Локално

Сашо Димоски, „Гебрудер Вајс“: Далековидоста и знаењето ја движат логистиката

17 мар 2021

Сашо Димоски е национален и продажен менаџер за Македонија и управител на „Гебрудер Вајс“ во земјава, која на македонскиот пазар е присутна 11 години, а глобално работи повеќе од 500 години. И покрај пандемијата, „Гебрудер Вајс“ и глобално и локално нуди современи дигитализирани услуги и воедно руши рекорди во поглед на финансиските резултати. Со Димоски, дипломиран машински инженер со 25 години искуство во логистиката, зборувавме за моменталните пазарни услови и предизвиците што ги донесе глобалната пандемија во логистиката и транспортот. 

Разговараше: Алма Растодер, alma@instore.mk

Имате повеќе од 25-годишно искуство во логистиката. Што сметате дека е Ваш најзначаен успех, а кој е најголемиот предизвик со кој досега сте се соочиле во работењето?

Околу успесите или врвни постигнувања тешко е да се определам за поединости, можеби големото искуство и неброените успешни, навидум секојдневни работи, проекти, специјални  и специфични транспорти и логистички решенија, речиси и нема нешто од полето на логистиката на планетава што не поминало низ моите и низ рацете на соработниците. Еве еден специфичен детаљ, кој стана актуелен минатата година, а на кој тогаш не обрнувавме толку внимание - во текот на еден логистички тендер за голем јапонски концерн, со кој само преговорите траеја цели две години, едно од многуте барања на прецизните Јапонци беше и прашањето: Која друга организациска единица од Вашата организација (од соседна земја, најблизок огранок...) би ги извршувала операциите доколку Вие и Вашите вработени сте спречени во случај на болест, грип, вирус!? Прашањево ми беше поставено во 2017 година! Не сум заговорник на теории на темава, повеќе гледам на ова како на далековидост, знаење и искуство.

Со какви капацитети располага „Гебрудер Вајс“ во Македонија? Кои услуги им ги нудите на македонските компании и кои од нив најдобро поминуваат?

Капацитетите на компанијата во Македонија се приспособени на моменталните потреби за редовните операции и линиски производи. Постојано сме во потрага по развој на логистичките проекти, моментално и работиме на евентуално зголемување на складишните капацитети во полето на складишната логистика. Во понудата на услуги стои најширока лепеза на производи, сите видови транспортни и логистички решенија, каде што особено би го истакнал збирниот транспорт, во кој со години сме неприкосновен лидер на пазарот, далеку надминувајќи ја конкуренцијата, благодарение на густо поставената европска и глобална мрежа.

„Гебрудер Вајс“ е во можност да понуди комплетни решенија, иако не се вели повеќе од игла до локомотива, туку од дизајн на веб-продавница, до услуга на врата, креирање и операционализација на сите процеси на клиентите, со врвен австриски know-how. „Гебрудер Вајс“ е првенствено логистичка компанија, бидејќи повеќе од една четвртина од глобалните приходи се од логистика. Целта и филозофијата на компанијата не е да се биде најголемиот провајдер, туку најдобриот во класата, што е и еден од основните 4 столба и постулати на компанијата, покрај одржливоста, независноста и посветеноста.

Изнаоѓањето вистински решенија станува речиси уметност, но и сизифовска работа во постојаниот обид за оптимизација и намалување на трошоците.

Според Вас, кои трендови ќе ги обликуваат логистиката и транспортот во 2021 година? Колку го користите глобалното искуство за да ги предвидите новите трендови на македонскиот пазар?

За жал, годинава, како и претходната, нема да се одликува со поповолен тренд и деловен амбиент, има еден термин кој го користиме за светот во тој аспект - VUCA = Volatility, Uncertainty, Complexity, Ambiguity, на македонски приближно преведено е Непостојано, Неизвесно, Сложено и Нејасно. Таа нова реалност од која е веќе изгледно дека нема назад, која направи речиси тектонски нарушувања во меѓународните синџири на снабдување. Во овој период буквално полудеа морскиот и воздушниот транспорт, што претставува голем предизвик не само за нас, провајдерите, туку и за клиентите, кои за разлика од нас, малку потешко се приспособуваат на ова. Зборувано за трендови, B2C, дефинитивно.

