Анализи

Еуромонитор: Големата слика на трговијата

09 Aug 2023

Трговците со стоки за широка потрошувачка го задржаа најголемиот удел во вредносната продажба, а малите локални трговци продолжија да бидат генерално најсилен канал

Извор: „Еуромонитор интернационал“, www.euromonitor.com

Негативното влијание на војната во Украина се чувствува и на македонскиот пазар, при што енергетската криза доведе до висока инфлација и до определен степен го намали обемот на продажбата. Како резултат на тоа, додека вкупната малопродажба регистрира здрав пораст на номиналната вредност во 2022 година, константната вредност на продажбата се намали. Со тој бекграунд, македонските потрошувачи беа многу чувствителни на цените и беше забележан одреден пад на купувањето. Падот на волуменската продажба се должи и на постојаното намалување на бројот на жители во земјата, предизвикано од падот на наталитетот и континуираната емиграција на младите луѓе во странство.

Според податоците со кои располага „Еуромонитор“ за македонскиот пазар, трговците со стоки за широка потрошувачка го задржаа најголемиот удел во вредносната продажба, а малите локални трговци продолжија да бидат генерално најсилен канал. Сепак, каналот на модерна трговија го забрзува чекорот и забележа повисок пораст на вредноста во 2022 година.

Kаналот на модерна трговија го забрзува чекорот и забележа повисок пораст на вредноста во 2022 година.

Во контекст на зголемената инфлација, владата наметна замрзнување на цените за одредени видови овошје и зеленчук. Иако рестрикциите беа наметнати за да ги заштитат потрошувачите со ниски приходи и да ги ограничат профитните маржи на трговците, тоа доведе до непредвидливи последици. Конкретно, ограничувањето на цените доведе до недостиг на многу од овие производи. Тоа, исто така, доведе и до негативен публицитет на малопродажните трговци кои наплаќаа повеќе.

Со оглед на тоа што во услови на големи поскапувања потрошувачите се фокусираа на основните работи, од трговците што не се дел од FMCG-секторот најлоши резултати имаа специјализираните продавници за убавина. Подобри резултати од нив забележа директната продажба бидејќи нејзините конкурентни цени ѝ овозможија да ја задржи вредносната продажба. Производите за здравје и убавина продолжија да имаат најголем вредносен удел во рамките на директната продажба, а продажбата на другите производи беше занемарлива.

Исклучок беше малопродажната е-трговија, која забележа здрав пораст на константната вредност на продажбата, иако на мала основа. Потрошувачите сè повеќе пребаруваат онлајн и дигиталната инфраструктура постојано се подобрува, особено за малите бизниси. Сепак, вредносната продажба сè уште е релативно ниска и инфраструктурата треба значително да се подобри за е-трговијата целосно да заживее.

Што е следно за малопродажбата?

Во следните пет години се очекува малопродажбата да бележи умерен пораст на константната вредност. Сепак, сè додека војната во Украина продолжува да носи економска несигурност и висока инфлација, потрошувачите ќе бидат ценовно чувствителни. Тоа ќе има огромно влијание и врз нивното однесување – тие ќе купуваат на промоции, ќе го намалат непотребното трошење, ќе купуваат на големо по пониски цени и ќе се фокусираат на попристапни продавници и на поекономични брендови.

Потрошувачите сè повеќе пребаруваат онлајн и дигиталната инфраструктура постојано се подобрува, особено за малите бизниси. Сепак, вредносната продажба сè уште е релативно ниска и инфраструктурата треба значително да се подобри за е-трговијата целосно да заживее.

Трговците со стоки за широка потрошувачка се очекува да забележат придушен пораст. Исто така, ќе има мал интерес и од странските трговци, поради малубројната популација во земјата.

Е-трговија

Порастот ќе продолжи преку каналите за е-трговија. Онлајн-трговијата на македонскиот пазар заостанува зад соседните земји и треба да се преземат понатамошни чекори за доизградба на потребната инфраструктура. Користењето картички сè уште е на релативно ниско ниво, а услугите за користење на мобилните паричници како Google Wallet или Apple Pay сè уште се недостапни. Недостигот на доверба во онлајн-плаќањето е уште еден камен на сопнување.

И на крај, континуираното опаѓање на бројноста на популацијата исто така ќе придонесе за намалување на обемот на продажбата во е-трговијата.

* Извештајот на „Еуромонитор“ е од мај 2023 година.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...