Работење

Вали Марсзалек: Инклузијата како предуслов за успех

18 мар 2021

За да се поттикнат нужните промени, неопходно е да се создаде поволна и стимулативна средина, во која компаниите во сопственост на жени ќе дејствуваат како двигатели на трансформациите.

Автор: Вали Марсзалек, извршна директорка на мрежата „Глобал компакт“ – Хрватска, vali.marszalek@globalcompactcroatia.hr

Компаниите во сопственост на жени значително придонесуваат за глобалната економија, генерирајќи милиони нови можности за вработување и поттик за локален развој. Сепак, нивниот полн економски потенцијал останува недоволно искористен, а во некои земји и целосно неискористен. За да се поттикнат нужните промени, неопходно е да се создаде поволна и стимулативна средина, во која компаниите во сопственост на жени ќе дејствуваат како двигатели на трансформациите.

За изградба на еден таков екосистем, кој ќе им овозможи на жените-претприемачи да напредуваат, потребна е соработка на сите чинители во општеството – од јавниот и приватниот сектор, преку организациите на цивилното општество и бизнис-здруженијата, до училиштата и универзитетите. Освен неопходната поддршка и поттик од државата, многу важна улога во зајакнувањето на женското претприемништво има токму бизнис-секторот. Корпорациите можат да генерираат неверојатни економски промени со вклучување на компаниите во сопственост на жени во доставувачките синџири, проактивна потрага по женски компании и поддршка на жените-претприемачи во нивниот развој.

Сепак, секоја година големите компании трошат милијарди долари за набавка на стоки и на услуги, а само 1% од вкупната потрошувачка оди во компаниите во женска сопственост. Не водејќи сметка за рамноправноста на половите во структурата на доставувачките синџири, корпорациите ја пропуштаат можноста за проширување на глобалните пазари, диверзификација на синџирите за снабдување и конечно – за пораст на економијата. Од друга страна, компаниите што вложуваат во женски претпријатија го подобруваат имиџот пред внатрешните и надворешните соработници, вклучувајќи ги вработените, бизнис-клиентите, акционерите и заедницата.

Крајната цел е да се достигне фаза во која родово одговорната набавка ќе стане составен дел од корпоративната култура и работење.

Нивната разновидна база на доставувачи ги подобрува достапноста и безбедноста, промовира иновации преку лансирање нови производи, услуги и решенија, ја поттикнува конкуренцијата и ги зголемува пенетрацијата и пристапот до нови пазари. Овие корпорации се свесни дека доставувачите се потенцијално и нивни купувачи, а со своите практики докажуваат дека родово одговорната набавка, освен што директно влијае врз рамноправноста на половите и зајакнување на позицијата на жената во бизнисот и во заедницата, носи и конкретни придобивки за корпорацијата. Истражувањата потврдуваат дека во многу компании родово одговорните практики за набавка позитивно влијаат врз профитабилноста и повратот на инвестицијата. На пример, во 2014 година големата телекомуникациска компанија AT&T ги припишува зголемените приходи за 4 милијарди долари токму на ангажманот на жените-доставувачи.

И покрај големиот број позитивни ефекти врз економскиот пораст и развој, целосниот потенцијал на компаниите во сопственост на жени допрва треба да се реализира. Постојат многу причини за тоа, а една од главните е недостигот на финансии. Најчесто жените почнуваат бизнис со помалку капитал и имаат отежнат пристап до финансии за разлика од мажите, што ја ограничува способноста за пораст и развој на бизнисот. Жените-сопственици на претпријатија, исто така, имаат и ограничен пристап до социјалниот капитал, односно имаат поголеми тешкотии од мажите при воспоставувањето бизнис-мрежи и врски што ги генерира работата, како и до човечкиот капитал, бидејќи сѐ уште заостануваат зад мажите и во менаџерското и во бизнис-искуството.

