Социјалните медиуми еволуираа и тие повеќе не се само средство за комуникација меѓу бизнисите и потрошувачите. Во последните неколку години тие помогнаа да се воведат целосно нови модели за ангажман на потрошувачите, преку забава и дигитална трговија
Извор: „Еуромонитор интернационал“, www.euromonitor.com
Со интеграција на новите технологии и со поцентрален фокус на мобилните платформи, социјалните медиуми се подготвени да се соочат со нов бран на трансформација. Тој бран се очекува да доведе до пошироко усвојување на технологиите во зародиш и повеќе иновации диригирани од потрошувачите. Во продолжение ќе разгледаме како вештачката интелигенција (ВИ), виртуелната и аугментираната реалност (ВР и АР), дигиталните паричници и блокчејн-технологијата (ќе) ги преобликуваат платформите на социјалните медиуми.
ВИ овозможува хуманизирана интеракција и хиперперсонализација
Со широк спектар на апликации, вештачката интелигенција веќе ги оспособи платформите на социјалните медиуми за многу фронтови. Од генерирање содржини и ажурирање, до персонализиран маркетинг и понуда на препораки за производи, ВИ им овозможува на брендовите и на трговците на мало да постигнат таргетиран домет, да го оптимизираат ангажманот и да го зголемат влијанието.
32% од професионалците во индустријата велат дека ВИ ќе има најголемо влијание за подобрување на ангажманот на купувачите во следните 12 месеци („Voice of the Industry: Digital Survey“, ноември-декември 2022 година).
Најновиот развој на вештачката интелигенција – четботови од следната генерација што симулираат разговори слични како меѓу луѓе, ќе овозможи поголемо ниво на ангажман и поддршка на купувачите. Технологиите за вештачка интелигенција со отворен код, како што е DALL·E 2, создаваат услови за хиперперсонализација со графика генерирана од вештачка интелигенција, која на потрошувачите им овозможува да дизајнираат персонализирани производи. На пример, модниот онлајн-трговец Stitch Fix експериментира со DALL·E 2 за да ги визуализира производите врз основа на карактеристиките (боја, ткаенина и стил). Во зависност од инпутот на купувачот, DALL·E 2 генерира слики што потоа стилист ги поврзува со слични производи во асортиманот на Stitch Fix.
Брендовите имаат уникатна можност да ги користат овие апликации на платформите на социјалните медиуми за да ги ангажираат потрошувачите и да ги разберат нивните потреби и желби.
ВР и АР ја водат транзицијата од дигитални кон виртуелни искуства
Платформите на социјалните медиуми беа во првите редови при усвојувањето на аугментираната реалност преку филтрите и објективите. Оваа интеграција доведе до пошироко усвојување на технологијата за АР меѓу милениумските потрошувачи и генерацијата Z. Надоврзувајќи се на овој тренд, брендовите развија нови начини на употреба на аугментираната реалност, како што е понудата на виртуелна функција за пробување.
ВР и АР ќе имаат огромно влијание врз ангажманот на брендот во следните 12 месеци. На среден рок тоа значи создавање нови виртуелни искуства и изложбени простори („Voice of the Industry: Digital Survey“, ноември-декември 2022 година).
Во следната фаза од овој процес се очекува ВР да помогне дигиталните искуства да се надградат на целосно виртуелни. На пример, Facebook 360 и Horizon Worlds нудат виртуелни простори за социјално вмрежување и интеракција во реално време. Почнувајќи од ВР-содржина на „Јутјуб“ и социјални ангажмани во виртуелната реалност, до посета на виртуелни продавници, брендовите можат да најдат нови начини за интеракција со потрошувачите. Притоа, клучно за одреден бренд е да најде апликација што добро се усогласува со неговата стратегија.
Графикон 1
Бизнис-области во кои ВР и АР ќе имаат најголемо влијание
Можност за социјалните медиуми да достигнат нови граници
Во текот на 2022 година повеќе од 225 милијарди долари од вкупната продажба на производи и услуги преку е-каналот на глобално ниво беа остварени преку социјалните медиуми. Бројката е двојно зголемена од 2020 година. Со оглед на тоа што трговијата преку социјалните мрежи зазема сè позначајно место во пејзажот на дигиталната трговија, очекувањата се дека тие платформи ќе интегрираат повеќе нови решенија за плаќање. Facebook Pay и WeChat Pay покажаа како интеграцијата на плаќањето може да ги подобри трговските можности на социјалните медиуми. Иако тоа ќе ги редефинира бизнис-моделите за брендовите и трговците на социјалните медиуми, ќе отвори можности за нови партнерства.
Факт е дека сè повеќе играчи од е-трговијата ги интегрираат социјалните медиуми во нивните омниканални операции. Со повеќе трговски трансакции што се спроведуваат преку социјалните медиуми, овие платформи имаат потенцијал да станат следните суперапликации.
Промена што води кон децентрализирани социјални медиуми
Технологијата Web 3.0 има дисруптивен потенцијал за трговијата преку децентрализираните платформи на социјалните медиуми. Таа допушта дигитална сопственост над содржината создадена на социјалните медиуми, како и креирање персонализирани аватари и имерзивни ангажмани (генерирање тродимензионални прикази што изгледаат како опкружувањето) во метаверзумот.
Графикон 2
Најперспективна примена на технологијата Web 3.0
Во моментов метаверзумот е најистражуваниот аспект на Web 3.0 низ социјалните медиуми. Повеќе од една третина од професионалците во индустријата (38%) сметаат дека метаверзумот е најперспективната веб-апликација на Web 3.0. Meta и Reddit, на пример, тестираат различни начини на премостување на метаверзумот на нивните платформи.
Со нивниот огромен број корисници, социјалните медиуми се во првите редови во битката за масовно усвојување на Web 3.0. За брендовите и трговците на мало, тоа ќе се претвори во развој на нови форми на ангажман, продажба на дигитални производи, создавање NFT (незаменливи токени) за дигитални аватари и овозможување виртуелни искуства што ги интегрираат физичкото и дигиталното.
Резултатот од сето тоа е што технологијата ја насочува моќта кон потрошувачите, кои сега имаат поголема контрола врз нивните податоци и содржини на интернет. Оваа промена ќе им користи и на брендовите и компаниите бидејќи тие ќе можат да соберат поквалитетни податоци за нивните купувачи. Приоретизирањето на приватноста во онлајн-доменот би бил разумен начин за многу од овие брендови да ја стекнат не само довербата на потрошувачите, туку и поголем дел од нивниот буџет.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.