Ако се земе предвид дека имаме огромно искуство и традиција во оваа професија, а истовремено во работата се вклучени сите генерации од нашето семејство и пошироко, заклучокот е дека лесно навлеговме во модерните трендови користејќи ја иновативноста на нашите млади членови
(Интервјуто е објавено во последниот, септемвриски број на InStore магазин. Додека се печатеше списанието, нашиот соговорник Дејан Гроздановски почина во несреќен случај. InStore – Македонија изразува сочувство до семејството Гроздановски)
Разговараше: Сунчица Стојановска Зоксимовска, sunchica@instore.mk
Кумановската компанија „Гроздановски ДООЕЛ“ како правно лице под овој назив постои од 2003 година - но Гроздановски семејно се во месопреработувачката индустрија повеќе од половина век, цели 55 години, од 1968 година. Сега во компанијата е ангажирана и третата генерација наследници на бизнисот. Месните преработки на овој бренд се присутни во речиси сите поголеми маркети и во другите продажни објекти низ државава. Производството ќе се шири со нови капацитети.
Со сопственикот и управител Дејан Гроздановски разговаравме за актуелната ситуација во индустријата за преработка на месо, цените, царините, заканите од болеста свинска чума, работењето на компанијата и за идните планови.
Интервјуто го правиме во време кога месопреработувачите бараат од Владата да ги намали давачките за увоз на суровини за преработки од месо и да обезбеди ист третман со увозните компании, во спротивно – индустријата би била пред колапс. Како би ја опишале моменталната состојба на домашниот пазар за преработки од месо?
Како последица на нелојалната конкуренција од страна на увозните компании, нееднаков третман на домашните во однос на странските компании и законите за царински давачки во нашата држава, домашниот бизнис со преработка на месо во последните десетина години буквално доживува колапс. Сите сме сведоци дека во последната деценија се затворија повеќе мали и големи познати индустриски капацитети.
Сето ова ни се случува поради неусогласеноста на законите на земјите потписнички на договорот (ЦЕФТА), кој регулира меѓусебна бесцаринска трговија, а различните царински стапки за увоз на суровини во секоја земја поединечно ги доведоа нашите компании во нееднаква положба на домашниот пазар, со што странските компании инкасираат пари, домашните пропаѓаат, а државата губи на долги патеки. На пример, месните индустрии во Црна Гора при увоз на свинско месо за преработка од ЕУ не плаќаат царина, а исто така царина не ѝ плаќаат ниту на нашата држава при извоз на готов производ во Македонија. За разлика од нив, нашата домашна месна индустрија за увоз на истото свинско месо плаќа повеќе од 26 денари за килограм и од почеток сме во подредена положба во однос на црногорските месни индустрии. На сличен начин нелојална конкуренција на нашиот пазар доаѓа и од другите држави потписнички на договорот ЦЕФТА кои имаат значително помали царински давачки од нас.
Од таа причина, ние како месопреработувачи бараме од Владата ослободување од царина за свинско месо од ЕУ за да бидеме конкурентни на сопствениот пазар и искрено се надеваме дека барањето ќе биде прифатено, во спротивно оваа гранка ќе згасне.
Новите генерации на потрошувачи бараат квалитетни производи кои ќе се вклопат во модерниот начин на живеење. Од таа причина пред повеќе од половина година инвестиравме во линија за слајсање на производи кои во иднина ќе бидат сѐ поактуелни на нашиот пазар
Каде вие како „Гроздановски“ сте позиционирани на тој пазар? Што покажуваат вашите резултати од работењето за 2022-2023?
Ние како семејна фирма се занимаваме со оваа професија уште од 1968 година, при што активно се вклучени речиси сите членови на нашето семејство, дел од членовите на нашата фамилија, роднини и пријатели, се разликуваме во тоа што имаме големи познавања и искуство во оваа професија. Исто така, имаме одличен квалитет, контрола и комуникација во нашата компанија. Што се однесува до резултатите за 2022/2023, со гордост можам да кажам дека одиме во нагорна линија со голем раст во производството и во продажбата.
Колку луѓе се вработени во компанијата? Колку е тешко денес да се најдат работници, особено во професиите каде што има дефицит? Што правите за да ги задржите да работат во компанијата?
Во „Гроздановски“ моментално работат 32 директно вработени лица и уште 30 индиректно ангажирани комисионери, продавачи и дистрибутери на производите. Овој сооднос се должи на новата напредна опрема со голем капацитет.
Нашите вработени кои долги години работат во нашата компанија се задоволни од работните услови, кои секојдневно ги подобруваме согласно трендовите на пазарот на работна сила.
Цените на сите производи, вклучително и на месните преработки, одат нагоре. Како тоа влијаеше врз потрошувачката на вашите производи? Очекувате ли стабилизација или, пак, нови турбуленции во цените на месните преработки?
За жал, на светските пазари на месо цените за краток временски период и првпат досега кулминираат до највисоко ниво. Моментално цените се стабилизирани, што значи дека во блиска иднина се очекува цените на месото постепено да почнат да опаѓаат бидејќи намалената побарувачка ќе го стори своето.
Но, гледано од аспект на трошоците за производство, мислам дека очекуваното намалување на суровините нема да влијае на намалување на цените на готов производ, од причина што трошоците секојдневно растат и ќе се направи баланс, а цените на готовиот производ ќе останат исти. Исклучок од ова очекување може да се случи доколку Владата одлучи да направи измени во законот и да нѐ ослободи од царинските давачки, со што истовремено и ќе го заштити домашното производство од нелојална конкуренција.
До крајот на 2024 година планираме да се прошириме најмалку на уште 200 продажни места.