Ако сакаат да воспостават родово одговорна набавка, корпорациите мора да ги разберат овие препреки и бројните предизвици во процесот на набавка, и од страна на побарувачката и од страна на понудата, кои им го отежнуваат пристапот и целосното учество на компаниите во сопственост на жени во синџирите на снабдување. За да го зголемат бројот на претпријатијата во сопственост на жени во синџирите за достава, корпорациите мора најпрвин да ги идентификуваат постојните компании во женска сопственост меѓу своите доставувачи и да ги утврдат основните стратешки цели за набавка. Потоа ќе можат да ја развиваат мрежата од постојни и нови жени-доставувачи, кои се способни да ги исполнат барањата за понуда на стоки и услуги, според потребните количества и квалитет.

Од најдобар интерес за секоја држава е вложувањето во жените-претприемачи да го стави во фокусот на постпандемиското економско закрепнување и развој.

Во текот на последните децении голем број од корпорациите развија сложени, целосно интегрирани глобални синџири на снабдување, а истовремено го намалија бројот на доставувачи. На тој начин, на претпријатијата во сопственост на жени и на помалите компании дополнително им го отежнаа влезот во нивните синџири на достава. Сега, за да се вклучат повеќе женски претпријатија и други мали и недоволно искористени компании, неопходно е преиспитување на досегашниот модел, а некаде и реформи на корпоративните политики за набавка. Тоа не значи дека корпорациите треба да ги намалат сопствените стандарди за да се приспособат на претпријатијата во женска сопственост, туку напротив, акцентот треба да биде токму на развојот на системот и способноста на тие доставувачи да се натпреваруваат со другите компании.

Пред сѐ, потребно е да се олесни пристапот до информациите со јавно објавување на корпоративните политики и процедури за набавка или со поставување веб-страница за доставувачите, односно стандардизирана постапка за пријавување на потенцијалните доставувачи и постапки за договор. Кај одговорната набавка и изедначувањето на условите за малите претпријатија, вклучувајќи ги и тие во женска сопственост, многу е важно да се склучат договори со компаниите чии понуди се со најдобра вкупна вредност за нарачателот, а не само со најниски цени. Поради тоа, особено важно е водството на корпоративниот менаџмент во воспоставувањето на овие процеси и длабинско разбирање на способноста и капацитетот на компаниите во сопственост на жени и набавните можности на пазарот.

Ако сакаат да успеат во воспоставувањето одржливи и долгорочно стабилни синџири на набавка, корпорациите би требало да воспостават сеопфатна стратегија, која ќе вклучува планови за развој, имплементација и следење на родово одговорните програми за набавка. Националниот совет за развој на малцински снабдувачи (National Minority Supplier Development Council) направи попис на најдобрите практики во развој, процена на разновидноста на доставувачите и инклузивни програми. Тие се однесуваат на: воспоставување корпоративна политика за одговорна набавка; изработка на план за развој на компаниите во сопственост на жени; воспоставување сеопфатна внатрешна и надворешна комуникација; идентификација на можностите на претпријатијата во сопственост на жени во стратешката набавка и во оперативниот дел на управување со синџирот на снабдување; воспоставување сеопфатен процес за развој на доставувачите; механизам на следење, известување и поставување цели. Крајната цел е да се достигне фаза во која родово одговорната набавка ќе стане составен дел од корпоративната култура и работење.

Ризикуваме да изгубиме неколкудецениски напредок во половата рамноправност ако не се фокусираме на решавањето на овие долготрајни препреки со кои се соочуваат жените-претприемачи. Од друга страна, ако преземеме конкретни чекори во борбата против овие негативни трендови, економското учество на жените, според институтот „Мекинзи глобал“, би можело да додаде 13 милијарди долари на вкупниот БДП до 2030 година. Дополнително, зајакнувањето на женското претприемништво е клучно за да се обезбеди одржлива, отпорна и праведна глобална економија. Поради тоа, од најдобар интерес за секоја држава е вложувањето во жените-претприемачи да го стави во фокусот на постпандемиското економско закрепнување и развој. Од пандемијата мора да излеземе со посилно, поинклузивно и поотпорно општество.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...