Каде гледате можност за понатамошен пораст и напредок на домашниот транспорт во Македонија?

Внатрешниот транспорт секако ќе има нагорен тренд, со е-трговијата, која се надевам ќе продолжи да расте, како и со порастот на услугите со додадена вредност во логистиката. Компаниите сè повеќе ќе ја разбираат потребата од услугите на логистичките провајдери во организацијата на синџирите на снабдување. Од овој сегмент на услуги би ја потенцирал услугата „достава до дома“, која како производ е во апсолутен нагорен тренд во европските земји, во која, на пример, не само на австрискиот пазар, туку и во останатите средноевропски и источни земји нашата компанија е апсолутен лидер на пазарот.

Употребата на блокчејн-технологијата и вештачката интелигенција стануваат клучен фактор во иднината на логистиката на глобално ниво. Колку тие ќе помогнат во управувањето со синџирот на снабдување, во анализата на податоците и планирањето на логистичката стратегија?

Дигитализацијата, или би употребил еден друг поим, дигиталнo нарушувањe (digital disruption), придонесува за експоненцијален пораст на технологиите и во последниве неколку години се имаат случено толку технолошки унапредувања, многукратно повеќе од она што технолошки се има случено во можеби стотина години наназад. Затоа и го употребувам поимот дигитално нарушување. За да биде појасно, „Амазон“, „Нетфликс“, „Убер“ и „Ербиенби“ се класични примери за нарушувањата кои ги направија на соодветните класични услуги, буквално погребувајќи цели индустрии. Еве уште еден друг пример, Tesla, производителот на електрични автомобили, е веќе највреден автомобилски бренд, оставајќи ги зад себе вековните класици VW, Toyota…

Во логистиката веќе постојат дигитални платформи, интегратори, наречете ги и провајдери (Coyote, FreightEx, Eyefreight, PiggyBee, Flexport) кои се во состојба да направат слични нарушувања, но тоа се само платформи, нема да речам виртуелни. Од друга страна, ние, класичните провајдери, сме на големо дигитализирани, повеќе сме ИТ-компании отколку логистичари, ако се земе предвид нивото на употребата на податоците.

Колку вложувањето во нив е исплатливо кога се работи за помал пазар како македонскиот? Дали „Гебрудер Вајс“ ќе вложува во нови решенија и услуги за македонскиот пазар?

Решенијата и услугите на нашата компанија се веќе одамна развиени и присутни, останува само да се применат во земјава, но тоа не зависи од нас, туку од клиентите, без разлика колку чудно да звучи тоа. Во пандемиската година ние како компанија ништо не променивме како услуга или начин на работа или ниво на услуга, во поглед на дигиталните услуги, работа од далечина, податоци, дата-бази... Сето тоа е присутно со години во сервисното портфолио, како што напоменав и претходно, сервирано на маса и на услуга за клиентите, кои пак треба да се спремни за тоа. Значи, кој било производ од логистиката и синџирите на снабдување им е достапен на клиентите, се разбира, не за половина час или ден, како што можеби очекуваат дел од нив.

Ковид-кризата придонесе за огромен пораст на е-продажбата, со што уште повеќе се наметнаa прашањата поврзани со проблемите при доставата на производи. Кое е Вашето мислење за состојбата во Македонија? Што би ги советувале оние што почнуваат или се веќе во тој бизнис?

Кај повеќето фирми што беа или влегуваа во овој сегмент, за жал, тригерот кон дигитализацијата беше Ковид-19, што придонесе за ад хок решенија, нецелосен одговор и лошо ниво на сервис. Само како факт, во ваква ситуација еден водечки синџир на супермаркети во земјава речиси и воопшто не влезе во доставите до дома, што може многу негативно да се одрази врз работењето и постоењето воопшто.

