Поради зголемените грижи за животната средина на глобално ниво, компаниите се принудени да инвестираат во одржливост, додека потрошувачите бараат поеколошки производи.
Автор: Индре Зебраускаите, сениор аналитичар во „Еуромонитор интернационал“
Според експертите од индустријата, одржливоста е клучна за да се обезбеди флексибилност на бизнисот, а во екот на неодамнешната енергетска криза, инвестициите во обновливи извори на енергија се гледаат како перспектива за заштеда на трошоците. Додека побарувачката на одржливи производи продолжува да се зголемува и да ги менува синџирите на снабдување, зголемената инфлација може да ги попречи преференциите на потрошувачите. Како резултат на зголемените трошоци за живот, потрошувачите очекуваат нивната финансиска состојба да се влоши, што ќе влијае врз нивната одлука да ги трошат парите на одржливи производи.
Одржливоста е важна за подобрување на флексибилноста на бизнисот
Компаниите се соочуваат со зголемени ризици поврзани со прашањата за одржливост, па оттука не е изненадувачки глобалниот консензус меѓу експертите во индустријата за важноста од инкорпорирање на одржливоста во пошироката бизнис-стратегија за подобрување на деловната флексибилност. Според истражувањето „Voice of the Industry: Sustainability“ на „Еуромонитор“, во 2022 година речиси 90% од анкетираните професионалци сметаат дека одржливоста е исклучително или многу важна за намалување на нивната ранливост и за оптимизација на одговорот кон идните ризици (графикон 1).
Додека Јужна Америка и понатаму е водечка според бројот на компаниите што се свесни за улогата на одржливоста во флексибилноста на бизнисот, Северна Америка го забрзува чекорот, поместувајќи се од последната позиција во 2021 година на втората позиција годинава. Во август 2020 година претседателот Џо Бајден го потпиша Законот за намалување на инфлацијата, кој предвидува инвестиции од 369 милијарди американски долари за климатски решенија и еколошка правда. Ова е огромен чекор напред во борбата против климатските промени, кој ќе ја забрза транзицијата кон чиста енергија.
Климатските промени ја менуваат побарувачката и ги трансформираат синџирите на снабдување
Иако климатските промени влијаат врз сите делови на бизнисот, експертите од глобалната индустрија се согласуваат дека најголемото влијание ќе се почувствува на побарувачката на потрошувачите. Тоа го изјавија повеќе од 75% од испитаниците во 2022 година, втора година по ред. Загриженоста за животната средина сè повеќе влијае врз однесувањето на потрошувачите и купувањето. Од 2015 до 2022 година забележано е зголемување од 13 процентни поени на потрошувачите што чувствуваат дека преку нивниот избор и дејствување може да го променат светот (истражување „Voice of the Consumer Lifestyles“ на „Еуромонитор“). Повеќе во графикон 2.
Со оглед на тоа што климатските промени претставуваат закана за операциите во синџирот на снабдување, не е изненадувачки фактот што оваа загриженост се искачи на втората позиција во рангирањето на одговорите. Тоа претставува значително зголемување од шест процентни поени во одговорите од 2021 и 2022 година.
Декарбонизацијата на синџирот на снабдување е голема неискористена можност за корпоративна климатска акција. Според Проектот за откривање јаглерод (CDP – Carbon Disclosure Project), емисиите на синџирот на снабдување се еднакви на приближно 92% од вкупните емисии на стакленички гасови на една организација. Намалувањето на емисиите генерирани од доставувачите (т.н. „Scope 3“ емисии, индиректно генерирани од активностите на компанијата) бара поставување цели базирани на наука, како и соработка и ангажман со доставувачите за ефективно мерење, мапирање и намалување на емисиите.
FMCG-компаниите инвестираат во одржливи производи
Интересот на потрошувачите за поодржливи избори се зголемува, што ги поттикнува компаниите да им дадат приоритет на инвестициите за развој и лансирање одржливи производи и услуги. Инвестициите во одржливост, поврзани со енергија и зелени или чисти технологии, се меѓу врвните бизнис-приоритети, проследени со усвојување циркуларни модели. Околу половина од анкетираните деловни експерти велат дека планираат да инвестираат во циркуларни бизнис-модели во следните пет години, при што европските компании се водечки во таа област (графикон 3).
Од прашањата до експертите за идни инвестиции во одржливост, се издвојува Развој на одржливи производи заедно со иницијативите за Отпад/рециклирање – повеќе од 75% од испитаниците изјавиле дека нивната компанија планира да инвестира во овие области. Компаниите вложуваат големи суми за рециклирање и иновации во материјалите, а други важни области за инвестиции се во Програми за поддршка на вработените и во Одржливи извори. Истовремено, истражувањето покажува дека и одржливата енергија и чистите технологии се високо на инвестициската агенда на компаниите (околу 70% од одговорите).
Достапност vs одржливост: дилема пред глобалната рецесија
Глобалната инфлација бележи значителен пораст во првите четири месеци од 2022 година и се очекува да остане висока во текот на годината. Тоа влијае врз компромисот што потрошувачите го прават меѓу достапните цени и одржливото купување.
Повисоките цени на храната и на енергијата ја поттикнаа инфлацијата во многу економии низ целиот свет. За годинава се очекува поголемиот дел од земјите да забележат повисоки стапки на инфлација од 5%, а глобалната инфлација се предвидува да достигне 8%. Со порастот на цените на основните добра, потрошувачите имаат помал пораст на реалниот доход и повисоки трошоци за живот, а бизнисите работат со потенки профитни маржи и се соочуваат со ризикот од намалување на побарувачката.
Како што укажуваат експертите од индустријата, недостигот на подготвеност на потрошувачите да платат повеќе за одржливи производи е најзначајната бариера годинава што ја попречува ефективноста на иницијативите за корпоративна одржливост (графикон 4). Со оглед на тоа што производите со одржливи карактеристики имаат тенденција да носат повисока цена, се очекува порастот на инфлацијата да влијае врз компромисот што потрошувачите го прават меѓу достапните цени и одржливото купување. Притоа, некои производи и некои пазари (графикон 5) ќе бидат попогодени од другите.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.