Крупната промена што ја донесе пандемијата ги натера потрошувачите да ги проценат приоритетите во животот, откривајќи им нови вредности и критериуми за трошење
Извор: „Еуромонитор интернационал“
Здравствената криза и досега невиденото нарушување предизвикано од Ковид-19 имаа големи влијанија врз економиите, бизнисите и потрошувачите низ целиот свет. Потрошувачите целосно го променија начинот на кој живеат, работат и купуваат.
Неизвесноста останува на високо ниво, но тоа што е јасно е дека економиите нема да останат неповредени, а секојдневните рутини и стилот на живот на потрошувачите ќе се приспособат на континуираната физичка дистанца. Додека се истражуваат опциите за третман и за вакцина, потенцијално на долг рок, ќе се појави нова нормална состојба, а стравувањата од пандемија или други деструктивни сили ќе останат присутни.
Ковид-19 го трансформира економскиот и потрошувачкиот пејзаж
Прогнозите за глобалната економија се дека ќе навлезе во најтешката рецесија од 30-тите години на минатиот век, погодувајќи го секој сектор – од угостителство, до образование и финансии. Бизнисите се соочуваат со огромни предизвици низ турбуленциите, додека се справуваат со нарушените синџири на снабдување и рапидната промена на потрошувачките потреби и навики. Со исклучок на свежите производи, пакуваната храна и средствата за домашна нега, Ковид-19 ќе има негативно влијание врз FMCG-пазарот.
Карантинот и изолацијата го наметнаа животот во затворено, забрзувајќи ја еволуцијата на домот како центар за сè.
Со оглед на тоа што потрошувачите продолжуваат да се борат со проширувањето на вирусот, карантинот и новите секојдневни режими, тие се погодени и од зголемената невработеност и намалената заработка. Се очекува повеќе домаќинства да се вбројат во сегментот со пониски примања. Генерално, растечката вознемиреност за идните перспективи го поткопува расположението на потрошувачите на глобално ниво.
Крупната промена што ја донесе пандемијата ги натера потрошувачите да ги проценат приоритетите во животот, откривајќи им нови вредности и критериуми за трошење. Голем дел од промените во однесувањето, вклучително и фокусот на семејството или заедницата, здравствените и дигиталните решенија, се очекува да траат долго, дури и откако ќе заврши кризата.
Потрошувачите се фокусираат на здравствената и финансиската сигурност
Со оглед на тоа што глобалната економија влегува во криза, најлоша од Големата депресија, вознемиреноста за здравјето ќе продолжи, а дополнителен стрес ќе предизвикуваат финансиските грижи и изгледите за вработување. Пливаме во непознати води, а потрошувачите од сите возрасти и култури, со различни нивоа на приходи, се справуваат со две големи кризи во една: здравствена безбедност и рецесија.
Карантинот и изолацијата го наметнаа животот во затворено, забрзувајќи ја еволуцијата на домот како центар за сè. Потрошувачите беа принудени да развиваат нови навики поврзани со работата, играњето, купувањето и вежбањето – сите во нивните домови. Зголемените нивоа на вознемиреност за здравјето, приходите и генерално за иднината го свртеа фокусот на потрошувачите врз работите што можат да помогнат во менталното здравје. За повозрасните луѓе, кои се особено ранливи на влијанието од Ковид-19, телездравството (дистрибуција на здравствени услуги и информации преку електронски канали и телекомуникациски технологии) ќе биде клучно во здравствената заштита.
Експанзијата на групата искуствено ориентирани купувачи создава стратешки можности за производите и услугите – од персонализиран ексклузивен луксуз, велнес-рутини и гурмански искуства, до понатамошна дигитализација на образованието и разонодата.
Исто така, се забележуваат и значителни промени во тоа кој каде и колку често купува. Повозрасните генерации купуваат поретко и складираат некои основни производи, додека помладите потрошувачи се префрлија на купување преку интернет. Сето тоа имплицира и промена на начинот на работење на малопродажните трговци и на брендовите. Оваа нова норма ги крои професионалниот и приватниот живот, начинот на кој се движиме, социјалниот живот и активностите за релаксација.
Шест корона-теми
Глобалната мрежа на аналитичари на „Еуромонитор“ идентификува шест теми што влијаат врз FMCG-пазарот.
Идејата за одржливост ја надминува инклузијата на етички квалификации и еколошки проблеми (загадување со пластика и климатски промени) кон похолистички пристап, кој има цел да создаде социјална, еколошка и економска вредност. Од аспект на бизнисите, тој премин од профитот кон остварување на целта се случуваше и пред појавата на Ковид-19, но глобалната здравствена пандемија дополнително го зголеми интензитетот.
Ставот на потрошувачите кон темите за одржливост се менува и корпорациите реагираат на пандемијата ставајќи ја целта на прво место, истовремено заштитувајќи ја тројната крајна линија (социјална, еколошка и финансиска).
