Хамим Даути, сопственик на „Даути комерц"
Компанијата „Даути комерц", во сопственост на браќата Џемаил, Хамим и Феми, постои од 1990 година. Од скромните почетоци во скопското село Бојане низ годините „Даути комерц" растеше и се развиваше во стабилна компанија, со одличен имиџ меѓу своите партнери и тоа не само на македонскиот, туку и на косовскиот, албанскиот и на црногорскиот пазар. Зад целиот успех стојат многу труд и макотрпна работа, како и многу паметни чекори и инвестиции, во вистинско време, во вистинска насока. „Даути комерц" минатата година во интервју во InStore најави неколку нови проекти, а во интервјуто што следува со Хамим Даути можете да прочитате до каде е нивната реализација, како и за новите планови и фокуси на компанијата.
Дали 2016 година донесе нови работи, нови ситуации на македонскиот, како и на останатите пазари на кои работите?
Да почнеме со македонскиот пазар. Политичката криза навлезе во целата сфера на пазарот и на бизнисот, што неминовно го засегна и „Даути комерц". Нашата работа е тесно поврзана со работата на коминтентите, а дел од нив, поради кризата, немаат нагорен тренд во работењето. Годинава, се забележува пад на една група купувачи, кои не можат да се вратат во претходниот ритам на работа. Заедно со нив, се обидуваме целото тоа да го стабилизираме.
За разлика од домашниот пазар, во Косово, по минатогодишниот одлив на граѓаните во европските земји, пазарот почна да се стабилизира и продажбата се враќа во нормални рамки.
На пазарот во Албанија веќе почнува регрупирање на локалните маркети. Ново таму е влегувањето на меѓународниот трговец „Шпар", но мислам дека тоа нема драстично да ја промени сликата во малопродажбата, односно, и понатаму ТТ-каналот ќе биде доминантен. Како што покажа досегашното искуство од другите пазари, најавите за влез на голем трговец се преголеми, што не е случај и во практиката. Најавата изгледа многу силно, но реално, потоа следува циклус на развој, кој веројатно ќе трае од 5 до 10 години.
nnn
Многу дистрибутери во Македонија се соочуваат со паралелен увоз. Каков е Вашиот став за тоа и дали „Даути комерц" се има најдено во ситуација да се соочи со паралелна трговија?
Паралелната трговија е честа појава во секторот производи за домашна и за лична хигиена. Тоа е појава што не може да се запре. Не постои закон што може да ја стопира, затоа што на пазарот владее слободна трговија и границите се слободни... Треба да го прифатиме тоа и да се обидеме да го менаџираме заедно со принципалите.
Колку брендови содржи вашето портфолио? Со колку дивизии функционирате?
На сите пазари во регионот, вкупно, имаме повеќе од 50 брендови, кои се со различен обем, а десет од нив се столбови на нашите дивизии. Една од дивизиите што е најактуелна во моментов, е дивизијата за овошје и зеленчук, која ја имплементираме во нашиот систем на работа. Во иницијална форма, таа е веќе почната, а во заокружена форма ќе функционира од 2017 година. Веќе се спремаат комори со повеќе од 5.000 кубни метри – секој продукт ќе има режим на одржување и на чување, како и начин на достава со режим на температура. Веќе се формирани комерцијата и возниот парк, а следната година очекуваме оваа дивизија да функционира со полн формат.
Навистина амбициозен проект. Ова е нов сегмент што може да стане голем дел од вашето работење.
Свесни сме дека тој сегмент е преамбициозен, но ја презедовме одговорноста. Проценивме дека тоа им недостига на нашите соработници, на купувачите. Сите посебни мерки на функционирање, како и потребната документација, ги склопивме на најпрофесионален начин. Очекуваме добри резултати, бидејќи трендот на купување на овошје и на зеленчук во маркетите е во пораст, што не беше случај порано. Набавката ќе биде претежно од нашиот пазар, но ќе има набавки и однадвор, од регионот и од светот.
Имаме и други дивизии – една нова група на производи се одвојува и се формира како посебна. Тоа се месните производи од типот на трајни конзерви и слично, кои не подлежат на режим на температура. Ќе има посебен менаџер, кој ќе биде задолжен само за тој сектор. Во последните неколку години, се развиваат и каналите за продажба во секторот за хорека и секторот за јавни набавки. Би сакал да истакнам дека сите нови дивизии, вклучувајќи ги и почетните три – млечни и месни производи, храна и кондиторски производи и средства за хигиена, ги менаџираме според сите стандарди.