Колкави се дневните капацитети за преработка на месо и во таа насока, како се снаоѓате со суровини? Соседна Србија е во голема мера зафатена од африканска свинска чума, се одрази ли таа состојба и врз вашето работење?
Македонското месо, за разлика од месото произведено во земјите од ЕУ, како што се Германија, Холандија, Белгија, Шпанија и други, секогаш било и ќе биде поскапо од повеќе причини: производството на сточна храна, капацитетите на фармите, сортите што се одгојуваат и стручноста на нашите фармери. За разлика од нашето производство на месо, Србите имаат малку подобри услови само во делот на производство на храна и тоа ниту македонските ниту српските фармери не ги прави конкурентни за ние како месна индустрија дa оствариме поголема соработка и набавка на суровини од фармерите во Србија и Македонија.
Ние како производители повремено купуваме одредени делови свинско месо од домашен пазар, исклучиво оние нуспроизводи што не можат да се продадат во месарниците на мало - како што е сланината за време на летниот период која ние ја користиме како додаток во преработките кои ги произведуваме од чисто месо и во кои заради добивање на бараниот квалитет задолжително се додава одреден процент на масно ткиво.
Колку производи имате во портфолиото и кои од нив се предводници во продажбата?
Нашето портфолио брои околу 80 шифри и бар-кодови на разни сувомесни полутрајни производи, од кои по два или три вида чадени суви вратови, печеници, сланини, бутови, разни чадени меса, повеќе видови колбаси, салами и шунки.
Некои од производите ги нудиме спакувани во различна грамажа, егализирани и во рефус варијанта, а како различни видови производи во нашето производство произведуваме околу 50 производи вкупно.
Најпродавани сувомесни производи од наше производство се Кумановски суџук како традиционален кумановски производ кој најмногу се продава во Куманово, а и низ цела држава. Исто така, производи со кои можеме да се пофалиме дека имаат одличен излез се: сланината, свинската печеница и врат, но и алпска салама, која на времето нашиот покоен татко Новит Гроздановски ја произведуваше под името Тиролска салама во црно црево, која всушност е истиот производ под друго име и своевремено беше познат на цела територија на Република Македонија.
Други производи од листата со најпродавани производи се: Бабин колбас, кој е наш заштитен бренд во Заводот за заштита на индустриска сопственост, Лесновскиот и Старинскиот колбас, кои исто така се заштитени, па Селскиот колбас, кој е единствениот колбас без адитиви на нашиот пазар, Новосадскиот колбас, Мортадела и другите наши производи во продолжение на листата со најпродавани сувомесни производи.
Во колку продавници сте присутни во државава и на колку пазари во странство, доколку извезувате?
Нашата компанија е ориентирана на домашниот пазар и сѐ додека се наоѓаме во постојниот објект за производство и додека не се променат условите за работа во нашата држава, немаме намера да отпочнеме со извоз.
Сметаме дека на секоја компанија, пред да почне да ги извезува своите производи, предуслов мора да ѝ бидат поставеноста и стабилноста на домашниот пазар, светската економска состојба, а пред сѐ поддршката од страна на својата држава.
Во овој момент на пазарот во нашата држава сме присутни на над 1.000 продажни места, што според нас и гледано од аспект на нашиот капацитет на луѓе и опрема, имаме простор за раст на производство и влез во поголем број продажни места. Од таа причина до крајот на 2024 година планираме да се прошириме најмалку на уште 200 продажни места.
Која е вашата дефиниција за успешно работење? Што сметате дека е ваша предност, по што се издвојувате од конкуренцијата?
Прашањето е чувствително и тешко е да се даде прецизен одговор бидејќи за успех се потребни многу наклонети ситуации, но ќе се обидам да бидам што е можно попрецизен.
Нашиот успех, покрај другите околности од аспект на традицијата на нашето семејство во работата, ангажираноста на повеќето луѓе од семејството и слично, сметаме дека најмногу се темели на напорната работа и целосната посветеност кон неа. Како што претходно споменав, долгогодишното искуство и познавање на професијата, а исто така и внимателното донесување одлуки во компанијата, добрата комуникација, доверба, верба и желба за успех ја сочинуваат дефиницијата за успешното работење и резултати на компанијата како предност по што се издвојуваме од другите наши колеги.
Како успевате да ја најдете рамнотежата меѓу традицијата и иновативноста и да привлечете нови генерации потрошувачи? Кои ви се најзначајните вложувања во последниот период?
Ако се земе предвид дека имаме огромно искуство и традиција во оваа професија, а истовремено во работата се вклучени сите генерации од нашето семејство и пошироко, заклучокот е дека лесно навлеговме во модерните трендови користејќи го традиционалниот метод и иновативноста на младите наши членови кои ги следат модерните трендови во секојдневниот живот.
Новите генерации на потрошувачи бараат квалитетни производи кои ќе се вклопат во модерниот начин на живеење, па од таа причина пред повеќе од половина година инвестиравме во линија за слајсање на производи кои во иднина ќе бидат сѐ поактуелни на нашиот пазар.
Кои ви се плановите за блиска иднина, во насока на инвестиции во нови капацитети, вработувања, технологија...
Бидејќи во последните години во нашето производство ги обновивме речиси сите машини и опрема за производство, заради поквалитетна изработка и зголемување на капацитетот, во делот на инвестиции во блиска иднина планираме да инвестираме во додатна опрема која ќе ја зголеми функционалноста на постојната опрема, поточно во транспортни ленти, лифтови, приклучни машини за дооформување на технолошкиот процес на постојните машини и слично.
Исто така, согласно зголемувањето на производството, планираме и нови вработувања, а во делот на технологијата како досега така и во иднина ќе работиме на технолошки напредок и подобрување на квалитетот на производите согласно барањата и модерните трендови на пазарот.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.