Годинава „Еуромонитор“ направи спиноф-истражување преку анкети со повеќе од 100 аналитичари од Источна Европа, кои ги дадоа одговорите на тоа кои трендови ќе бидат значајни во овој регион.
Автор: Јана Руд, менаџер за население и домаќинства во „Еуромонитор интернационал“, www.euromonitor.com
Секоја година „Еуромонитор интернационал“ ги идентификува новите трендови што брзо се развиваат, за кои се очекува дека ќе бидат двигатели на индустријата. Овие трендови овозможуваат преглед на промената на потрошувачките вредности и истражуваат како се менува однесувањето на потрошувачите. Годинава „Еуромонитор“ направи спиноф-истражување преку анкети со повеќе од 100 аналитичари од Источна Европа, кои ги дадоа одговорите на тоа кои трендови ќе бидат значајни во овој регион.
Првиот тренд е големото освежување на животот. За време на пандемијата потрошувачите ги издвоија приоритетите во животот и направија пауза за да размислат за сопствените вредности. Тие го преиспитаа тоа што е важно во нивниот живот и размислуваа како да ја направат вистинската работа на вистинскиот начин. Како резултат на тоа, се случија големи промени во однесувањето и начинот на живот на потрошувачите.
Трошоците за одмор и рекреација во Источна Европа, на пример, се зголемија за 16% во 2021 година, што е најголем процент од 2009 година. Сведоци сме и на зголемен број уписи и зголемена корпоративна поддршка за дигиталното образование. „Гугл“, на пример, намени повеќе од 1,5 милион евра како индивидуални грантови за добротворни организации во Централна и во Источна Европа, за да го подобри образованието со дигитализација.
Сите пет тренда се континуирани, ќе опстојат и веројатно ќе се интензивираат во текот на следните години. Иако се сосема различни, трендовите се развиваат околу две основни теми. Тоа се лично внимание (фокус на себеси) и одржливост.
Конечно, работните практики на далечина станаа нова реалност бидејќи, под влијание на феноменот на „големата оставка“, потрошувачите сè повеќе бараат подобра рамнотежа меѓу работата и животот. Всушност, компаниите, па дури и земјите, го следат трендот на работа од далечина. На пример, Хрватска воведе „дигитални номадски визи“ за граѓани што не се членки на ЕУ, а работат во сегментот комуникации и во дигиталните области. Со овој чекор земјата има цел да го зајакне туризмот и да привлече посетители во текот на целата година. На тој начин може да ја надмине сезоналноста и да обезбеди стабилна побарувачка во текот на целата година.
Вториот најважен тренд во Источна Европа во 2022 година е паметното управување со парите, односно појавата на т.н. финансиски ентузијасти. Финансиската сигурност и работните места беа сериозно загрозени од пандемијата, а сега се чувствува стравот од рецесијата и од политичките превирања. Растечките трошоци за живот и инфлацијата, исто така, се голем поттик за повнимателно трошење, инвестиции за одржување на вредноста на тешко заработениот приход и за заштеди „за секој случај“. Последното, односно вкупните заштеди во Источна Европа во изминатите три години се зголемија за 38%, речиси двојно повеќе од глобалниот просек. Полска, Латвија и Хрватска забележаа највисок пораст на заштедите по жител на регионално ниво.
Кога се работи за финансиските ентузијасти, не станува збор само за претпазливост и задржување на вредноста. Станува збор и за подобро, попаметно и попрактично управување со парите. Добар пример за тоа е банкарската услуга на „Зелф“ за „frictionless“ плаќање (плаќање на едноставен начин, интегрирано во секојдневниот живот и средина). „Зелф“ функционира преку платформите за социјални медиуми – „Фејсбук“, „Ватсап“, „Телеграм“ и „Вајбер“ и е безличен, односно нема апликација или физичка картичка. Оваа месинџер-банка користи четбот за да обезбеди финансиски услуги и им е омилена на дигиталните генерации, како што се милениумците и генерацијата Z.