Како оди развојот на вашите трговски марки? Колкав е нивниот моментален удел и како планирате да се развиваат понатаму?
Нашите приватни трговски марки имаат удел од 10 отсто во продажбата. Имаме приватни трговски марки, за кои суровините ги откупуваме во Македонија, на пример, кочанскиот ориз, гравот, лебните трошки и многу други, кои се пакуваат и се извезуваат. Имаме приватни трговски марки кои не се пакуваат во Македонија, на пример, туна, печурки, светилки, кои ги извезуваме на сите пазари. Најважното е што имаме партнери и соработници од доверба, кои произведуваат под нашата приватна трговска марка Dauti.
Понатамошниот развој на приватните трговски мерки зависи од групата на производи. На пример, земјоделските производи, кои не се многу изградени како бренд, имаат голем потенцијал да се развиваат како приватни марки.
Како е организирано вашето магацинско работење? Имате ли некои новини во тој дел?
Магацинот функционира во две смени. Претежно, првата смена собира нарачки од терен, а втората ги подготвува нарачките и ги товара, за рано изутрина возилата да тргнат кон купувачите. ВМС-програмата, односно системот за евиденција и за манипулација на стоката во магацинот, ги следи роковите, точноста на количествата и локациите на стоката. Од тој систем сме многу задоволни, но за да стигнеме до тоа ниво, беше неопходна едукација на кадрите за прецизно користење на програмата. Затоа што, сепак, човечкиот фактор е поважен од програмата.
На почетокот од месецов, беа прогласени најдобрите општествено одговорни практики и Вашата компанија доби статуетка во категоријата етичко управување. Кажете ни нешто повеќе за конкретниот проект и за вашата општествено одговорна активност...
За националната награда за општествена одговорност е заслужен проектот „Етички кодекс", кој овозможува подобрување на меѓусебното етичко разбирање и етичките односи. Тоа е дел од континуираната посветеност на компанијата за унапредување на квалитетот и влијанието врз сите вклучени страни, при што, се замаат предвид и етичките аспекти при донесувањето на одлуките.
Генерално, општествената одговорност е составен дел од работата и од функционирањето на „Даути комерц", интегрирана и во плановите за развој. Нашата политика на општествена одговорност се темели на етичко работење и на желба да помогнеме во создавање подобро опкружување за вработените, партнерите и за пошироката општествена заедница, секако, со висок степен на одговорност кон животната средина. Како компанија, веќе подолг период организираме активности што се поврзани со општествена одговорност. Сериозен чекор направивме во 2011 година, со основањето на фондацијата „Даути", во која се канализирани сите инвестиции и активности од тој тип, а за неколку години успеавме да мотивираме повеќе од 20 компании да партиципираат во овој процес. Од годинава, фондацијата е преименувана во „Албиз".
Во новата „Албиз", ние сме дел од управниот одбор, но фондацијата има нов претседател, кој ќе води сметка за неа. Фондацијата е самостојна – и со финансискиот дел и со менаџерскиот.
На кои начини го поддржувате развојот на кадрите во Вашата компанија?
Покрај финансискиот капитал и недвижностите, за една компанија да биде успешна, од големо значење е и капиталот на интелигенција на тимот. Во тој дел, фокусирани сме на едукација и на тренинзи на постојните кадри, но и на изборот и на тестирањето на новите кадри, кои ќе бидат способни да продолжат со пренесување на искуствата и на знаењата. Имаме соработка и со Универзитетот на Југоисточна Европа и со Државниот универзитет во Тетово, со кои соработуваме во делот на избор на кадри. Значи, имаме внатрешен тим на кадри, внатрешна група, односно комисија на професори, која ги тестира новите кадри, но и надворешна соработка со универзитетите. Од овој систем за избор на кадри, со кој почнавме пред три години, денес се гледаат резултатите и перформансите.
До колку достигна бројот на вработените во „Даути комерц"?
Во целиот регион, во групацијата „Даути" имаме повеќе од 500 вработени, а во Македонија сме околу 300.
