ги мерат достигнувањата. Исто така, важно е да се планираат идни приспособувања на стратегијата за навремено да се одговори на промените во опкружувањето.

5. Од мали промени до голем успех

Опис: За да се одреди моменталното ниво на ЕСГ, треба да се почне со процена на компонентите што веќе ги има компанијата, вклучувајќи ги политиките, процедурите, алатките и талентот. Следно, неопходно е да се развие структура на управување за стратегијата ЕСГ, која треба да вклучува кодекс на однесување, технолошка платформа (вклучувајќи мониторинг и аналитика) и тим за управување и преглед за стратегијата ЕСГ.

Клучни карактеристики: Кога компанијата е подготвена да ја прошири својата програма за ЕСГ, може да се обрати до трети страни, како што се фирми искусни во деловно советување за стратегии за ЕСГ, и транспарентно да го комуницира својот план за постигнување на целите на ЕСГ. Соработката и повратните информации ќе бидат клучни за успехот, но и за градење доверба меѓу засегнатите страни.

Потенцијални предизвици за спроведување стратегија за ЕСГ

При спроведувањето на стратегиите за ЕСГ, забележавме неколку најзначајни предизвици (графикон 2). Долгорочниот и сложен процес на спроведување на иницијативите за ЕСГ е еден од најголемите предизвици бидејќи бара значителни ресурси и вешто координирање на имплементацијата на стратегијата. Позначајни предизвици се јавуваат во мерењето и профитабилноста на стратегијата ЕСГ, која често дава позитивни резултати само по подолги периоди. Дополнително на веќе споменатите предизвици е недостигот на ефективни решенија и алатки за спроведување на ЕСГ-стратегијата, кои сè уште се во фаза на развој.

Графикон 2: Што ги спречува компаниите за поголем ЕСГ-ангажман?

Заклучок

Компаниите што ги фокусираат своите напори на развивање и имплементација на ефективна ЕСГ-стратегија не само што ќе придонесат за социјална и еколошка одржливост, туку ќе реализираат и многубројни деловни придобивки, вклучувајќи пораст, намалување на трошоците, подобрување на репутацијата и нова вредност за нивните засегнати страни.

Потрошувачите сè повеќе ја ценат одржливоста, избирајќи производи од компании кои промовираат еколошка и социјална одговорност. Компаниите треба внимателно да ги следат потребите и ставовите на клиентите за подобро да ги разберат нивните барања.

Од друга страна, вработените сè повеќе бараат работодавците да бидат поактивни со иницијативите за ЕСГ. Работниците избираат компании со силни стратегии за ЕСГ бидејќи тоа поттикнува чувство на важност и припадност. Користејќи ЕСГ-стратегии, компаниите привлекуваат и задржуваат повеќе талентирани вработени и добиваат подобра конкурентска предност.

Сепак, имплементацијата на стратегија ЕСГ не е еднократна работа. Тоа е континуиран процес кој бара посветеност, транспарентност и одговорност. Секоја компанија треба да изгради своја специфична стратегија за ЕСГ врз основа на нејзините вредности и цели. Менаџментот мора да обезбеди поддршка и да постави јасни цели, додека транспарентната комуникација со засегнатите страни е клучна за градење доверба.

Одговорниот и одржлив бизнис не е само тренд - тоа е основата на иднината на пазарот на стоки за широка потрошувачка и клучот за долгорочниот успех.

75% од потрошувачите ќе ја зголемат потрошувачката на производи од компании со добра репутација и етички практики (слика 1). Дали вашиот опсег одговара на нивните потреби?

Слика 1

                                                                  Извор: PwC 2023 Global Consumer Insights Pulse Survey

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...