Потрошувачите ги редефинираат и ги приспособуваат дневните рутини додека остануваат дома подолго време, дополнително зајакнувајќи голем дел од трендовите што се појавија пред Ковид-19, поврзани со разонодата во домот (hometainment) и дигиталните искуства.
Експанзијата на групата искуствено ориентирани купувачи создава стратешки можности за производите и услугите – од персонализиран ексклузивен луксуз, велнес-рутини и гурмански искуства, до понатамошна дигитализација на образованието и разонодата.
Во оперативна и потрошувачка средина што рапидно се менува, трговците и потрошувачите го одбегнуваат ризикот и го намалуваат апетитот за експериментирање.
Појавата на Ковид-19 го забрза порастот на е-трговијата, услугите „клик & колект“, безготовинското плаќање, самонаплатните каси и испораката на производи директно до потрошувачите (D2C). Рестрикциите во малопродажбата за време на пандемијата брзо го следеа преминот кон дигиталната дистрибуција.
Операциите на трговците и побарувањата на потрошувачите поттикнуваат многу нови стратегии кај FMCG-компаниите. Како ќе се промени малопродажбата сега, за шест месеци или за една година и како компаниите треба најдобро да се позиционираат за да ги задоволат потребите на потрошувачите?
На зенитот од пресвртот пред пандемијата, велнес-движењето означи една голема промена на парадигмата, која ги предизвика лидерите да ги преиспитаат сопствените стратегии и да ги погледнат работите од нов агол.
Се зајакнуваат примарните аспекти на оптималното здравје во најчиста форма и се усвојува холистичкиот пристап, кој ги опфаќа духовното и физичкото здравје. Менталната и емоционалната благосостојба заземаат централно место, а поимот среќа добива опиплив комерцијален изглед.
Дигиталните и технолошки решенија за самогрижа добиваат дополнително значење во превентивното здравје, заедно со јакнењето на имунитетот, ослободувањето од стресот и производите за смирување и релаксација. Нутриционистичките навики се свртуваат кон природно здрави и функционални алтернативи, кои го поддржуваат концептот „во здраво тело, здрав ум“. Акцентот повторно е на домот, како здравствен центар што овозможува домашна терапија, но и кон хигиената и здравите практики за готвење.
Во оперативна и потрошувачка средина што рапидно се менува, трговците и потрошувачите го одбегнуваат ризикот и го намалуваат апетитот за експериментирање.
Ерата на коронавирусот го наруши „нормалниот бизнис“ за компаниите што произведуваат FMCG-производи и обезбедуваат потрошувачки услуги. Тоа доведе до брзо менување на оперативната и потрошувачка средина. Со оглед на тоа што трговците и потрошувачите сè повеќе се држат подалеку од ризикот, што значи тоа за занаетчиските брендови, новите производи и за протокот на иновации? Кои се новите јадра на вредности и карактеристики на кои ќе се фокусираат брендовите?
Според аналитичарите на „Еуромонитор“, иновациите ќе бидат водени од побарувачката на состојки за зајакнување на имунитетот и здравјето, за кои потрошувачите ќе бидат расположени да платат повеќе.
Начинот на кој потрошувачите работат, купуваат, јадат, пијат и се разонодуваат ќе биде детерминиран од долготрајната изолација во домот и „ризикот од страв“. Зголемувањето на бројот на луѓето што работат од дома ќе значи и подем на разонодата во домот – готвење, јадење, социјализација и дружење.
Купувањето, исто така, во голема мера ќе се прави од дома, а далечинското учење, онлајн-игрите и безготовинските плаќања ќе се зголемат или ќе станат норма. Потрошувачите ќе го променат начинот на размислување, што ќе предизвика намалено трошење на несуштински производи и антипретенциозност. Фокусот ќе биде на себеси и семејството, на превентивното и имунолошкото здравје. Компаниите ќе се стремат да ја одржат вредноста на продажбата, во услови кога потрошувачите ќе бидат во рецесивна ера, со намалени дискрециски приходи.
Прогнози
Годинава очекуваме трошоците на потрошувачите да се намалат за 5,2% по жител на глобално ниво и до 2022 година да не се вратат до нивото од 2019 година. Тоа ќе биде далеку под нивото што се очекуваше пред да настапи кризата со Ковид-19.
Контракцијата на трошењето јасно ќе се одрази на FMCG-пазарите, при што потрошувачите ќе ги преоценуваат сопствените приоритети, слично како што направија по глобалната финансиска криза од 2008 година.
Повеќето од актуелните теми претставуваат продлабочување на трендовите што веќе беа присутни. Голем прашалник виси над иднината на иновациите, како резултат на сè поголемата аверзија на трговците и на потрошувачите кон ризикот.
Кои ќе бидат новите основни вредности и карактеристики на кои брендовите повторно ќе се фокусираат?
Се чини дека здравјето и вредноста ќе станат клучните приоритети.
ЕВОЛУЦИЈА НА FMCG-ПАЗАРОТ
Здравје, убавина и мода
Пијалаци и тутун
Храна и исхрана
Дом и технологија
Сервиси и начин на плаќање
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.