Трендот предводен од т.н. рурални урбанисти, исто така, е меѓу првите три тренда кај Источноевропејците, кој се забрза со порастот на практиките за работа од далечина и настојувањето да се поедностави животот. Воздухот со подобар квалитет, придобивките од зелените површини и едноставноста во селата или во помалите градови се клучните причини за преселбите на урбаните жители. Од друга страна, потрошувачите бараат зелени површини и рурално блаженство и во урбаната околина. Како резултат на тоа, продажбата на градинарски култури во Источна Европа се зголеми за 44% во текот на изминатите 3 години, четирипати повеќе од порастот забележан на глобално ниво.
Покрај руралните рекреативни активности, сведоци сме и на брз развој во инфраструктурата, која ја проширува урбаната погодност во руралните средини. Факт е дека потрошувачите не се подготвени да се откажат од удобноста на урбаниот живот, така што услужните дејности и за урбаните потрошувачи што одат на село и за тие што реплицираат рурален начин на живот во градот се овозможени преку подобрување на е-трговијата и мрежите за испорака. Во 2021 година пазарот на е-трговија во Источна Европа се зголеми за повеќе од 24%. Сепак, таа не може да функционира без ефикасна испорака. За да ја зголеми ефикасноста на испораката, компанијата за достава „ДПД груп“ инвестира во автоматизирани шкафчиња за пратки во балтичките земји. Тоа ѝ овозможи на компанијата да го намали времето за испорака и да ја прошири географската покриеност.
Потрошувачите сакаат безбедна, чиста и зелена средина, но истовремено сакаат и секојдневно да живеат одржливо – чувствуваат дека нивните одлуки можат да имаат глобално влијание.
Уште еден регионално важен тренд е текот што го предводат трагачите по самољубие. Важно е да се знае дека сопствената среќа и здравјето се новите приоритети на потрошувачите по пандемијата. Тоа претставува голема промена – приоритетите на потрошувачите се префрлаат од штедење или трошење за други кон штедење или трошење за себе. Како резултат на тоа, гледаме силен пораст на производите за лична употреба. Потрошувачките трошоци за премиум и за производи за убавина и лична нега во последните пет години двоцифрено се зголемија. Продажбата на електрични четки за заби се зголеми за 143%, на премиум маските за лице и на премиум средствата против стареење за 58%, на премиум мирисите за 46%... Иднината на производите и услугите за самогрижа останува светла, особено на поткатегориите што се однесуваат на здравјето. На пример, во Грузија, едно од најголемите балнеолошки одморалишта „Саирме“ во партнерство со болницата „Евекс“ отвори здравствен центар за постковид-пациенти. Во центарот е вработен мултидисциплинарен тим, кој има индивидуален пристап кон секој пациент. Оваа луксузна услуга во луксузна средина е само пример за растечкото значење и побарувачката на персонализиран здравствен пристап.
Конечно, иако поретко отколку во Западна Европа или во Северна Америка, во Источна Европа се зголемува потрагата по половно – купување од втора рака, препродажба и „peer to peer“, водена од одржливоста. Економската нестабилност и политичката несигурност, исто така, го засилуваат прифаќањето на купувањето од втора рака како опција за попуст. Тоа станува нова норма во земјите од Централна Европа, како што е Полска, каде што секој седми потрошувач, особено од помладата генерација на возраст до 30 години, размислува да го зголеми купувањето на половни предмети во иднина.
Заклучокот што може да се извлече е дека сите пет потрошувачки тренда во Источна Европа се континуирани, ќе опстојат и веројатно ќе се интензивираат во текот на следните години. Иако се сосема различни, трендовите се развиваат околу две основни теми. Тоа се лично внимание (фокус на себеси) и одржливост.
Потрошувачите сакаат безбедна, чиста и зелена средина, но истовремено сакаат и секојдневно да живеат одржливо – чувствуваат дека нивните одлуки можат да имаат глобално влијание. Без разлика дали станува збор за одржливи производи, поеколошки производствени процеси, изнајмување наместо поседување или споделување и рециклирање – компаниите треба да ја вклучат одржливоста високо на својата агенда и да го направат тоа навреме.
Кога станува збор за персонализација, бизнисот се смета за партнер што им помага на потрошувачите да се приспособат на новиот начин на живот. Без разлика дали компаниите ќе им помогнат на потрошувачите да ги надминат финансиските борби или да се подобрат себеси преку сопствена грижа – врската и соработката се клучни. Едноставна, здравствено ориентирана, персонализирана и одржлива понуда е тоа кон што се стремат потрошувачите од Источна Европа.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.