Анализи

ИГД: Забрзано темпо на промени

19 Sep 2017
Извор: ИГД
 

Експертската организација за трговија ИГД предвидува пораст на продажбата на прехранбените производи во сите главни трговски канали, а дисконтите се поставени на пиедестал, благодарение на амбициозните програми на дисконтерите за отворање нови продавници, нови формати на продавници и за вложување во асортиманот. До 2022 година, организацијата предвидува дека 1 од 7 фунти ќе биде потрошена во дисконтите, за разлика од сега, кога тој однос изнесува 1:9.

Како други клучни точки, ИГД ги наведува:

  • Интернет-каналот ќе остане најбрзорастечки, иако можеби не со тој ритам како во претходните години, бидејќи трговците настојуваат да ги развиваат и нивните поголеми формати, но и малите продавници во соседството;
  • Дисконтите и малите формати продавници имаат пооптимистични перспективи отколку во претходните години. Се прогнозира дека ќе се развиваат најбрзо од сите други физички канали за продажба;
  • До 2022 година, супермаркетите и хипермаркетите имаат попозитивни изгледи од претходно. Главните причини за тоа се инфлацијата и инвестициите на трговците во големите формати за подобро купувачко искуство;

Каналите може да не ја изразуваат најпрецизно пазарната вредност поради нумеричкото заокружување во табелата.

* Во дисконти се вклучени продавниците на „Алди" и на „Лидл", како и продажбата на прехранбени производи во дисконтите за мешани стоки, како што е „Вилко".

**Во други трговци се вклучени специјализираните продавници за храна и за пијалаци, киосците (кондиторски производи, цигари и весници), продажбата на храна од претежно непрехранбени трговци и уличните продавници.

 

 

Џоан Дени-Финч, извршна директорка на ИГД, вели: Прогнозата за порастот на пазарот на прехранбени производи до 2022 година е повисока од минатогодишната, за што најмногу придонесе инфлацијата, која следуваше по тригодишната дефлација во британскатапрехранбена индустрија и трговија.

Според неа, во тек е револуција во индустријата и во трговијата со прехранбени производи, во смисла на тоа како и каде потрошувачите купуваат. Резултатите од истражувањата покажуваат дека купувачите велат оти во просек, секој месец користат околу 12 различни продавници, а во иднина, ќе има и поголем избор што да се купи, каде и како. Како купувачи, ќе бидеме поспонтани, но истовремено и подобро организирани. Ќе експериментираме и ќе копнееме по нови производи и искуства, но истовремено, ќе имаме и повеќегодишни фаворити, кои ќе ги купуваме на претплата, вели  таа.

Речиси четвртина (24 отсто) од британските купувачи велат дека во следните две-три години, веројатно ќе ги користат претплатничките услуги на интернет за испорака на прехранбените производи.

Темпото на промените ќе биде брзо, а тоа ќе претставува огромен предизвик за индустријата, но истовремено и голема можност, нотира Дени-Финч.

 

Развој на дисконтите

За пораст на продажбата на прехранбените производи во следните пет години најмногу ќе придонесат дисконтерите. Тие продолжуваат да отвораат поголеми продажни места и да го развиваат и да го подобруваат искуството на купувачот – воведуваат оддели за „храна за носење", каси за самонаплата и сл. Околу 79 отсто од купувачите велат дека во текот на мај годинава посетиле неколку дисконти за да се снабдат со прехранбени производи,  а речиси три четвртини (70 отсто) од тие што купуваат храна во дисконтите, велат дека квалитетот на производите што ги купуваат од овие продавници е подобар во последните неколку години.

Дигитални домородци

Интернет-каналот ќе остане најбрзорастечки во следните пет години, но минатата година ИГД ги намали прогнозите за тој дел од пазарот, бидејќи многу трговци почнале повторно да се фокусираат на купувачкото искуство во физичките продавници, што според  Дени-Финч, ќе биде дополнителна конкуренција за е-трговијата.

Сепак, вредноста на интернет-каналите и понатаму останува огромна. Очекуваме да видиме како т.н. дигитални домородци, односно тие што пораснале користејќи ја технологија во многу аспекти од животот, ќе помогнат да се одржи порастот во иднина, бидејќи тие ќе продолжат да купуваат преку интернет и потенцијално може да ги мотивираат и другите да го прават тоа, вели таа.

Околу 40 отсто од британските купувачи изјавиле дека купиле прехранбени производи преку интернет во мај годинава, но околу 60 отсто од нив, изјавиле оти веројатно ќе купат во наредните две до три години.

Купување на големо

Анализирајќи ги супермаркетите и хипермаркетите, Дени-Финч вели: Поголемите формати продавници можеби повеќе не се најголемите мотори за пораст на прехранбената трговија во Велика Британија, но, сепак, остануваат да бидат местата каде што поголем број луѓе купуваат храна.

Речиси секој купувач на Островот (98 отсто) тврди дека секој месец оди во супермаркет или во хипермаркет, наведувајќи ги како предности тоа што тие формати имаат сè под еден покрив (84 отсто) и поширок избор (81 отсто).

Услугите што купувачите би сакале да бидат воведени во поголемите продавници, вклучуваат независни оддели за локална храна и „секојдневен оддел" во близина на влезот на продавницата, за побрзо купување.

Продавници од соседството

Девет од десет купувачи тврдат дека ги посетиле малите продавници во соседството во мај годинава, што е добар индикатор за прогнозите на ИГД дека овој канал за продажба ќе биде третиот најбрзорастечки. Малите продавници ја таргетираат помладата генерација, односно 19 отсто од испитаниците на возраст од 18 до 25 години изјавиле дека најчесто купуваат во нив, што е повеќе од двојно од бројот на тие што се на возраст од повеќе од 26 години (7 отсто). Постојат и огромни потенцијали за сегментот „храна за носење" – 83 отсто од купувачите велат дека ќе бидат поттикнати да купат повеќе од таа храна ако ја има во најблиската продавница во соседството.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...