За нивото на услугата според личен пример, како клиент, купувам книга од онлајн-продавница во Скопје - онлајн-плаќање, сè по ред, убаво, на крај туш, достава до адреса, во рок од три дена... Во Скопје на далечина од 2-3 км. „Амазон“, на пример, има прајм сервис и во најголемиот дел од ЕУ следниот работен ден ја добивате својата пратка.

Кога сме веќе кај големите, еве го советот, за кој се надевам Џек Ма („Алибаба“) нема да побара авторски права, тој вели: Ако со својот производ или услуга не решавате некој социјален или општествен проблем, овде би додал и/или клиентски проблем, не влегувајте во тоа!

Подолго време, за жал, им сугерираме на клиентите дека логистичките услуги ќе стануваат сè поскапи.

Дистрибуцијата и логистиката се соочиja со голем удар поради затворањата на границите, карантините и сето она што ни го донесе пандемијата. Со кои предизвици се соочувате сега на македонскиот пазар?

Карантинскиот Ковид-19 пристап, според мене, е минато, барем во нашиот сегмент. Не се соочивме со законски забрани за извршување на дејноста, како одредени гранки, на пример, кои се поврзани со јавни собири, групирања и слично.

Капацитетите, човечки и инфраструктурни, се и ќе бидат предизвик понатаму, намалениот обем на работа кај најголемиот дел од правните субјекти, од најмали до најголеми, при што помалите први страдаат. Не знам статистика и бројки, но сè повеќе гледам побелени излози, што дополнително предизвикува зголемување на трошоците по единица производ, а со тоа и зголемување на цените. Изнаоѓањето вистински решенија станува речиси уметност, но и сизифовска работа во постојаниот обид за оптимизација и намалување на трошоците.

Освен со ова, се соочувате и со дополнителни трошоци во врска со ПЦР-тестовите за Ковид-19 кои им се потребни на возачите, а имате и други дополнителни трошоци. Дали тоа значи дека е можно покачување на цените на логистичките и транспортните услуги?

Покачувањето на цената на транспортните и логистичките услуги драматично се актуализира во минатата година, како резултат на многу фактори: нарушувања на тековите на светската трговија, каде што транспацифичките трговски текови во голема мера ги надминуваат трговските обеми меѓу азиските и европските земји, што предизвика неколкукратно зголемување на цените во контејнерскиот транспорт; и воздушниот транспорт е во постојан стрес поради редизајнирањето на пристапот кон комерцијалниот транспорт на стоки, нарушен од речиси патосираниот авионски патнички транспорт. Значаен фактор кој влијае врз покачувањето на цената на услугите е секако и хроничниот недостиг на технички и човечки ресурси.

Подолго време, за жал, им сугерираме на клиентите дека логистичките услуги ќе стануваат сè поскапи, народски кажано, наспроти нивната желба за намалување на цените на услугите, кое пак намалување треба да се бара во оптимизацијата на процесите, со квалитетни и издржани дизајни, што не е лесно да се постигне. Дигитализацијата, системскиот пристап се клучни за ваква цел, која крајно треба да им пружи конкурентна предност на клиентите на пазарот.

Какви финансиски резултати забележа „Гебрудер Вајс“ во Македонија минатата година? Направете споредба со резултатите постигнати во 2019 година?

Во навистина предизвикувачка атмосфера во минатата година, резултатите од работењето покажаа дека флексибилноста и надежноста во нашето работење се силни страни. Во услови на намален обем на работа, што беше евидентно кај најголемиот дел од компаниите од реалниот сектор, со исклучок можеби на фармацевтската индустрија и банките кои и тоа како поентираа во здравствената криза, „Гебрудер Вајс“ како компанија на глобално, но и на локално ниво оствари нето-профит повисок во споредба со 2019 година, кој пак како резултат од своја страна беше историски гледано најдобар дотогаш, повторно поставувајќи сопствени рекорди, од година во година.​



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Вчитува уште новости...