Човечки ресурси

Лидерските принципи се основа за добра организациска култура

22 May 2024

 Силните лидери ги инспирираат и ги зајакнуваат своите тимови, поставувајќи пример за континуирано учење и приспособливост, што промовира култура на пораст и одржливост.

 

Пишува: Елена Виларова-Велковска, деловен партнер за човечки ресурси, „Кола“

                         Културата ја јаде стратегијата за појадок, Питер Дракер

 

Организациската култура претставува збир на вредности, верувања, ставови, системи и правила на една компанија кои директно влијаат врз однесувањето на вработените во една организација. Токму организациската култура ја дефинира и ја создава работната средина.

Во минатото најголемиот фокус на секторот за човечки ресурси беше во делот на пронаоѓање соодветни професионалци и вработени во различни области кои ќе одговараат на моменталните потреби на компанијата. Можеме да забележиме дека промените на пазарот на трудот изминативе години придонесоа фокусот во целост да се стави на задржување и мотивирање на квалитетните вработени во компанијата.

Еден клучен фактор кој директно влијае врз задржувањето на вработените е токму организациската култура и начинот на кој се живеат организациските вредности во една компанија. Во овој дел клучен е менаџмент-тимот како носител на организациските вредности и одговорен за нивна имплементација, од една страна, и секторот за човечки ресурси како промотор и поддржувач на организациските вредности, од друга страна.

Промените на пазарот на трудот изминативе години придонесоа фокусот во целост да се стави на задржување и мотивирање на квалитетните вработени во компанијата.

Нашата улога како сектор за човечки ресурси е круцијална бидејќи ние сме лицето на компанијата и преку нас може да се создаде „љубов на прв поглед“ или да се разминеме со квалификуваните кадри. Првиот впечаток е важен, но и начинот на кој ние ги третираме нашите вработени. Дали ќе ги добијат истите работни услови, работна атмосфера која ние им ја нудиме при регрутација и селекција, дали вработените со кои ќе се запознаат се задоволни од својата работа итн. Сите овие сегменти се дел од организациската култура.

Кога работиме во повеќе различни организации, имаме можност да се запознаеме со различни организациски култури. Моето долгогодишно искуство во делот на човечки ресурси ми овозможи да направам паралела на начинот на кој функционираат и различни сектори и различни национални и интернационални компании.  

Сите компании имаат свои вредности, некои од нив ги користат за промоција на својата компанија, други за декорација на работните простории, додека трети ги користат за задржување и мотивирање на своите вработени.

Сигурно се прашувате зошто една компанија е поуспешна во задржување на своите вработени од друга?

Одговорот е токму во организациската култура и живеење на вредностите. Вработените во компанијата треба да се чувствуваат вреднувани, почитувани и дел од една голема приказна. Најчесто организациската култура е главниот виновник за вашиот успех и доколку вашите компаниски вредности се живеат и практикуваат, успехот е загарантиран, стратегијата е реализирана. Вообичаено компанија која има високо развиена организациска култура ги запознава своите вработените со вредностите и секогаш пронаоѓа начини како да ги поттикне да ги практикуваат. Организациската култура во компанијата ја претставуваат споделените вредности кои ги живеат вработените во компанијата.

Нашата улога како сектор за човечки ресурси е круцијална бидејќи ние сме лицето на компанијата и преку нас може да се создаде „љубов на прв поглед“ или да се разминеме со квалификуваните кадри.

Вработените што ги живеат вредностите имаат тенденција да бидат лојални кон компанијата бидејќи чувствуваат припадност. Многубројни истражувања укажуваат дека лојалните вработени тешко се одлучуваат за промена на работната средина и на тој начин подолго време се задржуваат таму каде што чувствуваат дека имаат придонес и добиваат соодветен третман.

Воедно и разбирањето и управувањето со оваа култура е од клучно значење бидејќи директно влијае врз ангажманот на вработените, перформансите и севкупниот организациски успех. Позитивната и здрава култура може да поттикне задоволство, мотивација и лојалност на вработените, зголемувајќи ги продуктивноста и иновативноста. Од друга страна, токсичната или неусогласена култура може да резултира со висока флуктуација на вработени, внатрешни конфликти и попречени перформанси. Организациите кои активно ја обликуваат својата култура имаат тенденција да имаат поангажирана и кохезивна работна сила. За возврат, овој систем им помага на компаниите да се справат со предизвиците и поефикасно да се приспособат на промените.

Клучен фактор кој може да ја одреди културата на вашата компанија е лидерството и комуникацијата. Добрите лидери секогаш се отворени и одговорни и поттикнуваат отворена комуникација, култура на фидбек и воедно ги вреднуваат различните идеи. Силните лидери ги инспирираат и ги зајакнуваат своите тимови, поставувајќи пример за континуирано учење и приспособливост, што промовира култура на пораст и одржливост. Во суштина, лидерските принципи се основата на културата на една организација. Како што напоменавме и погоре, лидерите се двигател на организациска култура и токму тие преку неа можат да влијаат врз стапката на успех на компанијата.

Високиот менаџмент е креатор на организациските вредности, организациската култура, и ги практикува во секојдневното работење, што директно придонесува и вработените да ги споделуваат и живеат компаниските вредности.

Стратегија придружена со одлична организациска култура е клучот за успешно задржување на квалитетни и талентирани вработени.

 

 

За авторот

Елена Виларова-Велковска работи во „Кола“ на позицијата деловен партнер за човечки ресурси. Има повеќе од 10 години искуство во секторот за човечки ресурси, во различни национални и интернационални компании и над 15 години професионално искуство во градење капацитети (проектирање различни програми, развој на методологија за истражување и евалуација, прашалници, спроведување структурирани интервјуа и набљудувања, организирање фокус-групи, тркалезни маси, панел-дискусии, обуки и предавања, семинари, работни групи, менторство итн.) за различни организации и компании.

Фото: Pexels



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...