Кои се најзначајните компаниски вредности на „Даути" и како ги спроведувате на различните пазари?
Најголемата вредност за една компанија е доброто кадровско екипирање. За да бидеш успешен, пред сè, треба да имаш добар тим. Ако немаш добар тим, ќе мора сам да ги направиш сите работи – а, тоа, знаеме, е невозможна мисија. Еден кадар – еден бизнис! Во малиот бизнис, човечкиот фактор е неизмерно важен, но во големиот, уште повеќе. Кога ќе почнеш да ги делегираш работите на другите, ако изборот на кадарот не е добар, кому ќе делегираш?
Добриот избор на кадри во големите бизниси е најважен. Како што расте компанијата, така сопственикот се повлекува во добар дел од активностите и ги делегира на менаџерите. Сопственикот ги дава идеите за развој, но другите ја имаат техниката на менаџирање и ги реализираат тие идеи. Ако кадарот не е добар, тогаш нема развој! Сопственикот ќе биде принуден цело време да бара нови луѓе, а, за жал, нив ги нема многу.
Токму затоа, во нашата фирма спроведуваме тренинзи и обуки, за да го надградиме тој недостиг, а тоа веќе функционира. Најдобриот начин е да изградиш свој, квалитетен кадар, кој ќе биде вклопен во твојот формат, по твојот начин на работа. Секако, за тоа е потребно време.
Што би можеле за овие 26 години да издвоите како најголем успех?
Стратегијата за проширување и за развој произлезе од ситуацијата во регионот со Косово и со Црна Гора. Го искористивме вистинскиот момент да настапиме на тие пазари. Со секое задоцнување тоа би било сè потешко. Нашето проширување во Косово и во Црна Гора ни даде поголема сила и на македонскиот пазар.
Најголемиот успех го доживеавме во последните 10 години, кога дојде до стабилизација на пазарот. Првиот период секогаш е тежок, исполнет со милион предизвици – да влезеш на пазарот, да ставиш нога... Но, постепено се усовршуваш во работата на сите пазари, ги применуваш стандардите и доаѓаш до шлагот на успехот. Поставуваш црвена линија и потоа одиш само нагоре.
Кој е вашиот следен чекор, кои се вашите планови подготвени за реализација во земјава и во регионот?
Нашиот проект за 2015/2016 година беше да завршиме со заокружување на логистичките центри. Во Косово завршивме порано, во 2013 година. Во Македонија, сме во завршна фаза, бидејќи објектот е преголем. Станува збор за проширување на објектот наменет за пакување и на дел од стопанскиот комплекс. Само магацинскиот простор во дистрибутивниот центар има 12.800 квадратни метри под ист покрив, а посебно се канцелариите, логистичките објекти околу магацинот, центарот покрај магацинот со сервисот, бензинската пумпа за точење гориво. Сите тие услови внатрешно ги користиме за да не зависиме од надворешните фактори. На домашниот пазар, следува доекипирање во дистрибуцијата...
Во Црна Гора, во тек е изградбата на логистичкиот центар, а планираме до јуни следната година да ја завршиме и таа инвестиција. Петгодишниот план веќе го заокружуваме! Следно е просторното проширување во Косово, со нов магацин на 7.000 квадратни метри, каде што веројатно ќе има и нови идеи за производство и за дистрибуција.
"Даути комерц" е семејна фирма. Дали постои интерес кај следната генерација за продолжување на бизнисот и дали вие, браќата од првата генерација, почнавте да го подготвувате теренот за транзиција на бизнисот на наследниците?
Најголемото задоволство е што имаме семеен бизнис и што десетмината наследници, не ни помислуваат на нешто друго. Кога почнав со бизнисот, и јас бев на таа возраст, имав само 20 години. Сите наследници студираат економски науки и се мотивирани да го продолжат бизнисот. По три-четири години ќе следува периодот на префрлување на функциите. Се надевам дека успешно ќе го продолжат бизнисот!
За крај, имате ли некоја порака до државните институции, можат ли тие некако да ја олеснат работата во секторот?
Техничките и интерните предизвици ги решаваме тековно, но државата би можела да ни помогне за полиберална политика на царинското работење, кое за нашата дистрибутивна дејност, е од огромно значење. И за либерализација со другите пазари, но реална, а не само на хартија.